Центарот за третман на болка при Клиничката болница „Аџибадем Систина“ веќе една година им го подобрува квалитетот на животот на многу пациенти. Ова е прв центар за третман на болка во Македонија и регионот, конципиран според високи медицински стандарди, со најнова технологија и едуциран кадар што ги следи новините од таа област, за да биде излекувана секоја болка.
„Постојат различни причини за појава на болка, но генерално болката се дели на акутна и хронична, а во зависност од причината, хроничната болка може да биде хронична немалигна болка и хронична малигна болка. Секој пациент е различен, а тоа што е ефикасен лек за еден, можеби нема да биде најдобро решение за друг“, вели д-р Татјана Спировска, специјалист по анестезиологија со реаниматологија.
Токму затоа, Центарот за третман на болка нуди мултидисциплинарен, мултимодален и персонализиран пристап за секој пациент. Комбинирајќи различни методи, терапии и интервенции, тимот од врвни специјалисти создава индивидуализирани планови за третман, со крајна цел – ослободување од болката и подобрување на животниот квалитет. Во нашиот Центар за третман на болка се користат лекови, третмани, техники и методи, кои се практикуваат во современите центри.
• Медикаментозна терапија – медикаментозната терапија е еден од најчестите и најефикасни начини за контрола на болката. Таа вклучува употреба на различни лекови во зависност од квалитетот, интензитетот и основната причина на болката. Медикаментозната терапија е основа во третманот на болката, но најчесто се комбинира со други методи како физикална терапија, минимално инвазивни процедури и психолошка поддршка. Индивидуалниот пристап е клучен за успешно обезболување и подобрување на квалитетот на живот.
Sedare dolorem divinum opust est.
„Смирувањето на болката е божествено дело.“
• Криоаблација – минимално инвазивна медицинска процедура, која користи екстремен студ за да уништи или оневозможи болни или оштетени ткива. Со помош на специјални сонди (криопроби), замрзнувањето предизвикува клеточна смрт и ги блокира нервните патишта што пренесуваат болка.
• Озонска терапија – иновативен метод кој користи медицински озон (O₃) за лекување на различни болни состојби. Таа дејствува антиинфламаторно, ја подобрува циркулацијата и ја стимулира регенерацијата на ткивата, што ја прави особено корисна за третман на хронична болка. Озонската терапија е сè попопуларна во современите центри за третман на болка поради својата ефективност и природен пристап во лекувањето.
• Невролиза – медицинска процедура што се користи за третман на хронична болка, особено невропатска болка, преку уништување или блокирање на нервни влакна што пренесуваат болка. Оваа техника може да биде применета во случаи каде што други третмани не донесуваат резултати или кога болката е упорна и силна.
• Радиофреквентна аблација (RFA) – минимално инвазивна медицинска процедура, која користи радиобранови за да создаде топлина која ќе го уништи нервот што пренесува болка. Оваа терапија се користи кога други третмани не се доволни за контролирање на хроничната болка, особено болките што потекнуваат од нервите. Фазата на отпочнување со RFA е клучна за поставување на основа за успешен третман, каде што се вршат подготовки, евалуации и почетни процедури за ослободување од болката. • Пумпи за континуирано супкутано обезболување – медицински уреди кои се користат за континуирано обезболување, вообичаено кај хронична малигна болка. Овие пумпи применуваат лекови преку супкутаните ткива (под кожата), со цел да обезбедат стабилно и ефикасно ослободување од болка, спречувајќи ненадејни скокови на болката и обезбедувајќи удобност на пациентот.
• Палијативна радиотерапија – палијативната радиотерапија е неинвазивна метода, дел од онколошкиот третман, кај пациентите со метастатска болест. Се користи како ефикасен начин за контрола на акутната или хроничната болка. Во секојдневната онколошка практика најчесто се применува за болка предизвикана од солитарни или мултипни коскени метастази. • Палијативна хемотерапија – палијативната хемотерапија е исто така дел од специфичниот онколошки третман, со цел контрола на болката, кај пациенти со метастатска болест. Тоа е минимално инвазивна процедура која вклучува администрирање на цитостатска терапија интравенски. Најчесто се администрира како монотерапија, но во одредени случаи може да биде администрирана и како полихемотерапија, согласно со состојбата на пациентот и индикацијата.
• Третман на мигрена со ботокс – ботулинскиот токсин (ботокс) е одобрен третман за хронична мигрена. Дејствува преку блокирање на нервните сигнали што предизвикуваат болка. Се инјектира во специфични точки околу главата и вратот, со цел да ги релаксира мускулите и да го намали ослободувањето на болката.
• Физикална терапија – при справувањето со болката се користат повеќе физикални модалитети, кои се во насока на намалување на преносот на болка, опуштање на мускулатурата, подобрување на циркулација и исхрана на ткивото, забрзување на регенерација и побрзо заздравување. Со таа цел се применуваат самостојни методи, како и комбинации на повеќе физикални процедури како: ласеротерапија, електротерапија, високофреквентно магнетно поле, мануелна масажа и различни мануелни техники, тракциска терапија, хидротерапија и кинезитерапија, која е индивидуално подготвена и приспособена кон потребите на секој пациент поединечно.
ОБЕЗБОЛУВАЊЕ ПРЕКУ СТИМУЛАЦИЈА НА НЕВРОВЕГЕТАТИВНИОТ СИСТЕМ
„На минатогодишниот Светски конгрес за болка, една од најактуелните теми беше обезболувањето преку стимулација на невровегетативниот систем. Следејќи го примерот на водечките европски центри, кои веќе започнаа со имплементација на мали стимулаторни уреди што таргетираат три завршни гранки на нервус вагус, Центарот за третман на болка при Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’ е во фаза на воведување на оваа иновативна метода. Овој вид стимулација значително ја намалува хроничната немалигна болка, особено кај пациенти со мигрена, дијабетична невропатија, како и болки во вратот и грбот“ – објаснува д-р Спировска.
Континуираното воведување нови знаења, современи медицински помагала и најмодерна апаратура, заедно со високиот степен на посветеност на нашиот медицински тим, го прават Центарот за третман на болка во „Аџибадем Систина“ водечка институција во регионот. Нудиме најсовремени решенија за третман на болка, со гарантиран висок квалитет на нега и индивидуализиран пристап за оптимално ослободување од болката и подобрување на квалитетот на животот на пациентите.