Во најголем процент (над 95 %) туморите на тестисите се со малигни карактеристики и најчесто ја зафаќаат помладата машка популација, до 40-тата година од животот. Поради специфичноста на регијата и органот мажите обично подоцна ја забележуваат промената или за истата молчат и најчесто доцна се јавуваат на лекар. Заради тоа на мажите им советуваме да се јават кај уролог веднаш штом ќе забележат каква било промена на тестисот. Како и за секоја малигна промена така и за туморите на тестиси најбитна е раната дијагноза и што порано почнување со соодветна терапија.
Самопреглед
Како што секоја жена задолжително треба да прави самопреглед на градите на одреден временски период, така истото важи и за машката популација. Најчесто по капење секој маж треба да си направи преглед на тестисите. Доколу забележи асиметрија во големината на тестисот или напипа одреден јазол т.е. тврдина на самиот тестис, веднаш треба да побара лекарска помош. Исто така овие промени можат да се откријат и од партнерката за време на сексуалниот однос.
Болеста најчесто се јавува со безболно зголемување на тестисот, а поретко заболениот тестис може да е и со нормална големина, како и контралатералниот, но на допир тој е со потврда конзистенција или се напипува тврд јазол на површината. Секоја промена на тестисот би требало да биде прегледана од страна на уролог кој ќе треба да направи дополнителни испитувања.
Медицински испитувања
Во овие испитувања спаѓаат одредени лабораториски параметри кои се испитуваат во крвта, ултрасонографските иследувања, компјутеризираната томографија или магнетната резонанца. Доколку се работи за помлад пациент со дијагностициран рак на тестисот постои можност, според своја желба, пациентот пред оперативната интервенција да депонира сперма во банката за сперма која понатаму би се искористила за формирање на неговото потомство.
Со самото поставување на дијагнозата, терапијата е оперативно отстранување на тестисот заедно со неговата крвна петелка, а со раниот оперативен третман и шансите за излекување на пациентот се зголемуваат. Во зависнот од хистолошкиот наод следи понатамошен третман: зрачна терапија или цитостатска терапија.
КОЛКУ ПОРАНО ТОЛКУ ПОДОБРО!
Колку порано се дијагностицира и навреме се направи оперативен третман на ракот на тестисот, шансите на пациентот за 5-годишното преживување се зголемуваат дури до 100%. Контролните прегледи на пациентот се извршуваат на 3 месеци до период од 2 години по оперативниот третман, а потоа на 6 месеци до петтата година и потоа еднаш годишно.