Остеопорозата е прогресивно метаболичко заболување на коските кое ја намалува густината на коските, а тоа води до појава на скршеници по мала траума, особено на градните и слабинските прешлени, како и на подлактниците и особено колковите. Проф. д-р Татјана Миленковиќ, специјалист по ендокринологија, вели дека како резултат на остеопороза, во светот се случуваат до 37 милиони скршеници годишно кај поединци на возраст над 55 години, што е еквивалентно на 70 скршеници во минута. Иако ниската коскена густина проценета со дензитометрија носи зголемен ризик за скршеница, проф. д-р Татјана Миленковиќ вели дека повеќето скршеници се јавуваат кај жени во постменопауза и постари мажи без дензитометриска дијагноза на остеопороза. Ова зборува за недоволен скрининг за остеопороза кај најчувствителната популација – жени над 65 години и мажи над 70 години.
Една од три жени постари од 50 години ќе доживеат остеопоротична скршеница, како и еден од пет мажи на возраст над 50 години. Болеста погодува приближно 6,3% од мажите на возраст над 50 години и 21,2% од жените во истата возрасна група на светско ниво. Врз основа на светската популација на мажи и жени, ова сугерира дека може да бидат погодени приближно 500 милиони мажи и жени ширум светот. Речиси 75% од фрактурите на колкот, ’рбетот и дисталната подлактница се јавуваат кај пациенти постари од 65 години.
ПРИМАРНА И СЕКУНДАРНА ОСТЕОПОРОЗА
Остеопорозата може да се подели во две широки категории – примарна и секундарна остеопороза. Примарната остеопороза (почеста кај жените) е најчестата форма на заболување и вклучува: постменопаузална остеопороза (најзастапен); остеопороза асоцирана со напредната возраст; идиопатска остеопороза, која ги засега предменопаузалните жени и средовечните мажи. Секундарната остеопороза, пак, е почеста кај мажите, а се нарекува секундарна затоа што е предизвикана од претходно познато заболување, кое доведува до загуба на коскената маса (воспалителни заболувања, нарушувања во клетките на коскената срцевина, ендокрини нарушувања на коскеното ремоделирање, остеопороза предизвикана од лекови). „По 30-тите години полека се зголемува загубата на коскена маса и коскената градба се намалува. Дали некој ќе развие остеопороза зависи од густината на коската во младоста, како и од општото здравје, исхраната и физичката активност во сите возрасти. Кај жените загубата на коскената маса се зголемува во менопаузата кога се намалуваат естрогените хормони, а кај мажите постепено намалување на густината на коската започнува околу 45-50 години кога продукцијата на тестостерон се намалува. Остеопорозата вообичаено не ги засега луѓето до 60-годишна возраст, но жените се засегнати порано бидејќи тие имаат помала коскена маса“, објаснува д-р Миленковиќ.
КАКО СЕ ДИЈАГНОСТИЦИРА
Дијагноза на остеопороза се прави со одредување на минералната густина на коската со т.н. дензитометрија или DEXA, што претставува златен стандард за дијагностицирање на остеопорозата. Тестот е брз и безболен, сличен на рендгенграфија, но со многу помало озрачување.
КАЛЦИУМ И ВИТАМИН Д ЗА ЗДРАВИ И ЦВРСТИ КОСКИ
За превенција и лекување на остеопороза, основни се советите за исхрана и физичка активност со доволен внес на калциум и витамин Д. За остеопороза препорачан внес на калциум и витамин Д е дневен внес на 800-1200 мг калциум (преку храна и додатоци) и 800-2000 ИЕ витамин Д за жени во менопауза со остеопороза, при што нивото на витамин Д во крвта да се одржува над 60 nmol/l. „Покрај супституција со овие суплементи и строга контрола на нивното ниво во крвта, во светот постојат, а и во нашата земја се достапни, многу ефикасни лекови кои не само што ја запираат загубата на коскената маса туку можат да доведат и до нејзино зголемување. Овие лекови секако се даваат по претходно направена проценка и одлука на лекарот кој ве води“, објаснува д-р Миленковиќ.
СОВЕТИ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА НА ОСТЕОПОРОЗА
- Јадете повеќе овошје и зеленчук, вклучувајќи производи од соја.
- Хранете се така да добивате доволно минерали за здрави коски.
- Намалете го внесот на алкохол.
- Избегнувајте газирани напитоци и ограничете го земањето кофеин.
- Намалете внес на сол.
- Ограничете внес на месо кое поттикнува загуба на калциум.
- Јадете многу производи богати со витамин A, витамин К и витамин Д3
- Прекинете со пушењето! y Движете се редовно и практикувајте физичка активност.
- Избегнувајте стрес.
- Изложувајте се на сонце, но внимателно бидејќи претерано изложување на сонце може да предизвика рак на кожата.
Клиничката болница „Аџибадем Систина“ располага со апаратура за дијагностика на остеопороза според врвни стандарди. Дополнително, се следат сите протоколи за третман и се препишуваат најнови лекови, по индивидуализиран пристап. Д-р Миленковиќ советува да не чекате, превенцијата и скринингот за остеопороза може да доведат до навремено дијагностицирање на остеопороза и превенција од скршеници!