Кога патуваме, без оглед на тоа дали сме заминале на еднодневен пикник или, пак, на годишен одмор сме изложени на здравствени ризици. Вирусни или бактериски инфекции, но и од нечиста вода или храна, лоша хигиена на рацете, капењето во загадена вода се причини кои предизвикуваат проблеми со стомакот и честопати можат да ни го расипат летниот одмор. Флашираната вода и проверената храна се гаранција за летување без главоболки.
Внимавајте!
За да ги спречите стомачните проблеми, идеално би било за време на патувањето да користите флаширана вода за пиење. Кога е во прашање храната, ако сами ја подготвувате неопходно е да ги почитувате сите правила за хигиена, и тоа во сите фази од набавка на храната па сè до сервирање и консумација.
Доколку сте сместени во хотел, обрнете внимание на храната која ја консумирате додека сте на плажа. Ризични се производите кои се чуваат и продаваат близу плажата и цел ден се оставени на сонце.
Јадете индустриски сладолед, тој е чуван и контролиран под добри услови. Избегнувајте колачи кои содржат креми со јајца, а доколку се одлучите да јадете јајца тие нека бидат тврдо сварени. Добро измијте го овошјето и зеленчукот. Доколку чуете дека местото каде што сте сместени има проблеми со водата за пиење, освен што ќе треба да консумирате флаширана вода, ве советуваме да го лупите овошјето и зеленчукот.
Не купувајте млечни производи, риба, печурки или месни производи надвор од маркетите и околните продавници кои не се предвидени за продажба. Најдобро е храната да ја јадете веднаш откако ќе ја приготвите и секогаш да приготвите толку храна колку што ќе ви е доволно.
Ладните пијалаци разладувајте ги во фрижидер, избегнувајте го ледот направен од вода од чешма. Но, не претерувајте со ладното. Консумирајте умерено разладени пијалаци за да не предизвикате температурен шок на телото.
Немојте да пиете вода од извори и чешми кои не се под санитарен надзор. Дури и локалното население да пие од нив, вие избегнувајте ги! Задолжително земете си лекови против стомачните тегоби.