Лупусот е нарушување на имунолошкиот систем, кога имунолошките клетки ги напаѓаат здравите ткива во телото. Оваа состојба доведува до нивно воспаление и оштетувањe. Симптомите обично се одразуваат на кожата, но многу често знаат да предизвикаат и внатрешни проблеми, од типот на болки во зглобовите. Во најлош случај можат да се оштетат срцето, бубрезите, како и другите витални органи. Иако за оваа болест не постои лек, таа може постојано да се намалува и ублажува со соодветен третман.
Рековме дека еден од симптомите е болка во зглобовите. Оваа болка може особено да се одрази во зглобовите на рацете, прстите и колената. Најчесто пациентите чувствуваат топлина при допир на воспалените делови, но за разлика од ревматоидниот артритис, лупусот не може да им наштети на зглобовите до таа мера.
Кожни лезии на лицето во вид на пеперутка
Лезиите на лицето во вид на пеперутка врз образите и мостот на носот исто така укажуваат на ова заболување. Други проблеми поврзани со кожата вклучуваат осетливост на кожата при контакт со сонце кои резултираат со дамки, пеги и нафрлување со виолетов тон врз лицето, вратот и рацете. Кај некои луѓе се јавуваат и рани на устата.
Други симптоми со кои се соочуваат пациентите болни од лупус
Ова заболување може да предизвика кршење и паѓање на ноктите. Најпрвин се формираат дамки на долниот дел на ноктот кои се резултат на воспалени крвни садови. Потоа, обично следи отекување на основата на ноктот и деловите околу него.
Некои луѓе кои страдаат од ова заболување чувствуваат одреден степен на замореност, додека други повремена треска. Ненадејната треска понекогаш може да биде знак за лупус.
Верувале или не, лупусот може да предизвика и опаѓање на косата.
Дали имате лупус?
Кога лупусот почнува да се развива тој може многу да наликува на ревматоидниот артритис, кој, исто така, предизвикува болка во зглобовите, отоци, фибромијалгија и замореност и треска. Еден од аспектите кои го разграничуваат лупусот од другите заболувања е комбинацијата на промени на кожата со болка во зглобовите и зачестен замор и треска. Исто така, постојат и лабораториски тестови кои помагаат да се утврди ова заболување.
Медицински третман
Постојат разни начини за да го контролирате ова заболување. Корикостероидните креми помагаат во третманот на раните, а антиинфламаторните лекови се земаат за намалување на болката во зглобовите и треската. Антималариските лекови можат да помогнат во борбата против болките во зглобовите, чировите и раните. Кортикостероидите, исто така, можат да се земаат во вид на таблети, како и интравенозно.
Покрај тоа, потребно е и самите да се заштитите од ова заболување доколку сметате дека сте во ризичната група на луѓе. Најпрвин треба да ги смените животните навики. Заштитувајте се од сонцето, не само со крема со заштитен фактор туку и со прекривка врз кожата, не пушете, вежбајте редовно и подобро справувајте се со стресот.
Ова заболување не смее никако да се потцени. Симптомите не завршуваат тука, туку болеста може да премине во уште полоша фаза. Едни од посериозните симптоми на ова заболување се: проблеми со бубрезите, срцеви заболувања, белодробни заболувања, проблеми со дигестивниот систем, анемија, проблеми со нервниот систем, нарушувања на менталното здравје итн.