ПРВИ СИМПТОМИ НА МУЛТИПЛА СКЛЕРОЗА

Мултипла склероза е заболување на централниот нервен систем, кое во последната декада бележи значителен пораст кај светската популација. Статистиката покажува дека бројот на заболени од мултипла склероза во последните 10 години се покачил за цели 30%. Проценките покажуваат дека на светско ниво на секои 5 минути се дијагностицира нов случај на лице што боледува од мултипла склероза. Д-р Ванчо Георгиев, специјалист по неврологија, вели дека болеста со своите први симптоми и знаци најчесто се манифестира помеѓу 20 и 40-годишна возраст, иако знае да се појави практично на која било возраст. Двапати почесто се јавува кај припадничките на женскиот пол, а во некои региони на светот знае да се појави три до четири пати почесто кај женската во однос на машката популација. Слични се и трендовите во нашата земја каде што статистиките покажуваат дека годишно се дијагностицираат околу 90-120 нови случаи на лица со мултипла склероза. Иако науката сѐ уште нема одговор на прашањето што ја предизвикува болеста, сѐ поголем број веќе завршени и тековни научни истражувања на ова поле потврдуваат дека во основа се работи за имунолошка реакција, каде што имунитетот на една индивидуа од засега непозната причина го напаѓа сопствениот мозок, и тоа како черепниот, така и ‘рбетниот мозок.
„Болеста никогаш нема идентичен почеток и тек кај кои било двајца заболени од мултипла склероза. Симптомите и знаците на болеста зависат исклучиво од тоа кој дел од централниот нервен систем, во дадено време, ќе биде нападнат од имунитетот. Од таа причина, листата на симптоми и знаци преку кои се прикажува болеста е прилично голема. Сепак, во клиничката практика е забележано дека одредени симптоми и знаци почесто се јавуваат како први манифестации на мултипла склероза“, вели д-р Георгиев.

ЗАМАТЕН ВИД ИЛИ ГЛЕДАЊЕ ДВОЈНИ СЛИКИ
Заматувањето на видот е еден од симптомите на мултипла склероза и во голем процент тоа може да биде и прва манифестација на болеста. Се должи на оштетување на оптичкиот нерв и типично се јавува на едното око, со постепен почеток и напредување во период од неколку дена до неколку недели. Може но и не мора да биде придружено со болка во окото. Гледањето двојни слики е друга манифестација на болеста, која се должи на оштетувања во мозочните структури, кои го контролираат движењето на очите. Понекогаш двојните слики се јасно присутни и стануваат поизразени при гледање во одреден правец, а во друг случај знаат да бидат многу дискретни и да се прикажуваат како заматување на видот, кога се гледа само во одредена насока.

ОТРПНАТОСТ НА КОЖАТА НА ЛИЦЕТО, ТЕЛОТО, РАЦЕТЕ ИЛИ НОЗЕТЕ
Ова се едни од најчестите првични манифестации на мултипла склероза. Отрпнатоста обично се доживува како чувство на иглички што боцкаат по кожата, а притоа истовремено се менува осетот за допир, притисок, вибрации, а понекогаш и осетот за топло-ладно или болка на зафатениот дел од кожата, на тој начин што осетот за нив е намален, целосно изгубен или со променет квалитет.

„Зависно од тоа кој дел од нервниот систем е нападнат (‘рбетен мозок или черепен мозок), можни се различни комбинации: отрпнатост на една половина на лицето, отрпнатост на половина лице и половина тело, отрпнатост само на половина од телото со раце и нозе од едната страна или само отрпнатост на едната рака или едната нога. Отрпнатоста на рацете, нозете и телото понекогаш знае да биде придружена со силна болна сензација, налик на електричен удар, кој се шири од вратот кон грбот, рацете или нозете, а се јавува при придвижување на главата нанапред и надолу“, објаснува д-р Георгиев.

МОТОРНА СЛАБОСТ НА РАЦЕТЕ И НОЗЕТЕ
Моторната слабост се изразува преку намалена сила на мускулите и тоа најчесто на едната нога, на ногата и раката од истата страна, а многу поретко со слабост на двете нозе или двете нозе и двете раце истовремено. Слабоста постепено напредува во тек на неколку дена до неколку недели и ретко достигнува степен кога воопшто не може да се придвижи зафатената рака или нога, туку најчесто се прикажува како делумна мускулна слабост. При движење ослабената нога се завлекува или предметите од ослабената рака потешко се држат и лесно паѓаат.

„Мускулната слабост е многу често придружена со вкочанетост – здрвеност на зафатениот дел од телото и во тој случај, можни се повремени спонтани краткотрајни грчеви на мускулите, кои предизвикуваат тој дел од телото да прави краткотрајни неволни движења, кои лицата најчесто ги опишуваат како да им ‘игра’ или да им ‘вибрира’ ногата или раката“, вели д-р Георгиев.

ЗАНЕСУВАЊЕ ПРИ СТОЕЊЕ ИЛИ ДВИЖЕЊЕ И НАМАЛЕНА ПРЕЦИЗНОСТ ВО ДВИЖЕЊАТА НА РАЦЕТЕ ИЛИ НОЗЕТЕ
Овие симптоми и знаци се јавуваат кога ќе настапи оштетување на малиот мозок и понекогаш можат да бидат први манифестации на болеста. Многу често знаат да бидат слабо изразени и доаѓаат до израз само кога лицето треба да направи попрецизни движења, како на пример, стоење на една нога, одење по права линија нога пред нога, фини прецизни движења со раката, како на пример, при вметнување на клуч во брава и слично. Поради нивната притаеност во манифестирањето, често се игнорираат, иако се појавиле значително пред да се јават други симптоми на болеста. Покрај овие, болеста може да се манифестира и со други симптоми и знаци, како што се: општа слабост и чувство на силно изразен замор, потешко изговарање на одредени гласови поради што говорот е послабо разбирлив, вртоглавица, намалена способност за памтење, размислување и разбирање на информациите, промени во расположението, нарушување на сексуалните функции и контролата на мокрење и празнење на цревата, епилептични напади. Сепак, повеќето од овие симптоми се јавуваат обично подоцна во текот на болеста и поретко знаат да бидат прва нејзина манифестација.
„Треба да се истакне дека раното препознавање на симптомите и знаците на болеста, како и навременото нејзино дијагностицирање се од непроценлива важност затоа што на тој начин може навреме да се започне со адекватна терапија, која и тоа како може да го забави, па и да го запре натамошното оштетување на мозокот. Во последните две децении, интензивните истражувања на полето на мултипла склероза придонесоа да се откријат поголем број силно ефикасни лекови, т.н. имуномодулаторни лекови, со кои се постигна значителен напредок во лечењето на оваа болест. Тековно во светски рамки, активни се голем број студии во кои се испитуваат нови лекови од кои добар дел наскоро ќе станат дел од рутинската терапија против оваа болест“, вели д-р Георгиев.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!