Херниите се јавуваат како комбинација на зголемен интра абдоминален притисок и отвор/слабост на мускулатура или фасција при што зголемениот притисок ги турка органите и ткивата низ отворот или низ слабата точка на ѕидот. Од ова произлегува дека секоја состојба што го зголемува интраабдоминалниот притисок може да предизвика хернија. Тука спаѓаат: подигање тешки предмети, дијареја или опстипација, долготрајно кашлање и кивање, тумори, срцева слабост и слично. Мускулната слабост може да биде вродена, но многу почесто се јавува во по натамошниот тек на животот. Состојби како прекумерна дебелина, неадекватна исхрана и пушењето се фактори кои можат да доведат до појава на мускулна слабост и со тоа и појава на хернија.
Симптоми
Се манифестира со појава на: безболен/лесноосетлив оток под кожата на стомакот или препоните кој најчесто исчезнува кога пациентот е во лежечка положба. Исто така, се јавува чувство на дискомфор во предел на стомакот и препоните кое повремено може да се манифестира со тешкотии при празнење или појава на крв во столицата.
Хируршки третман
Хирургијата на килата на стомачниот ѕид опфаќа хируршки процедури кои спрема пристапот се делат на отворени, лапароскопски и комбинирани. Независно од пристапот, крајна цел на оваа хируршка интервенција е репарација на оштетениот и ослабнатиот дел на стомачниот ѕид со употреба на протетски материјал, популарно познат како “МРЕЖА”. Тие се разликуваат според димензијата и материјал од кој се изработени. За видот на материјал и димензијата на оваа протеза одлучува хирургот кој ја изведува операцијата.
Зошто операција и дали стравот од истата е оправдан?
Хируршките интервенции на некомплицирани хернии од каков било вид се изведуваат секојдневно и спаѓаат во групата на хируршки интервенции со низок степен на ризик. Поради можните компликации кои можат да се јават во преоперативниот период како инкарцерација (заглавување на орган, органи во килниот отвор) оштетување на циркулацијата на засегнатиот орган или органи, гангрена, перфорација и појава на перитонит со животно загрозување на пациентот, потребно е:
1. Во случај да пациентот при самопреглед препознае хернија од кој било вид, да се јави на лекар, специјалист, за консултација, дијагностика и договор за хируршко лекување.
2. Консултација со анестезиолог со цел пациентот да се запознае со видовите анестезија кои се применуваат при овој вид хирургија
3. Дополнителни иследувања и соодветна подготовка пред оперативниот зафат кај соодветен лекар, специјалист (кардиолог, трансфузиолог, пулмоалерголог и сл).
Компликации
Кај соодветно подготвен пациент можноста од компликации е сведена на минимум па од сето ова произлегува дека стравот од оперативен зафат е неоправдан. Од друга страна кај пациент, кој од која било причина не се јавува на лекар и покрај јасно присутни знаци за постоење кила или нејзина компликација, со евентуални дополнителни заболувања и морбидни состојби и неадекватно иследуван и подготвен за оперативно лекување, процентот на компликации вклучително и смртен резултат е значително поголем.