СОВРЕМЕН МИНИМАЛНО ИНВАЗИВЕН ТРЕТМАН НА МИОМИ НА МАТКАТА

Миомите на матката се едни од најчестите гинеколошки состојби кај жените во репродуктивна возраст. Иако станува збор за бенигни тумори, тие често можат значително да влијаат врз здравјето и квалитетот на животот на пациентките, предизвикувајќи обилни менструални крвавења, болка или притисок во малата карлица, како и проблеми со плодноста. Д-р Јосиф Ѓорески, гинеколог-акушер објансува дека современата медицина нуди нови терапевтски пристапи кои овозможуваат ефикасен третман со минимална инвазивност. Меѓу нив се издвојуваат радиофреквентната и микробрановата аблација како техники кои користат контролирана термичка енергија за уништување на туморското ткиво, без потреба од класична хируршка интервенција.

Миомите, познати и како леиомиоми, претставуваат бенигни тумори кои се развиваат од мазната мускулатура на матката. Во зависност од нивната позиција, тие можат да бидат:

  • интрамурални – сместени во ѕидот на матката
  • субмукозни – растат кон внатрешноста на матката
  • субсерозни – се развиваат кон надворешната површина на матката

Симптомите најчесто зависат од нивната големина и локализација. Кај многу пациентки се јавуваат обилни и продолжени менструации, анемија, болка или притисок во карлицата, уринарни симптоми или потешкотии со зачнување.

Радиофреквентната аблација е минимално инвазивна процедура која користи високофреквентна електрична струја за создавање топлинска енергија во ткивото на миомот. Под влијание на температура од приближно 60 до 100°C доаѓа до коагулативна некроза на туморското ткиво, по што миомот постепено се намалува. Процедурата може да се изведе:лапароскопски, трансцервикално или перкутано под ултразвучна контрола. Клиничките резултати покажуваат значајно намалување на волуменот на миомите – најчесто од 40 до 60 проценти во период од неколку месеци – како и значително подобрување на симптомите и квалитетот на животот на пациентките.

Микробрановата аблација претставува понова термоаблативна техника која користи електромагнетни бранови за создавање висока температура во ткивото. Овој процес предизвикува брзо загревање на водните молекули во клетките, што доведува до ефикасно уништување на туморското ткиво. Во однос на радиофреквентната аблација, оваа техника има неколку предности:

  • побрза термичка деструкција на ткивото
  • поголема и поуниформна зона на аблација
  • помала зависност од карактеристиките на ткивото
  • пократко времетраење на процедурата

 Овие минимално инвазивни процедури најчесто се препорачуваат кај пациентки со симптоматски интрамурални или субсерозни миоми, особено кога постои желба за зачувување на матката или кога пациентката не е кандидат за поголема хируршка интервенција. Несаканите ефекти најчесто се благи и краткотрајни. Најчесто се јавуваат: краткотрајна постпроцедурална болка и минлива зголемена телесна температура, додека сериозните компликации се ретки.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!