Срцевите аномалии се јавуваат кај 6-8 на 1000 новороденчиња. Вообичаени симптоми се сина боја на кожата и усните, отежнато дишење и тешкотии во исхраната. Сепак, некои од децата немаат никакви симптоми и родителите не знаат дека нивното дете има проблеми со срцето. Според д-р Драшко Димески, педијатар кардиолог, потребен е редовен скрининг на срцето во бременоста како и кај новороденчето доколку има потреба.
Кои се најчести срцеви проблеми кај децата?
Најчесто застапени структурни дефекти на срцето кај децата се отворите на преградата на коморите и преткоморите (преткоморен септален дефект или коморен септален дефект), кај кои аскултаторно се регистрира шум на срце. Истиот може да биде регистриран и кај абнормалности на залистоците на срцето и големите артерии (аортна и белодробна артерија) и кај останатите срцеви аномалии. Големите септални отвори и абнормалностите на валвулите може да доведат до оптоварување на срцето. Малите септални дефекти може спонтано да се затворат.
Кои се причините за појава на срцевите проблеми кај децата?
Фактори кои доведуваат до појава на срцеви аномалии се комбинација на надворешниот и генетски фактори. Во 90% од случаите причини за аномалии на кардиоваскуларниот систем се надворешните фактори, а помалку генетските. Во ризик фактори кои се асоцирани со срцеви аномалии за време на бременоста се: зголемено или намалено количество на плодова вода, генетско нарушување на хромозомите, заостанување во растот на фетусот, присутност на зголемена ткивна течност кај фетусот, заостанување во раст, неправилности во срцевите отчукувања, шеќерна болест, некои системски заболувања, користење на некои лекови во почетокот на бременоста, експозиција на рендгенско зрачење и вирусни инфекции, возраста на трудницата и др. Обично срцевата аномалија се јавува уште во бременоста поради комбинација на надворешен, генетски и хромозомски фактор. Често не може точно да се утврди што довело до нејзината појава.
Зошто е потребен скрининг уште во бременоста?
Скринингот за кардиоваскуларните болести кај фетус е потребен за навремено откривање на евентуални аномалии и нивно навремено третирање. Уште во бременоста се препорачува секоја трудница да направи фетална ехокардиографија. Ова е неинванзивна дијагностичка процедура која овозможува да се види и процени структурата и функционирањето на кардиоваскуларниот систем на фетусот. Со овој метод може уште во најрана фаза во бременоста да се откријат вродените срцеви аномалии кај фетусот. По раѓањето се препорачува да се направи ехо на срце на новороденчето. Доколку се дијагностицираат срцеви проблеми, може да се интервенира навреме со цел да се овозможи оптимално лекување на срцевите аномалии.