Рана рехабилитација

Систем за дишење и длабока венска тромбоза: запушувањето на крвните садови во белите дробови е една од главните причини за смрт кај овие пациенти. Поради застој на крвта во вените, губиток на мускулна пумпа, зголемено згрутчување на крвта и оштетување на зидот на крвните садови, настанува создавање на тромби во крвната циркулација која може фатално да заврши со запушување на крвните садови во белите дробови. Превенција се врши со поставување на еластични чорапи или еластични завои на нозете и терапија за спречување на настанок на згрутчувања на крвта, 8-12 недели од повредата. Другите компликации на системот за дишење: воспаленија, затајување на органите за дишење и компликации на обвивката на белите дробови се превенираат со адекватна хидрација, вежби за дишење, дренажа, перкусија на граден кош и вибрациона масажа, и спроведуање на техники за потпомогнато кашлање и искашлување на секретот.

Кожа: Декубитални рани се оштетувања на кожата кои настануваат над коскените испакнатини. Пациентите со повреда на рбетен мозок поради намалената подвижност и оштетениот осет, може да се здобијат со вакви оштетувања на кожата. Но, со правилна нега, декубиталните рани можат да се превенираат. За таа намена се користат пред сè антидекубитални душеци и перници, се врши постојана блага масажа на екстремитетите, како и вртење на пациентот во кревет на одредени временски периоди.

Вкочанетост на зглобови и мускулен спазам: вкочанетоста на зглобовите може да настане на одземените/ослабените екстремитети, поради спазам и намалена растегливост на сврзното и мускулното ткиво, што ги ограничува движењата на зглобовите во одредена насока. Најдобра превенција на вкочанетоста на зглобовите е правилно позиционирање во креветот, спроведување на пасивни движења со истегнување на сите зглобови најмалку еднаш дневно. Понекогаш мора да се користат и сооодветни подлоги за задржување на соодветниот зглоб во посакуваната положба. Спазамот се јавува во мускулите како зголемен отпор при изведување на пасивни движења и неволеви мускулни грчеви на мускулите. Се превенира со изведување вежби за истегнување во комбинација со медикаментозна терапија.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!