Стоматолошки преглед за здрава детска насмевка

Во денешната дентална пракса поголемиот број од докторите по стоматологија во своите ординации работат со деца. Консултирајте се со вашиот стоматолог дали е спремен и дали е во можност да го третира вашето дете.

Во денешната дентална пракса поголемиот број од докторите по стоматологија во своите ординации работат со деца. Консултирајте се со вашиот стоматолог дали е спремен и дали е во можност да го третира вашето дете.

Подготви: Д-р Гордан Лазаревски –стоматолог

Кога првпат на стоматолог?

Општо прифатливо мислење е дека првата посета треба да биде околу првата година, односно шест месеци по никнување на првото запче. Што порано се почне тоа подобро, за превенција на забни болести (кариес), обука на родителите за одржување на оралната хигиена и флуоризација. Најголема предност е што на детето му се создава навика за посета на стоматолог и аклиматизација на самата клиника  која придонесува до идни посети без стрес и анксиозност. Пред самата посета разговарајте со вашето дете и објаснете му што може да очекува, направете план и прогноза во зависност од тоа дали вашето дете е повеќе или помалку кооперативно.

Што ќе се случува на првата посета?

Повеќето први посети не би требало да бидат ништо повеќе од запознавање на детето со ординацијата и персоналот, само обичен разговор и учење преку игра. Посетите мора секогаш да се кратки и пријатни за детето за да се избегнат понатамошни несакани последици и страв. Наредните посети важи истото како и за возрасни, три до четири пати во годината. Доколку детето е мирно и соработува, може да се пристапи и со прикажување на инструментариумот и стоматолошкиот стол, исто со голема претпазливост. Во зависност од возраста доколку нема ништо ургентно може да се направи обичен преглед на непцата, загризот, запчињата, усните, лесно чистење на меки наслаги и демонстрација за правилно четкање на забите, импрегнација, снимки и други неинванзивни третмани. Термините не смеат да бидат подолги од 20 минути и пожелно е да бидат рано наутро додека се свежи и свесни, деца до три години може да седат со родителот заедно на работната столица или да ги држат за рака, предност е родителот да остане во чекалница, доколку детето го дозволува тоа, за да се изгради подобар однос со докторот. Целокупниот тим мора да овозможи релаксирачка и забавна атмосфера. Доколку детето е исплашено, не му е пријатно и не соработува, веднаш се престанува со сè и се презакажува друг термин, исто за да се спречат понатамошни трауми.

Како може да му помогнете на вашето дете дома?

Родителите мора да се грижат за оралното здравје на децата сè до оној момент додека не научат тоа да го прават самите и не стекнат навика. Правилна хигиена се одржува од раѓање, по секое доење треба да се пребришат непцата со чиста газичка. Штом никнат првите заби веднаш се почнува со четкање со мека бебешка четка и вода, пасти користете по втората година.

За да избегнете кариес што може да го предизвикаат бебешките цуцли и шишенца и неправилности кои може да бидат последица од истите, но и од доење пробајте да го одвикнете до првата година, но надгледувајте го да не има претерани „лоши“ навики (шмукање прсти, предмети итн). Кога детето ќе биде во можност само да си ги четка забите помагајте му и контролирајте го константно, посебно кај ноќното четкање, кое е најважно. Најдобар начин е да ве гледа, да учи од вас и заедно да четкате. За флуоризација, моја лична препорака е да не се земаат таблети, да се оди само со премачкување откако ќе никнат забите, но различни се мислења на оваа тема, консултирајте се со вашиот стоматолог.

Во комуникација со вашиот стоматолог потрудете се да најдете начин, разбирање и компромиси кои би можеле да значат и одредени жртви, константни посети, празни, бесплатни термини, нервози и други стресни ситуации. На крај целосниот труд ќе се исплати зашто оралното здравје на вашето дете е многу битно и на крај за таа прекрасна насмевка ќе ви биде благодарно само вам!

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!