СЕЗОНСКИ ГРИП КАЈ ДЕЦАТА: ПРЕВЕНЦИЈА,ДИЈАГНОЗА И ТРЕТМАН

Сезонскиот грип е еден од најчестите вирусни инфекции, кои се појавуваат во текот на студените месеци и претставува значаен здравствен проблем, особено во педијатриската популација. Д-р Оливера Груевска, специјалист по педијатрија, вели дека еден од најважните аспекти на нејзината пракса е да се информираат родителите и колегите за различните аспекти на сезонскиот грип, како и начинот на справување со него бидејќи со правилна превенција и третман, може да се минимизира неговото влијание.

Сезонскиот грип е акутна респираторна инфекција предизвикана од вирусот на грипот (инфлуенца А и Б) кој најчесто циркулира во текот на зимските и ранопролетните месеци. „Вирусот на грипот се пренесува преку капки од носот и грлото на инфицираните лица при кивање или кашлање, како и преку директен контакт со контаминирани површини. Инкубацијата обично трае 1-3 дена. Грипот е многу заразен и се шири бргу, особено кај децата што често не ја следат препорачаната хигиена и можат да бидат активни преносители“, објаснува д-р Груевска.

• Температура: Еден од најчестите симптоми е висока температура, која често се движи од 38 до 40°C и најчесто почнува нагло со треска.

• Главоболка и болки во телото: Децата често се жалат на силни болки во мускулите и зглобовите, како и главоболка најчесто во предел на челото или слепоочниците, што ја прави болеста непријатна.

• Кашлица и болки во грлото: Сувата и надразнителна кашлица е чест симптом. • Замор и слабост: Децата можат да се чувствуваат многу уморно и да имаат намалена енергија за обични активности.

 • Носна затнатост или носна секреција.

• Повраќање и дијареја: Кај некои деца, грипот може да предизвика гастроинтестинални симптоми како повраќање или дијареја.

 *кај новородените и младите доенчиња. симптомите се во прилог на која било друга системска инфекција. Симптомите може да се појават одеднаш и да траат од 3 до 7 дена. Сепак, кај некои деца симптомите можат да бидат потешки и да доведат до компликации

Дијагнозата на сезонски грип кај децата за време на епидемија најчесто се поставува клинички и врз основа на амнестички податоци. Д-р Груевска истакнува дека е важно да се разликува грипот од други респираторни инфекции.

„Во лабораториските анализи најчесто се наоѓа леукопенија со уредна диференцијална крвна слика или лимфоцитна предоминација, често е намален бројот на тромбоцитите, а инфламаторните маркери (Se, CRP) најчесто се уредни. Крвната слика и CRP не се задолжителни, односно нема потреба за нивна честа проверка кај деца со докажан грип. Во случај на нејасна дијагноза или потешки симптоми, може да се користат вирусни тестови како што се PCR или брзи антигенски тестови за грип“, објаснува д-р Груевска.

Најважната превентивна мерка е вакцинацијата. Вакцината против грипот е безбедна и ефикасна, особено кај деца под 5-годишна возраст и препорачлива за деца над 6 месеци. Вакцинацијата помага во намалувањето на шансите за сериозни компликации од грипот. Според д-р Груевска, родителите треба да бидат информирани за важноста на вакцинацијата и дека вакцината не обезбедува 100% заштита, но може значително да ја намали тежината на болеста.

„Потребно е децата да се вакцинираат секоја година во текот на септември до крајот на октомври. За жал, во нашата земја процентот на вакцинација на децата против сезонски грип е многу ниска, проблем околу кој треба дополнително да се ангажираме за да се подигне свесноста за вакцинација, особено кај хронично болните деца, децата со астма, дијабетес, срцеви, бубрежни, хепатални, невролошки, хематолошки и други заболувања“, вели д-р Груевска.

Дополнително, докторката додава дека треба да се применуваат основни мерки за хигиена како често миење на рацете со сапун и вода, особено по кашлање или кивање, покривање на устата и носот при кивање или кашлање, најдобро со марамче или лакот на раката, одржување хигиена на површини, како што се клупи, копчиња на лифтови и играчки, кваки, врати.

Д-р Груевска советува дека децата треба да се поттикнуваат да носат маски во претходно затворени простории и во простории со големи групи деца, особено во периодите на висока циркулација на вирусот.

Лекувањето на сезонскиот грип кај деца обично вклучува симптоматска терапија. Д-р Груевска вели дека за намалување на температурата и ублажување на болката се употребува парацетамол или ибупрофен, но да не се ординира ацетилсалицилна киселина (аспирин) кај деца поради опасност од Reye Syndroma и да не се претерува со антипиретиците. Таа додава дека хидратацијата, односно течностите се многу важни за спречување на дехидратација, особено ако детето има повраќање или дијареја и препорачува консумација на полесна свежа храна богата со витамини. Децата треба да одмораат сѐ додека не се почувствуваат подобро, да не се облекуваат премногу, а се препорачува и туширање со млака вода.

 „Антивирусните лекови како што е оселтамивир (Tamiflu) може да се користат кај децата, а најдобро е ако се започне со третман во првите 48 часа од појавата на симптомите. Овие лекови може да го намалат времето на болеста и да ја спречат тешката форма на инфекцијата. Тие не се индицирани постојано, а терапијата секогаш иницијално е симптоматска“, вели таа. Д-р Груевска потенцира дека антибиотиците не влијаат врз вирусите. Без разлика дали на детето со грип ќе му се даде антибиотик или не, детето со грип и понатаму ќе има температура. „Антибиотик се ординира доколку имаме некоја компликација, најверојатно од секундарна бактериска суперинфекција, која се докажува со одредени клинички или лабораториски параметри“, објаснува таа.

Во одредени случаи, постои ризик за развој на компликации, било примарни, што е резултат на директно дејство на вирусот или секундарни, како резултат на секундарна бактериска инфекција како: отит, синузит, пневмонија, енцефалит, миозит и други.

 • Тешкотии при дишење или краток здив

• Постојано повраќање или неможност за внесување течности и храна, лоши и чести течни столици

• Продолжена висока температура што не се намалува со лекови

• Нагло влошување на здравствената состојба

• Детето е послабо активно, малаксано, постојано лежи, не може да стои и да оди самостојно • Кај доенчиња и деца со коморбидитети, потребна е претпазливост

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!