ПРОМЕНА НА ЖИВОТЕН СТИЛ ПРВ ЧЕКОР ВО ПРЕВЕНЦИЈА ОД СЕРИОЗНИ ЗАБОЛУВАЊА

Дебелина и прекумерна телесна тежина, атеросклероза, покачен крвен притисок, нерегулирани масти и покачен шеќер во крвта, анемија, хормонален дисбаланс, намалена коскена густина, диспептични тегоби во желудникот, промена на конзистенцијата и честотата на столицата(запек/пролив) со или без примеси на крв и слуз, замастен црн дроб се едни од најчестите нарушувања на здравјето, но од друга страна, истовремено се и ризик-фактори кои може да предизвикаат сериозни здравствени пробеми и заболувања. Диетологот од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, д-р Александра Хаџи Димова, потенцира дека навремената грижа и лекување на здравствените ризик-фактори на кои може да се дејствува е единствената вистинска превенција за да не доведат до посериозни болести и нарушувања, кои задолжително ќе се развијат доколку изостане соодветниот медицински третман. „Предизвикот во превенцијата и лекувањето кај дел од нив е дотолку поголем, бидејќи првата линија на терапија треба да се примени кога нарушувањето на здравјето пациентот најчесто не го чувствува клинички манифестирано или симптомите се малку изразени па тој ги занемарува како состојба која ја толерира и поднесува. Фактот дека нефармаколошката терапија која ја вклучува во прв ред соодветната корекција на исхраната, како и физичката активност обезбедуваат комфор за пациентот од една страна, но многупати е всушност вистинскиот проблем за непридржување кон истата и откажување од советуваните промени во животниот стил. Тоа најчесто е кога нарушувањата се или изразени само преку биохемиски промени во крвта (покачени масти, шеќер во крвта), кај дебелина која се перципира само како естетски проблем или, пак, кога зголемениот крвен притисок пациентот не го чувствува или не смета дека тоа е доволен аларм за негова загриженост“, вели д-р Хаџи Димова. Таа додава дека човечкиот организам при железодефицитната анемија има способност да се адаптира на нефизиолошки вредности кои пациентот ги толерира, иако од анемичниот синдром страдаат сите клетки и органи во организмот и во клиничката презентација кај пациентот има симптоми од различни системи. „Иако нема болка или, пак, симптомите се благо изразени доколку се присутни ризик-факторите, дилема и компромис не треба да има ниту од страна на лекарот за отпочнување со нивен третман ниту од страна на пациентот за консултација со лекарот и потребата од промената на животниот стил во целина“, советува диетологот Хаџи Димова. Проценката на здравствените ризици се прави со лекарски преглед, применливи медицински пракси и стандардни дијагностички процедури.

КАРДИОВСКУЛАРЕН РИЗИК

Кардиоваскуларниот ризик, покрај со анамнестичкиот преглед, се проценува и со редовни медицински иследувања кои дефинираат и мониторирање на телесниот состав кој укажува на постоење телесни масти и центрипетална дебелина. Д-р Хаџи-Димова нагласува дека секоја година околу 17 милиони луѓе во светот умираат од исхемична срцева болест и мозочен удар како последица на проблемите во работата на кардиоваскуларниот систем. Улогата на соодветната исхрана во третманот на кардиоваскуларните болести е детално проучувана во превенцијата, терапијата и рехабилитацијата на истите. Како што појаснува д-р Хаџи Димова, биле проучувани резултати од рандомизирани клинички студии кои се однесуваат на навиките во исхраната и нивното влијание врз кардиоваскуларните болести, пред сè врз метаболиниот синдром, кој вклучува повеќе здравствени ризични ентитети, како покачен крвен притисок (хипертензија), натрупувањето на масни наслаги околу половината и стомакот (центрипетална дебелина), нарушувања на мастите во крвта (дислипидемии) и нерегулирано ниво на шеќер во крвта. „Врз основа на овие резултати донесен е заклучок дека промените во животниот стил кои ќе опфатат хигиено-диететски режим, кондиционирање на мускулатурата, правилно менаџирање на стресот и сонот се првата линија на терапија која ќе спречи метаболниот синдром да е вовед во многу сериозни болести. Затоа задолжително треба да се знаат овие неколку т.н „броеви на здравје“ – висината на крвниот притисок, индексот на телесната маса, вредностите на крвните масти, вредноста на шеќерот во крвта и превентивно на соодветен временски интервал посочен од лекарот да се следат. Тие јасно покажуваат во каква здравствена кондиција е кардиоваскуларното здравје“, вели д-р Хаџи Димова.

 

ИНДЕКС НА ТЕЛЕСНА МАСА ИТМ < 18 18 <ИТМ < 25 25 <ИТМ < 30 30 <ИТМ < 40 ИТМ > 40
РЕЗУЛТАТ Потхранетост Нормална телесна маса Прекумерна телесна маса Угоеност Морбидна (екстремна) угоеност

 

Најдобрата превенција, а со тоа и намалување на стапката на морбидитет и морталитет е регулирање на т.н. броеви на здравје, кои би требало да изнесуваат: Крвен притисок < 140/90 mmHg Индекс на телесна маса < 25 kg/m2 LDL холестерол < 3 mmol/l HgA1c < 7.0 mmol/l „Оттука мерките за различен степен на модификација на животните навики се јасно и цврсто препорачани од европските здруженија како стратегија за интервенција кај пациентите во зависност од степенот на вкупниот кардиоваскуларен ризик“, нагласува д-р Хаџи Димова. Она што треба да го имаат предвид пациентите и што јасно се гледа од порачаните стратегии за третман на дислипидемии е дека без интервенција за промена на животниот стил се само пациентите кои се со низок ризик при вредности за LDL-холестерол помал од 2,5ммол/л. Додека сите останати во зависност од кардиоваскуларниот ризик, како што советува д-р Хаџи Димова, мораат да воведат промени во животниот стил бидејќи токму тие се основа во процесот на лекувањет при низок и умерен кардиоваскуларен ризик, а промените во исхраната ја следат советувана кардиолошка терапија од кардиологот кај висок и многу висок кардиовакулерен ризик Од промените на животниот стил зависи и комплијансата на пациентот кон соодветната терапија. Ризикот за кардиовасуларни болести може да стане експоненцијален при вредности на индексот на телесната маса поголем од 27кг/м2. Кога индексот ќе се стане поголем од 40кг/м2 станува збор за морбидна (екстремна угоеност). „Редукцијата на телесната тежина дури и само за 5-10 % од почетните вредности ја подобрува состојбата со дислипидемиите и позитивно влијае на факторите за ризик. Дефиницијата за центрипетална дебелина која е дадена од Меѓународната федерација за дијабетес укажува дека обемот на половина е во препораките за утврдување на вкупниот кардиоваскуларен ризик и претставува фактор-ризик за коронарна болест и метаболен синдром“, вели д-р Хаџи Димова. Зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања имаат мажите со обем на половина од 94 до 102 cm. Обем над 102 cm се смета за екстремно висок ризик кај машката популација. Кај жените овие вредности се уште помали и со зголемен ризик од појава на кардиоваскуларни заболувања се сметаат жените со обем на половина од 80 до 88 cm, над 88 cm веќе станува збор за висок ризик кај женската популација.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!