М-р доктор Митко Караѓозов е еден од најуспешните хирурзи во нашата земја. Зад неговото долгогодишно искуство стојат илјадници излекувани пациенти. Она по што најмногу го паметат пациентите се неговата непосредност и умешност како на наједноставен начин да им ја објасни болеста со која се соочуваат и за него велат дека е врвен професионалец, но пред сѐ, човек со големо срце.
Д-р Караѓозов припаѓа на третата генерација хирурзи во семејството Караѓозови, а неговиот дедо Панче Караѓозов е еден од основачите на хирургијата во Македонија. Неговите мајка и татко не биле доктори, татко му бил инженер агроном, а мајка му економист. Постојано бил опкружен со животни, па оттаму и првичната желба да се занимава со ветерина, но во тоа време немало ветеринарен факултет во Скопје, имал дилема помеѓу архитектура или медицина, но на крајот сепак се одлучил за медицината.

„Можам да кажам дека имав среќа да се едуцирам од врвни учители, кои беа почитувани и ценети на Медицинскиот факултет во Скопје, кој во тоа време беше високо рангиран во Европа. Тие луѓе знаеја да им ја пренесат љубовта кон медицината на студентите и тоа беше време во кое имаше многу комуникација меѓу професори, асистенти, студенти, пациенти. Во трета година требаше да подготвам студентски научен труд на Одделот за торакална и васкуларна хирургија, кој бараше голема посветеност, многу работа со пациенти, во амбуланта и во операциона сала. И некако сето тоа ме понесе. Знаев дека ова е тоа што сакам да го работам. Можам да кажам дека тој труд ми ги отвори вратите на Одделот за торакална и васкуларна хирургија, каде што почнав да волонтирам, а во втората половина на четврта година почнав и да дежурам на одделот. По дипломирањето веднаш се вработив на истиот оддел и целата моја стручна кариера се одвиваше на Одделот за торакална и васкуларна хирургија во Клиничкиот центар во Скопје, каде што директни учители ми беа: проф. д-р Кафтанџиев, проф. д-р Чоланчевски, проф. д-р Чапаревски, проф. д-р Крцковски, проф. д-р Андреев.“
„СО МЕНЕ ЗАПОЧНА ЕДНА ГЕНЕРАЦИЈА ШТО ДЕНЕС ЈА ВОДИ ТОРАКОВАСКУЛАРНАТА ХИРУРГИЈА ВО МАКЕДОНИЈА “
За време на своето 30-годишно работно искуство во Клиничкиот центар, д-р Караѓозов имал можност за доедукација, учествувал на бројни стручни конгреси и симпозиуми.
„Тоа беше едно многу убаво време, но најбитниот дел беше тоа што постоеја програми за едукација во базичните куќи. Секој период од нашата едукација беше врзан со одреден број операции што моравте да ги направите за да одите на следната скала. Имав и едукација надвор од државава. Престојував повеќепати во Швајцарија, во болници во Германија, каде што се работеше тораковаскуларна и кардиоваскуларна хирургија. Како сериозно усовршување е и моето четири и полгодишно работно искуство во Софија, под менторство на проф. д-р Чирков, каде што станав самостоен кардиохирург. За жал, во тоа време не успеа да заживее државната кардиохирургија во Македонија, но тоа беше една силна школа која и денденес ми користи многу.“
Покрај работата во Клиничкиот центар во Скопје, д-р Караѓозов изведувал операции и низ цела Македонија, во помалите центри каде што имало одлични услови за хирургија, а за жал, немало хирурзи.
ВИЕ СТЕ ОСНОВАЧ И ШЕФ НА ОДДЕЛОТ ЗА ТОРАКОВАСКУЛАРНА ХИРУРГИЈА ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ УШТЕ ОД ОСНОВАЊЕТО. КАКО ФУНКЦИОНИРА ОДДЕЛОТ И КОЛКУ СТЕ ЗАДОВОЛЕН ОД ДЕНЕШНА ПЕРСПЕКТИВА?
„Работното искуство од Клиничкиот центар го продолжив во ‘Аџибадем Систина’ каде што секојдневно сум посветен на пациентите. Мојот домен на работа е комплетна васкуларна хирургија, артерии, вени, целата градна хирургија, хирургија на дојка и хирургија на тироидна жлезда. Јас сум човек што ја сака и ужива во работата, па на работа сум буквално од сабајле до вечер. Наутро прегледувам пациенти во амбулантата, попладнето оперирам. Низ годините бројкaтa на пациенти се зголемува, а самото тоа кажува дека се работи квалитетно и дека афирмацијата на одделот е благодарение на пожртвуваноста и квалитетот на услугата што се дава. Мојот поранешен шеф, проф. д-р Кафтанџиев, велеше дека еден задоволен пациент ќе ви донесе цело село, а еден незадоволен пациент ќе ви однесе три села. И тоа е мојата девиза. На секој пациент му се посветувам максимално, му објаснувам во детали за неговата состојба и за тоа каков третман е потребен. Потоа максимално се вложуваме во неговото лекување и заедно со нашата поддршка и со поддршката од неговото семејство, успеваме да пребодриме и најтешки ситуации. Среќен сум што благодарение на идејата на Јордан Камчев, ‘Аџибадем Систина’ прерасна во една сериозна здравствена институција, која им дава шанса за живот и на најтешко болните пациенти. За жал, многумина од пациентите кај нас доаѓаат во терминална фаза, во фаза кога болеста е доста напредната, но со нашето знаење и врвни услови успеавме да им дадеме втора шанса за живот.“
СОПРУГАТА СВЕТЛАНА Е СТОЛБОТ НА СЕМЕЈСТВОТО КАРАЃОЗОВИ
Работата и семејството се императив за д-р Митко Караѓозов. Поддршката од неговото семејство е најважното нешто, бидејќи неговата професија бара огромна жртва и отсуство од домот. За неговата сопруга тој вели дека е столб на семејството и дека максимално била посветена во растењето и воспитувањето на синот Илин.
„И јас и мојата сопруга имавме успешни кариери кога се зедовме, потоа се роди Илин, почна да расте и во еден момент сфативме дека еден од нас треба да преземе одговорност за растењето и воспитувањето на детето, за да не го преземе улицата, која во тоа време стануваше сѐ поопасна и генерално, одговорност за сите обврски околу домот и семејството. Светле се откажа од својата кариера за да се посвети на нашето семејство и затоа велам дека таа е нашиот столб. Сега Илин има 28 години и го исполни сонот што го имаше уште во 6. одделение, кога ни кажа дека сака да биде физичар. Беше примен на голем број светски универзитети, а тој се одлучи да студира на „Bristol University“ каде што има нобеловци од областа на физиката и таму во рекордно време, со извонредни резултати и со врвен успех, дипломираше и магистрираше. Од Англија отиде во Германија на „Mainz University“ и таму работеше. Моментално е во Скопје, но работи за американска компанија. Како родители, Светле и јас сме премногу горди на сето тоа што тој денес го има постигнато и остварено, и не само што го оствари туку го оствари сам.“


НАЈДОБРАТА ИНВЕСТИЦИЈА ВО ЖИВОТОТ СЕ ПАТУВАЊАТА
Д-р Караѓозов вели дека има многу малку слободно време, но секогаш кога може, тој го користи со семејството за да посетат некоја нова дестинација.
„Шетањето и запознавањето нови краишта, нови култури, нови нешта те исполнуваат и те прават да бидеш како човек побогат. Јас немам премногу време, но секој слободен момент сме го користеле за шетање. Покрај шетањето, читањето книги ме исполнува и ме прави среќен. Исто така, уживам со животни. Дома секогаш имаме по две кучиња. Досега никогаш не сум чувал мачки, но еве сега имаме две кучиња и два мачора. Со кучињата шетам во природа. Имам куќа во Маврово и се трудиме да одиме таму што почесто. Местото е прекрасно и навистина уживаме таму“, вели д-р Караѓозов.