РАНА ДЕТЕКЦИЈА НА НЕДОСТАТОК НА ВИТАМИН Б12 КАЈ ДОЕНЧИЊА

Витаминот Б12 не се синтетизира во човечкото тело и мора да се внесува преку храна од животинско потекло. Неопходен е во текот на целиот живот, но доволен внес на овој витамин особено е важен кај жените во периодот на бременоста и за време на доењето, односно во феталниот и доенечкиот период кај детето. Д-р Билјана Чонеска-Јованова, педијатар, вели дека многу е важно да се потенцира потребата за внес на овој витамин во тоа време. Има повеќе причини зошто се јавува недостиг на витамин Б12 во телото, а недостигот специфично се манифестира. Многу е важно да се знае зошто е потребен и како се надоместува, каква е неговата улога.

Б12 – КОГА Е НАЈВАЖЕН?

Медицината докажува дека потребите за Б12 се зголемени во текот на бременоста поради интензивната клеточна делба, зголемувањето на утерусот, развојот на плацентата и феталниот раст. За време на бременоста витаминот Б12 се складира во црниот дроб на фетусот и ако мајката има соодветен внес на овој витамин во тек на бременоста, доенчињата на ексклузивно доење имаат резерви кои се доволни во првите неколку месеци од животот. Кај доенчињата на слободно доење чии мајки имаат дефицит на овој витамин и кај доенчињата кои не внесуваат доволна количина храна од животинско потекло, дефицитот на Б12 се манифестира од 2 до 12-месечна возраст. „Клиничката слика е неспецифична и голем е ризикот за трајни последици во однос на развојот на детето. Вообичаено клиничките симптоми се јавуваат во раната доенечка возраст и тежината на клиничката слика е во директна корелација со нивото на витамин Б12 во крвта“, вели д-р Чонеска-Јованова.

КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ?

Д-р Чонеска–Јованова вели дека најчеста причина за недостиг на витаминот Б12 е недоволното внесување на овој витамин преку исхраната. Тоа најчесто се случува кога се практикува вегетаријанска исхрана или вообичаено кога недоволно се внесуваат продукти од животинско потекло. Секако, има и други причини, меѓу кои е недостигот на таканаречениот intrinsic factor. Тоа е внатрешен фактор, се создава во желудникот, неопходен е за апсорпција на витаминот. Има и други причини – наследни заболувања кои го засегаат транспортот на витаминот Б12, присуство на полиморфизми на гени вклучени во метаболизмот на фолати и витамин Б12. Влијание може да има и кога, на пример, хируршки е отстранет желудникот или дел од тенкото црево, но и заболувања на тенкото црево, па и примена на лекови кои ја нарушуваат апсорпцијата на Б12. Тоа се најчесто Х2-блокатори, антиепилептици, метформин. Д-р Чонеска-Јованова објаснува дека недостигот на витаминот Б12 се манифестира со хематолошки и невролошки нарушувања. Најчести хематолошки заболувања кои се јавуваат како последица на дефицит на Б12 се мегалобластна анемија, хемолитична анемија или панцитопенија, а од невролошките – заостанување во психомоторниот развој, хипотонија, повраќање, иритабилност, тремор, хореа, грчеви, сензомоторен и когнитивен дефицит. Вели дека може да се јави и нарушена пигментација, зголемување на слезината и црниот дроб, одбивање храна, течни столици. Докторката додава дека бидејќи клиничките симптоми на Б12 дефицит се многу неспецифични, понекогаш дијагнозата се поставува задоцнето, кога се присутни иреверзибилни нарушувања. „Поради постепениот развој на хематолошките нарушувања и капацитетот на компензаторните механизми, клиничките симптоми, како бледило, слабост, изнемоштеност, може да не се манифестираат сè додека анемијата не стане сериозно длабока. Одложена дијагноза и третман на дефицитот на Б12 може да доведе до длабока анемија и потреба од трансфузија на крв“, вели докторката.

МОЖЕ ДА НАСТРАДА МОТОРИКАТА

Но кои се последиците? Секако е важно да се знае дека развојот на мозокот почнува пред раѓањето на детето, кога се создаваат нервните клетки, но и кога се развиваат синапсите, односно врските кои овозможуваат меѓусебна комуникација на клетките. Миелинот е потпорно ткиво кое ги опкружува и заштитува нервните клетки и ја олеснува нивната комуникација. А дефицитот на витамин Б12 доведува токму до нарушена миелинизација на нервниот систем, која почнува уште во феталниот живот и е најинтензивна во доенечкиот период. „Функционалните последици на овие промени се рефлектираат на развојните невролошки процеси и може да доведат до трајно невролошко оштетување – иреверзибилни оштетувања на фината и грубата моторика и нарушување на когнитивниот развој кај децата“, вели д-р Чонеска-Јованова.

ПОМОШ И ТРЕТМАН

Докторката е децидна дека многу е значајно да се превенира дефицитот на витамин Б12 преку промовирање правилна исхрана на бремените жени, доилките и доенчињата, а најважно е навремено да се дијагностицира и лекува дефицитот. Така ќе се избегнат хематолошките компликации и долготрајните невролошки секвели кај доенчето. Препорачува внимателна анамнеза кај бремените жени и доилките во однос на нивната исхрана и претходна медицинска историја за да се открие кои од нив имаат зголемен ризик за дефицит на Б12. Недостигот се надоместува со внесување на витаминот на повеќе начини во зависност од возраста и колкав е недостигот. Д-р Чонеска-Јованова вели дека хематолошките нарушувања релативно брзо и успешно се лекуваат, но невролошките нарушувања може да опстојат подолго време, а кај некои деца во зависност од времетраењето на дефицитот, може да бидат и иреверзибилни.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!