Нискиот крвен притисок или хипотензија не е секогаш лесно да се препознае и најчесто кај некои луѓе дури и не предизвикува никакви очигледни симптоми. Сепак, понекогаш нискиот крвен притисок може да биде опасен по живот, па кардиолозите предупредуваат дека е добро навреме да се внимава и на најсуптилните предупредувачки знаци.
Според д-р Златана Петковска, специјалист по кардиологија од одделот за кардиологија во Клиничка болница „Аџибадем Систина“, причините за низок крвен притисок можат да бидат навистина различни и да се движат од идиопатски, дехидратација до сериозни медицински состојби. Важно е да се открие што го предизвикува нискиот крвен притисок за да може да се лекува, доколку е потребно. Хипотензија претставува низок крвен притисок со вредности пониски од 100 со 60 мм живин столб, измерен повеќепати во амбулантски услови со постоење на симптоми.
Но, како да препознаете дека имате низок крвен притисок?
Д-р Златана Петковска ги споменува следниве симптоми:
• заматен или слаб вид
• замор
• гадење
• вртоглавица или зашеметеност
• загуба на свеста
• проблеми со концентрацијата.
Иако секој од овие симптоми е неспецифичен и не мора да значи дека имате низок крвен притисок, доколку тие не исчезнуваат долго време или се појавуваат континуирано, лекарите препорачуваат да се проверите. За некои луѓе, нискиот крвен притисок може да биде знак за основна здравствена состојба, особено кога тој ненадејно опаѓа или се појавува со одредени симптоми.
ПРЕГЛЕД КАЈ КАРДИОЛОГ
За луѓето со хипотензија, целта е да се покачи вредноста на крвниот притисок и да се редуцираат симптомите, се препорачува зголемен внес на течности, сол во исхраната, физичка активност, а во исклучителни случаи медикаментозна терапија. Затоа се препорачува пациентите најпрво да направат основен кардиолошки преглед кој подразбира еден разговор со кардиолог, аускултација на срце и ЕКГ, со цел да открие дали пациентот има некои ризик-фактори и дали има знаци за некое кардиоваскуларно заболување. Доколку пациентот има знаци за кардиоваскуларни заболувања, се оди до дијагностицирање на болеста, односно се преминува кон дополнителни кардиолошки доиследувања (ехокардиографија, 24 АБП, коронарен стрес-тест, 24- часовен холтер за ритам…), со цел соодветен третман и секако препораки за редовни кардиолошки преглед.
Во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ работи тим на искусни неинвазивни кардиолози, интервентни кардиолози и електрофизиолози, со што се опфатени сите сегменти на кардиолошката проблематика. Нашиот искусен тим во секојдневната работа ги промовира мерките за контрола на ризик-факторите, како ефикасен начин на превенција и третман на кардиоваскуларни заболувања.