Д-р Никола Панчевски е докажан гинеколог акушер, кој зад себе има 35-годишно искуство. Тој е директно вклучен во реализацијата на двата историски проекти во приватното здравство во Македонија – отворањето на првата приватна болница за гинекологија и акушерство „Мала Богородица – Систина“ во 2001 година и отворањето на првата приватна клиничка болница „Систина“ во 2010 година. Според него, за ваквите проекти да станат реалност биле потребни многу храброст, посветеност, мудри одлуки и добра организација.
Д-р Панчевски е првиот медицински директор на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, кој учествувал во креирањето на болницата од бизнис-план до реализација. По повод 15-годишнината од отворањето на болницата, со него разговаравме за клучните фактори што овозможија „Аџибадем Систина“ да стане лидер во здравството во регионот.
„Мене тогаш лично ми беше мотото дека треба да направиме болница во која ќе можеме да се лекуваме ние и нашите семејства. Од отворањето на болницата, за само 6 месеци профункционираа сите предвидени проекти, тоа е светски рекорд. Тоа беше така зашто бевме екстремно посветени. Она што е најважно е дека ја создадовме со многу љубов, посветеност и размена на идеи и размислувања. ‘Систина’ е мојот животен проект и јас сум емотивно поврзан со сите случувања во болницата“, вели д-р Панчевски.
Вие сте дел од почетоците на создавањето на двата големи проекти поврзани со брендот „Систина“, во 2001 година и во 2010 година. Дали и двата проекта ги започнавте со ист ентузијазам и визија?
Јас лично ги доживеав многу различно. За првиот проект, отворањето на првата приватна специјализизрана болница, „Мала Богородица – Систина“, реално требаше многу храброст, бидејќи покрај медицината, дотогаш никој од нас не се занимаваше со менаџирање на болница, а бевме први во Македонија, немавме од каде да преземеме искуство. Бевме одлична екипа доктори, со многу идеи, многу авангардни проекти, кои ги поделивме меѓу себе. Секој зеде по нешто да организира, многу разговаравме, имавме многу состаноци. Бевме брзи и со голема решителност во тоа што сакаме да постигнеме. Во ист момент имавме многу позитивни критики од колегите, затоа што е пионерски потег. Нормално имаше и такви што не го доживуваа како позитивен момент и тоа е составен дел од секој нов проект, не можеш на сите да им се допаднеш. Поставивме нови стандарди во лекувањето и направивме болница која е пример како треба да изгледа професионална грижа за секоја жена. Од година во година имавме континуиран раст, раст и во обем на работа, но и во обем на услуги, кои можевме да им ги понудиме на пациентите.
Со текот на годините, следуваа голем број успеси во гинекологијата и акушерството, а бевме и пионери во асистираната репродукција во тоа време. Ја добивме довербата од огромен број пациенти. Ние реално во таа болница ги исцрпивме сите можности на развој, како просторно така и во делот на услугите, бидејќи буквално правевме сѐ во областа на гинекологијата и акушерството со асистирана репродукција.

Се постави прашањето – што понатаму? Откако ги развивме гинекологијата и акушерството, кај нас се роди идеја да ги воведеме и сите други специјалности. Уште пред 2009 година, Илија Камчев беше промотор на таа идеја да се префрлиме во просторот во кој сега функционира „Аџибадем Систина“, кој постоеше, но требаше да се пренамени во болница. Одеднаш тоа стана голем проект. Мене тогаш лично ми беше мотото дека треба да направиме болница во која ќе можеме да се лекуваме ние и нашите семејства. За мене тоа беше огромен ентузијазам. На самите почетоци, г. Јордан Камчев кој активно учествуваше во проектот, ни даде креативна слобода во изборот што сѐ ќе развиваме од медицинските гранки. Тогаш требаше ние да видиме и да го истражиме детално пазарот, што точно недостасува во приватниот сектор за да може воопшто да се пласира како услуга. Втор момент беше да се избере опремата, во која се ангажираа многу луѓе. Набавивме исклучително добра медицинска опрема, најдобрата што можеше да се најде на пазарот тогаш. И последниот предизвик што за мене беше најизискувачки беше изборот на лекари. При формирањето на клиничката болница, од нецели 200 луѓе прераснавме во тим што броеше околу 560 луѓе. Се сеќавам дека во еден ден, пријавивме во работен однос 300 луѓе. Уште еден предизвик беше да се постави болничкиот информатички систем, така што од старт направивме дигитална болница. Ние бевме првата болница што имаше комплетен информатички систем, вели д-р Панчевски.
Од поставувањето на темелите до ден-денес „Аџибадем Систина“ постојано расте. Во 2012 година потпишавме договор за афилијација со најмоќната турска здравствена групација „Аџибадем“, а веќе во следната година „Аџибадем“ стана наш партнер. Јас од старт бев убеден дека идејата за прва приватна клиничка болница ќе функционира. Имавме исклучително добра селекција на лекари, мајстори на својот занает. Изградивме стабилен систем, кој понатаму само се надградуваше. Денес сум презадоволен со тимот кој во моментот работи во болницата, вели д-р Панчевски.

„Аџибадем Систина“ има повеќе од милион регистрирани пациенти. Како се добива нивната доверба?
Mислам дека зад секој успех, во која било област, стои посветеноста. Нормално дека треба човек да е вреден да учи и да се надградува. Кај нас цело време провејува стремежот да бидеме што подобри и подобри. Постојано правиме анализи и го следиме задоволството на пациентите. Доколку има некаков проблем, веднаш гледаме како да се надмине. Целта ни беше да го поставиме пациентот во фокусот на нашата грижа, да го скратиме времето на чекање и задржување на пациентите низ болницата, да има еден непречен тек и во тие континуирани напори имавме сѐ подобри решенија. „Систина“ е гигант, прво по капиталот во знаење, имаме брилијантна екипа лекари, во процес сме на подмладување на екипата, имаме исклучително квалитетна и најмодерна опрема и покрај тоа, не престануваме да размислуваме како уште можеме да се надградуваме и да бидеме подорби. Имаме огромен спектар на услуги, кои ги испорачуваме со доминација на минимално инвазивни интервенции, кои ги скратуваат болничкиот престој и заздравувањето на пациентите. Мило ми е што овие наши стремежи ги препознаа пациентите и го доверија најскапоценото нешто на нас, а тоа е здравјето, вели д-р Панчевски.
Инвестиција во човечки капитал, едукации и иновации се идните планови на болницата Имаме огромен капитал во човечки ресурси. Она што го немавме во 2010, а сега го имаме, се сите придружни служби, кои одат со здравствената дејност – сѐ се тоа елементи што нѐ направија уште подобри. Во план се континуирани едукации за целиот персонал: докторите, медицинските сестри и придружниот персонал. Гледаме да селектираме млади талентирани луѓе кои сакаат да продолжат да учат и да се усовршуваат. За да останете авангарден и прогресивен, мора да следите што се случува со технолошкиот напредок во медицината. Во дел од идните планови е набавка на опрема, која многу блиску нѐ носи во корелација со вештачката интелигенција. Болничкиот информатички систем ќе добие најнова верзија што ќе овозможи олеснување во работата на сите служби. Сите идни планови се насочени кон тоа да ја задржиме позицијата на лидери во регионот и да ја понудиме најдобрата медицинска грижа за нашите пациенти, објаснува д-р Панчевски.

Покрај менаџерската улога во „Аџибадем Систина“, Вие сте докажан гинеколог акушер со 35 години искуство, од каде љубовта кон оваа област?
Уште од дете сакам да бидам опркужен со луѓе, едноставно ги сакам луѓето и сакам да им помогнам. Се запишав на медицинскиот факултет, но тогаш немав посебна желба за некаква специјалност, сѐ додека не дојдов до крајот на студиите, кога ми останаа уште 3 испити меѓу кои и гинекологија и акушерство. Тогаш имаше еден учебник за гинекологија и акушерство од германски автор, кој го прочитав како бестселер, за 3 дена и 3 ноќи. Читајќи го, сфатив дека ми лежи оваа наука, дека ја познавам и дека ова сакам да го работам. Моите почетоци се на државната клиника за гинекологија и акушерство, каде што на почетокот волонтирав, а потоа и специјализирав. Во меѓувреме имав супспецијалистички престој во Словенија, кој ми отвори други можности. За да ја усовршиш областа со која се занимаваш, многу е важно да имаш добри учители. Јас имав одлични учители, кои знаea како да ти ги пренесат љубовта и знаењето кон науката.
Најсреќни моменти во животот ми беа кога се родија моите две деца Игор и Ивана. Мојата професија бараше многу голема посветеност, а тоа значеше отсуство од семејниот дом. Најголемата поддршка секогаш ја имам од сопругата Елена, која комплетно ги презема обврските околу домот и целата организација околу децата.
Татко ми беше невропсихијатар и тој е воедно првиот лекар во семејството Панчевски, јас сум вториот лекар, а истата љубов кон медицината ја наследи и мојот брат кој е максилофацијален хирург. Желбата да станеме лекари беше сосема слободна, без некакво оптоварување дека мора да го наследиме татко ми. Истата таа слобода ја имаа и моите деца, кои знаеjа дека ја имаат нашата поддршка за што и да се одлучат. Синот Игор се одлучи за медицината, тој е офталмолог, а ќерката Ивана е магистер по правни науки.