Жените треба еднаш месечно да прават самопреглед на своите дојки. Ова е првиот чекор со кој рано може да се открие карциномот и да се почне со лекување. Самопрегледот треба да се прави 5-7 дена по започнувањето на менструацијата, кога има најмалку хормонално влијание. Жените кои редовно ги проверуваат своите дојки ги осознаваат и знаат какво е на допир нормалното ткиво на дојката. На овој начин тие можат рано да го откријат присуството на каква било маса. Самопрегледот на дојките може да се направи на многу начини. Најефикасно е визуелно проценување на промените пред огледало, како и проверување на дојките рачно во лежечка позиција.

Раното откривање на карциномот на дојка многупати и не е толку очигледно. Како што карциномот напредува, во дојките се случуваат промени кои треба внимателно да се следат. Ваквите промени се чувството на присуство на маси во дојките или во пазувите, промена на големината или обликот на дојките, секреција од брадавицата и менување на бојата на кожата на дојката или на ареолата.

Иако повеќето од овие промени не значат дека станува збор за карцином, доколку се присутни потребен е преглед од доктор.      

Самопреглед во 4 чекори

1. Почнете го самопрегледот пред огледало. Ставете ги рацете на половината за да видите дали дојките ви се симетрични. Проверете дали имате видливи маси во дојките, вовлекување или промена на бојата на кожата.

2. Подигнете ги рацете и повторете ја постапката.

3. Потоа, легнете на грб и продолжете со самопрегледот. Започнете со десната дојка. Ставете мала перница под десното рамо за самопрегледот да ви биде поудобен. Ставете ја десната рака под главата.

4. Самопрегледот се прави со 2-3 прсти од левата рака. Почнувајќи од ареолата, притиснете нежно на градното ткиво со кружни движења за да проверите дали има присуство на чувствителност или маси. Откога ќе завршите со проверка на  дојките, преминете на пазувите. Повторете гја истата постапка на левата дојка и пазува.

Рано дијагностицирање на карцином на дојка

ТестВозрастВременски период
СамопрегледОд  20 годиниСекој месец
МамографијаПод 40 годиниВо зависност од семејната историја. Пациентите со наследен ризик од карцином на дојка може да започнат од 25 години, наизменично секоја година со МР и мамографија.
Над 40 годиниСекоја година
Клинички преглед на дојкиНад 20 годиниНа секои 1-3 години (во зависност од семејната историја и факторите на ризик)
Над 40 годиниСекоја година

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!