Улогата на физиотерапевтот во болничка установа има витално значење, без разлика дали се работи за пациент со полесна или потешка хируршка интервенција. Влатко Илиески, одговорен физиотерапевт и специјалист по кинезитерапија, вели дека од исклучителна важност во третманот на пациентите е тимската работа, односно оној нераскинлив синџир на соработка помеѓу доктор и физиотерапевт, медицинска сестра и физиотерапевт или кој било друг медицински персонал вклучен во грижата. „Ние, физиотерапевтите, практично ја претставуваме фазата во третманот веднаш по добро завршената работа на докторот па сè до комплетно враќање на пациентот на неговиот претходен начин на живот, односно нормално функционирање и повторно враќање на секојдневните обврски“, вели Илиески.
Целта на физикалната терапија
Најчесто пациентите коишто лежат на Одделот за ортопедија се пациенти на кои им се извршени хируршки интервенции ендопротетизација на зглобот на колк или колено. Исто така, може да бидат извршени и ендопротези на рамо. Најчеста причина за доведување до состојба за интервенција е артроза – разјадување на зглобот, и најчесто се појавува кај повозрасни лица. Старосната граница во последно време се намалува поради седечкиот начин на живот и намалената физичка активност.
Целта на физикалната терапија кај ортопедски пациенти е да се зајакне ослабената мускулатура, да се добие нормалниот обем на движење на оперираниот зглоб и што е можно побрза активација за враќање во секојдневни активности.
Физикална терапија пред интервенцијата. Кај ортопедските пациенти физикалната терапија е индицирана и пред самата хируршка интервенција. Потребно е овие пациенти да работат кинезитерапија статички и активно потпомогнати вежби така што оперативниот зафат би го дочекале поподготвени и постоперативната рехабилитација би била побрза и поуспешна.
Физикална терапија по интервенцијата во болничка средина. Постоперативно кај овие пациенти се зпочнува со рехабилитација во текот на првите 24 часа по интервенцијата. Најпрво се почнува со кинезитерапија во лежечка позиција. Најдоцна по 48 часа пациентите се веќе вертикализирани и почнуваат да се движат со помош на ортопедско помагало – одалка, за во наредните неколку денови да продолжат да се движат со ортопедско помагало – патерици. При мобилизација на пациентите им се објаснува начинот на седнување, станување, движење со ортопедските помагала и дозирано оптоварување на оперираната нога. Овие пациенти се задржуваат во болница од 8 до 10 дена, и со нив физикалната терапија се практикува два до три пати во денот. „Најчесто работиме активно потпомогнати вежби за раздвижување на оперираниот зглоб, статички вежби за зајакнување на веќе ослабената мускулатура. Се практикува лимфна дренажа, криотерапија“, вели Илиески.
Работа со пациентите и во домашни услови
Десеттиот ден, кога пациентот си оди дома, тој веќе може да се движи со потпазувни патерици на рамна површина, успева да се качува и симнува по скали. Пред заминувањето од болницата, физијатарот заедно со физиотерапевтите го едуцира пациентот за сите вежби кои е потребно да ги прави во домашни услови. Се едуцираат и неговите блиски членови во семејството за тоа како треба да се однесува пациентот, бидејќи лекувањето не завршува со одењето дома. Во случај доколку се процени дека е потребно, на пациентот му се препорачува да продолжи да работи со физиотерапевт во домашни услови.
Рехабилитација за комплетно заздравување и ослободување од помагалата
20-30 дена по извршената интервенција пациентот треба да продолжи со рехабилитацијата во амбулантски оддел за физикална терапија, каде што се применува електротерапија, ласеротерапија, магнетотерапија, кинезитерапија, мануелни техники и хидротерапија. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е единствена болничка установа во државата која располага со подводна лента за хидротерапија. „Во нашата клиника има одлични услови за комплетна рехабилитација на овие пациенти, од првиот ден по операцијата сè до неговото комплетно ослободување од ортопедските помагала и враќање во секојдневно нормално фунционирање“, вели Илисеки.
Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ работи тим на мобилни физиотерапевти кои се грижат за пациентите на одделите за интензивна нега, ортопедија, трауматологија, кардиохирургија, неврохирургија, неврологија, тораковаскуларна хирургија, пулмологија и педијатрискиот оддел. Во зависност од состојбата на пациентите, по препорака на специјалист физијатар, физиотерапевтите ја спроведуваат соодветната рехабилитациска програма со цел побрзо заздравување и мобилност на пациентот. По барање на пациентот, достапна е и услугата за посета на физиотерапевт во домашни услови.