Спиналната фузија претставува процедура која ги третира нестабилностите на ’рбетот кои предизвикуваат болка и деформитети. Процедурата подразбира спојување на два или повеќе прешлени кои се фузираат во една коска. Фузијата ја намалува болката со тоа што го запира движењето во делот на ’рбетот кој ја предизвикува, а притоа на пациентот му овозможува да ужива во секојдневните активности. Клучот на успехот е всушност во постоперативниот период, односно зараснувањето на коската.

Со спинална фузија се третираат болките во долниот дел на ’рбетот предизвикани од дегенеративно заболување на дискот, дискус хернија или спондилолистеза. Исто така, се изведува и при фрактура или друга трауматска повреда на ’рбетот.

Фузиона хирургија се аплицира и при корекција на абнормално искривување, од типот на сколиоза и кифоза. Во многу случаи на сколиоза фузијата е единствено хируршко решение.

За време на спиналната фузија хирургот користи коскен графт најчесто од карлицата на пациентот или реброто, понекогаш и од коскениот бедем меѓу прешлените. Во период од околу 9 месеци по хируршката интервенција вашето тело ќе произведе коска која ќе го замени коскениот графт. Оваа нова коска ќе ги соедини прешлените и тие ќе зараснат како една единечна коска. За време на овој период деловите на ’рбетот мораат да бидат неподвижни со цел фузијата да се комплетира. Имобилизацијата се спроведува со помош на инструменти кои се аплицираат на самите коски, од типот на плочки, жици, прачки, куки или завртки или, пак, надворешни помагала како што се корсетите. Во зависност од локацијата на проблемот, хирургот изведува спинална фузија на предниот дел на ’рбетот, на задниот дел или по страните. Покрај овие, постои и комбиниран зафат (од предната и од задната страна на ’рбетот). Хирургот одлучува дали е потребно операциите да се направат во две различни етапи или, пак, и двата зафати во една хируршка интервенција и анестезија. 

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!