’Рбетот се распространува од основата на черепот до карлицата. Тој служи како столб кој исправено го држи телото и го заштитува ’рбетниот мозок. Постојат три природни искривувања кои му ја даваат на ’рбетот формата на буквата „Ѕ“ кога го гледаме од страна. Овие искривувања му помагаат на ’рбетот да може да се справува со поголемата телесната тежина.
’Рбетот е поделен на три региони
Цервикален ’рбет. Цервикалниот ’рбет ја опфаќа регијата на најгорниот дел на ’рбетот или вратот. Има 7 прешлени (C1-C7 од најгоре кон долу). Првите два прешлени го овозможуваат движењето на вратот. Првата кривина на ’рбетот се наоѓа токму во вратот, свртена е навнатре и потсетува на буквата „С“.
Торакален ’рбет. Во оваа регија има 12 прешлени (Т1 – Т12). Торакалниот дел е всушност пределот каде што се сместени градите. Ребрата се прикачени на прешлените од торакалниот ’рбет. Овој дел исто така образува кривина, но од надворешната страна, во вид на буквата „С“, но од обратна страна.
Лумбален ’рбет. Лумбалниот ’рбет (или долниот дел на грбот) најчесто се состои од 5 прешлени, и тоа од L1 – L5. Некои луѓе имаат 6 лумбални прешлени. Лумбалниот ’рбет, кој всушност ги поврзува торакалниот ’рбет и карлицата го носи најголемиот дел од телесната тежина и има најголеми прешлени. Искривувањето на овој дел е навнатре, исто така во вид на буквата „С“.
Под лумбалниот ’рбет е сместена голема коска која се нарекува сакрум или крст. Крстот всушност се состои од неколку прешлени кои се соединиле во текот на развојот на бебето во утробата. Под сакрумот или крстот се наоѓа опашката која претставува коска која се создала како резултат на фузија на неколку помали коски за време на развојот на бебето во утробата.
Интервертебрални дискови
Овие дискови се рамни и во вид на круг и се сместени помеѓу прешлените. Тие играат улога на амортизери. Секој меѓупрешленски диск има цврсто ткиво и мек гел на средината. Кога прстенот се раскинува тогаш може да дојде до протекување на мекиот нуклеус . Оваа состојба може да предизвика болка бидејќи се создава притисок меѓу прешлените и компресија на нервите.
Нерви
’Рбетниот мозок или нервните влакна кои се одговорни за испраќање и примање на пораките од мозокот поминуваат низ ’рбетниот канал. Преку ’рбетниот мозок, мозокот влијае на остатокот од телото, го контролира движењето на телото и функцијата на органите.
Меки ткива
Тетивите ги поврзуваат мускулите со коските, а лигаментите ги спојуваат коските и ги зајакнуваат зглобовите. Тие, исто така, го ограничуваат движењето во одредени насоки. Мускулите го обезбедуваат движењето на телото и помагаат во одржувањето на стабилната позиција на телото против силите од типот на гравитацијата.