Почетна » Некатегоризирано » СОНЧАНИЦАТА И ТОПЛОТНИОТ УДАР МОЖАТ ДА БИДАТ ФАТАЛНИ ВНИМАТЕЛНО НА СОНЦЕ!

СОНЧАНИЦАТА И ТОПЛОТНИОТ УДАР МОЖАТ ДА БИДАТ ФАТАЛНИ ВНИМАТЕЛНО НА СОНЦЕ!

Сподели

Со нетрпение го очекуваме летниот период кога одиме на море, планина, езеро или едноставно повеќе време поминуваме надвор. Но и покрај неминовната забава што го следи летото, треба да знаеме дека топлото време може да предизвика и сериозни последици по нашето здравје и да предизвика сончаница и топлотен удар. Тоа се две различни состојби кои понекогаш можат да бидат и закана за нашите животи.

ДОЛГОТРАЈНАТА ИЗЛОЖЕНОСТ НА СОНЦЕ МОЖЕ ДА ПРЕДИЗВИКА СОНЧАНИЦА

Д-р Марија Гашоска, невролог, објаснува дека сончаница е состојба што настанува по подолготрајно (повеќечасовно) и директно изложување на главата на интензивни сончеви зраци. Механизмот на оштетување е преку прегревање, вазодилатација (ширење на крвните садови) и термичка повреда на мозочното ткиво. Сончаница може да добиете во летниот период, при спортување или работа на отворено (градежништво, земјоделство) или при предолга изложеност на сонце на отворено море, најчесто во периодот помеѓу 11 и 16 часот. Поранлива група граѓани за сончаница се децата и постарите, лица кои имаат поретка коса или ќелавост, лица кои имаат поголем физички напор во тек на изложеноста на сонце или се дехидрирани, лица кои се под дејство на алкохол во моментот и лица чиј организам е веќе исцрпен од постоечка болест.

ОД ЛЕСНИ СИМПТОМИ ДО ФАТАЛЕН ИСХОД, РЕАГИРАЈТЕ НА ВРЕМЕ

Симптоми на сончаницата се изнемоштеност и зашеметеност, главоболка, црвена кожа, забрзан срцев пулс (тахикардија), зуење во уши (тинитус), покачена телесна температура, гадење и повраќање кое не дава чувство на олеснување. Подоцнежни, но и алармантни симптоми кои можат да се јават се халуцинации, вкочанетост на врат, грчеви, губење на свеста и кома. Во тој случај мора да побарате ургентна медицинска помош, бидејќи крајниот исход може да биде и смрт. Доколку некое лице во вашата близина има сончаница треба да го однесете во поладна и затемнета просторија, да го ставите во лежечка состојба и да го ладите – доволно е и попрскување со вода на собна температура. Исто така, се препорачува да му дадете вода во која ќе ставите малку сол. Доколку состојбата не му се стабилизира брзо, повикајте стручна помош.

ТОПЛОТНИОТ УДАР НАСТАНУВА ОДЕДНАШ, ТЕМПЕРАТУРАТА НА ТЕЛОТО СЕ ИСКАЧУВА НАД 40 СТЕПЕНИ

Топлотен удар е акутна состојба, која настанува одеднаш и без најава поради нарушена терморегулација во организмот. За разлика од сончаницата, не мора да бидете на отворен простор и директно изложени на сонце, туку да имате долготрајни активности во прегреани и влажни услови, на отворено или затворено. Температура на телото се зголемува и до над 40 степени и може да прогресира во шокова состојба. Механизмот на оштетување е токму преку нарушената внатрешна терморегулација, односно организмот не може да одржи нормална телесна температура како одговор на наглото и прекумерно покачување на температурата. Склоност кон топлотен удар имаат лица кои работат во прегреани услови (пекарници, возачи, лица во топилници), деца, спортисти кои подолго тренираат на отворено или се изложени на повисоки температури. Симптомите на топлотен удар се слични на сончаницата – вртоглавица, црвена, сува или испотена кожа, главоболка, покачена телесна температура, брз срцев пулс (тахикардија), брзо дишење (тахипнеа), замор и изнемоштеност, гадење и повраќање кое не дава олеснување. Симптоми кои навестуваат лоша прогноза и се медицинска итност се грчеви, промени во нивото на свесност (кома) или содржината на свесноста (халуцинации, агитација, конфузност).

РАЗЛАДУВАЊЕ НА ТЕЛОТО Е ПРВА ПОМОШ, ЗАБРАНЕТО Е ТУШИРАЊЕ СО ЛАДНА ВОДА

На лицето кое е жртва на топлотен удар ќе му помогнеме ако го трансферираме во темна и поладна просторија или на ладовина и сенка, го разладуваме со ладни облоги по тело (чело, врат, препони, рачни зглобови и делот зад колената), му даваме да пие вода, никако алкохол или благи напитоци. Доколку е можно, се следи телесната температура со мерење сè додека не дојде медицинската помош. Секогаш бараме стручна помош ако се сомневаме на топлотен удар. Не смееме пациентот да го тушираме со ладна вода или нагло да ја симнуваме телесната температура. Доколку лицето е во бесознание, не му даваме да пие на уста, само се врти во бочна положба. И по пружената стручна помош, пациентите во следните неколку часови може да имаат главоболки, осетливост на светлина и звуци, раздразливост и нервоза и затоа им треба одмор во пријатни услови.

ИЗБЕГНУВАЊЕ ДИРЕКТНА ИЗЛОЖЕНОСТ НА СОНЦЕ И РЕДОВНО ПИЕЊЕ ТЕЧНОСТИ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА

Превенција од сончаница и топлотен удар се постигнува со избегнување на директна изложеност на сонце во период од 11 до 16 часот, носење шапки, шешири и очила за сонце, креми за лице и тело со заштитен фактор, лесна облека од природни материјали, консумирање вода во поголеми количини (секогаш имајте шише вода со себе), избегнување физички активности (спорт и работа) директно на сонце и избегнување пиење алкохол. Со примена на овие мерки, може безгрижно да уживате во летото и топлото време до есента.

Најди доктор Закажи преглед Контакт