ПУШАЧИТЕ СО ДВОЈНО ПОГОЛЕМИ ШАНСИ ДА ЗАБОЛАТ ОД КАРЦИНОМ НА МОЧЕН МЕУР

Карциномот на мочен меур најчесто се јавува над 65 годишна возраст и се карактеризира со безболно крвавење од урината. Урологот д-р. Даниел Петровски од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ појаснува дека внатрешната површина на мочниот меур е обложена со епителни клетки. Целта на овој слој, вели тој,  е да го заштити мочниот меур од влијание на урината. При карцином на мочниот меур овие клетки почнуваат да се размножуваат неконтролирано и претрпуваат генетски промени.  Најчестите симптоми на карциномот на мочниот меур вклучуваат крв во урина, абдоминална болка,  болка во долниот дел на грбот и иритација на мочниот меур. Карциномот на мочниот меур за 4 пати е почест кај машката, отколку кај женската популација, нагласува д-р. Петровски.

Честите уринарни инфекции како причина за карцином на мочниот меур

Најпознат ризик фактор за појавата на карцином на мочниот меур е пушењето.  Ризикот да заболат од рак на мочниот меур кај пушачите е двапати поголем отколку кај непушачите. На дополнителен ризик за појава на ова болест се изложени и лицата кои работат во индустријата за бои, хемикалии, гума, кожа, производители на текстил, молетри, фризери, машински работници, возачи на камиони. Хроничните инфекции на уринарниот тракт, камен на бубрег и мочен меур, ретки вродени дефекти на мочниот меур, недоволниот внес на течности или консумирање на вода за пиење со арсен  и семејната историја. Д-р. Петровски советува сите оние кои имаат историја за постоење на рак на мочниот меур, биле изложени на канцерогени хемикалии или пак имале состојби на долготрајни и рекурентни иритации на мочниот меур да прават редовни скрининг тестови за рак на мочниот меур. Со ова ќе се помогне во рано откривање на болеста и соодветен третман. Кофеинот кој се наоѓа во кафето, чајот и други производи исто така се смета како ризик фактор и треба да се избегнува. Многу е важно постојано да се пијат течности со што се овозможува полесна екскреција на токсините од уринарниот тракт. Најмалку шест до осум чаши вода како и чаеви и сокови од природно овошје и зеленчук треба да се консумираат секојдневно.

Најсовремени дијагностички процедури во „Аџибадем Систина“  за откривање на болеста

Доколку се забележи некој од симптомите, како крвавење во урината се прават современи дијагностички процедури на мочниот меур. Исто така, во дијагнозата може да помогне и уринарната цитопатологија. А како најдобра метод за оваа дијагноза е цистоскопијата (ендоскопски преглед на мочниот меур со камера). Со помош на цистоскопија се овозможува патолошка дијагноза, а според резултатите од патологија се одредува дали има потреба од дополнителна терапија или третман, појаснува д-р. Петровски.

„Според стадиумот на болеста се одредува и методот на лекување. Без зафатеност на мускулното ткиво на мочниот меур доволно е да се направи трансуретрална операција. Понатаму пациентите се контролираат со цитоскопски преглед кој се прави во одредени интервали. Следењето е многу важно бидејќи туморите може да се повторат во 75% во првите две години. Кај високоризичните тумори треба да се администрира лек во мочниот меур“, посочува д-р. Петровски

Кај туморите кои се напреднати до мускулното ткиво, но кои не се проширени во лимфните јазли и органи се отстрануваат со радикална цистектомија. При овој третман на мочниот меур се отстранува простатата и околните лимфни јазли. Потоа се прави нов мочен меур каде што ќе се складира урината на пациентот или се користи црево коешто ќе биде поврзано со кесичка и ќе се смести директно на кожата. Кај некои пациенти третманот се состои од: хируршка интервенција, радиотерапија или хемотерапија. Метастатски (ако е раширен на други органи или лимфни јазли) во третманот на болеста се користи хемотерапијата.

 

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!