Психолошка поддршка по хируршко отстранување на дојката

Едно од најчестите заболувања кај жената, карциномот на дојката, често и покрај современите терапевтски пристапи бара радикално отстранување на дојката. Ова претставува голема физичка и психолошка траума за жената која не може да се преболи без стручна и експертска помош. Психолошкото советувалиште е вистински избор за овој тежок проблем

Како влијае на жената?

Кај оперираната жена се јавуваат промени на перцепцијата на сопственото тело, намалена самодоверба, социјално повлекување, растројства на поле на сексуалноста и различни видови на психолошко страдање.

Помал дел од пациентките краток период по операцијата се враќаат во нормалните животни текови, без поголеми последици, но кај повеќето доаѓа до тешкотии во прилагодувањето  на новонастанатата ситуација.

Промена на сликата за сопственото тело

По отстранувањето на дојката, жената ја чувствува значително нарушена сопствената психолошка „телесна шема“, особено што се работи за дел од телото кој поголемиот дел од жените го идентификуваат со сопствената сексуалност. Тоа драматично може да го измени чувството за сопствениот идентитет кај жената. Во таа смисла, кај жените може да се јави чувство на губиток, а кај некои чувство на тежок инвалидитет, кое ќе се рефлектира во сите сфери на социјалното живеење.

Емоционални импликации

Дури и самото дијагностицирање на карциномот на дојката предизвикува чувства на вознемиреност, страв, депресија и несигурност. Кога жената се соочува со хирушкото отстранување на дојката дополнително може да се јават чувства на беспомошност и бес, но и привремена конфузија. По операцијата, најчесто доминира чувството на тага по загубата на едната или двете дојки. Се јавува вознемиреност и загриженост за здравствената состојба во иднина, за можното повторно враќање на крациномот. Депресивноста може да достигне ниво на клиничка депресија. Самосожалувањето е честа појава по оперативниот зафат.

Социјални импликации

Истражувањата покажале дека веднаш по оперативниот зафат жената има проблеми со прифаќањето на новонастанатата состојба и се наоѓа во состојба на негирање на последиците од операцијата. Тоа е вообичаен психолошки механизамна справување со непријатните промени во животот. Со текот на времето жената почнува да ја прифаќа сопствената ситуација, но самодовербата многу тешко се враќа. „Срамот и саможигосувањето“ резултираат со повлекување и намалување на квалитетот на социјалниот живот.

Сексуални импликации

Отстранувањето на дојката влијае врз женската сексуалност. Жената може да се чувствува помалку привлечна и помалку пожелна по операцијата. Тоа кај неа може да создаде отпор во однос на сексуалниот однос. За некои жени отстранувањето на дојката симболично значи губиток на нивниот идентитет како жена. Обично се јавува страв кај жената дека нема да биде прифатена од сексуалниот партнер, што може многу да влијае на намалувањето на нејзиното либидо.

Како помага психолошкото советувалиште?

Психолошкото советување главно се занимава со справувањето со „стресот на промената“ во смисла на поддршка во прилагодувањето кон новонастанатата ситуација. Кои се елементи го сочинуваат психолошкото советување:

  • Психолошка поддршка која оди во правец на зајакнување на самодовербата;
  • Психолошка помош да се прифати хируршката интервенција т.е последиците од интервенцијата без да се наруши чувството за сопствената вредност како личност;
  • Намалување и сузбивање на чувството на инвалидност, самосожалувањето;
  • Посветување посебно внимание на појавата на чувството на срам, кое често е присутно, а чии корени вообичаено се истрачуваат преку анализа на личната историја, за да може да се направи што поуспешно емоционално зацврстување;
  • Групен третман кој во одредени случаи може да биде од голема полза. Во атмосферата на групата жената ќе почуствува подршка од другите членови на групата, кои преку споделувањето на сопствените искуства ќе и помогнат таа да не се чувствува изолирано со својот проблем

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!