ПРАВИЛЕН ИЗБОР И УПОТРЕБА НА КРЕМ СО ЗАШТИТЕН ФАКТОР

Правилната употреба на кремoт за сончање е од суштинско значење за заштита на кожата од штетното влијание на ултравиолетовите зраци и го намалува ризикот од појава на изгореници, предвремено стареење и рак на кожата. Д-р Весна Пљакоска, специјалист по дерматовенерологија, вели дека сонцето нѐ потсетува дека кремовите со заштитен фактор не се само естетска туку и здравствена потреба, но она што треба да се потенцира е дека заштитата од штетните сончеви зраци е важна во текот на целата година. Едно лице може да добие изгореници и кога времето е облачно, бидејќи висок процент на ултравиолетови зраци продира низ облаците. Затоа луѓето треба да ја заштитат својата кожа со употреба на кремови со заштитен фактор исто како во текот на сончевите денови.

„Кремот со заштитен фактор е еден од најдобрите и најлесни начини за заштита на изгледот и здравјето на вашата кожа, без оглед на возраста. Летото е незамисливо без употреба на заштитен фактор, но главна препорака е кремовите со заштитен фактор да се нанесуваат секојдневно преку целата година. Нивната употреба треба да премине во навика, а особено во пределот на лицето и тоа не само преку летото туку и во постудените месеци, иако УВ-индексот тогаш е многу помал“, вели д-р Пљакоска.

На пазарот се достапни разни производи погодни за сите типови кожа од различни брендови. Меѓутоа, при изборот на крем со заштитен фактор, од суштинско значење е да се земат предвид: типот на вашата кожа, нивото на потребната заштита, составот на производот и формулацијата што најмногу одговара на вас и на вашиот начин на живот. Д-р Пљакоска вели дека е особено важно да се обрне внимание дали избраниот производ штити од УВА и од УВБ зраци бидејќи крем што ве заштитува само од еден од двата типа зраци нема да ви обезбеди целосна заштита. Затоа е потребно да се одбираат квалитетни производи за заштита од сонце, кои имаат комбинација од УВА и УВБ-заштита од сонце. „УВА-зраците се сметаат за зраци од кои почнува предвременото стареење на вашата кожа, предизвикувајќи брчки и хиперпигментации, а УВБ-зраците се оние што предизвикуваат изгореници по телото. Сепак, едно нешто што е заедничко за УВА и УВБ зраците е дека прекумерната изложеност на кој било од нив може да доведе до појава на рак на кожата кај сите типови кожа“, вели д-р Пљакоска. Кремовите со заштитен фактор треба да се нанесуваат 15-20 минути пред изложување на сонце. Ова е доволно време за да може кремот за сончање да се впие во кожата и да бидете сигурни дека може да обезбеди најдобра можна заштита. За целосна заштита, кремот треба да се нанесе на сите делови од телото, кои се изложени на сонце, вклучувајќи ги: лицето, вратот, рацете, нозете и стомакот. Ако поголемиот дел од времето се поминува на плажа, базен или други површини на отворено, треба да се користи крем со повисок заштитен фактор и да се нанесува почесто, на секои два часа.

ШМИНКА И ЗАШТИТЕН ФАКТОР

Редоследот на примена на производите за нега на кожа и убавина е важен за постигнување на максимална заштита. Кремот со заштитен фактор треба да се нанесе последен бидејќи дејствува како „штит“, кој нѐ штити од штетното влијание на сонцето. Дерматолозите сметаат дека кремот со SPF има најдобро дејство кога се нанесува директно на чиста кожа. Иако има многу брендови што нудат пудри со ознака SPF, сепак, пред употреба на пудра, пожелно е да се нанесе крем со заштитен фактор за поголема заштита. Кремовите со заштитен фактор треба да се нанесуваат 15-20 минути пред изложување на сонце.

ЧЕТИРИ ПРИДОБИВКИ ОД УПОТРЕБА НА КРЕМ СО ЗАШТИТЕН ФАКТОР И ЗОШТО ТОА ТРЕБА ДА БИДЕ СЕКОЈДНЕВНА НАВИКА ВО ТЕКОТ НА ЦЕЛАТА ГОДИНА:

1. Ја заштитува вашата кожа од УВ-зраците На кремовите стои кратенката SPF, односно фактор на заштита од сонце и бројка што ја означува нивната ефикасност во блокирањето на ултравиолетовите (УВ) зраци и значително ја намалува веројатноста за појава на изгореници. Повисоките бројки укажуваат на поголема заштита.

2. Го намалува ризикот од појава на рак на кожата Преголема изложеност на УВ-зраци ја оштетува ДНК во клетките на кожата. Ова може да предизвика нивно неконтролирано растење и реплицирање, што доведува до појава на рак на кожата. Кремот за сончање ги блокира УВ-зраците и го спречува оштетувањето на кожата како последица на преголема изложеност на сонце.

3. Го спречува предвременото стареење на кожата Оштетувањето на кожата предизвикано од штетното влијание на УВ-зраците предизвикува фотостареење на кожата, кое се карактеризира со промена на бојата, разградување на колагенот, што придонесува за појава на фини линии, опуштеност и појава на брчки.

4. Го намалува ризикот од хиперпигментација и мелазма Со прекумерното изложување на сончевите зраци, доаѓа до појава на хиперпигментации, нивно потенцирање, појава на старечки пеги, мелазма и потенцирање на поствоспалителни хиперпигментации. Секој, вклучувајќи ги и луѓето со потемни тонови на кожата, треба да користат крем со заштитен фактор секој ден за да се спречи појава или влошување на овие дамки.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!