Тип 1 дијабетес мелитус, некогаш познат како јувенилен дијабетес или инсулин-зависен дијабетес, е хронична состојба, каде што панкреасот произведува многу мала количина или воопшто не произведува инсулин. Инсулинот е хормон кој го регулира шеќерот во крвта, и му овозможува на телото да ја внесе глукозата во клетката за користење како енергија. Најчеста причина за тип 1 дијабетес е промена на имунолошки одговор, каде имунолошки систем погрешно ги третира бета-клетките во панкреасот како туѓи непријателски тела и ги уништува. Кога ќе се уништи поголем број на бета клетки, панкреасот повеќе не може да ги произведе потребните количини на инсулин. Затоа што инсулинот е хормон кој ги контролира нивоата на шеќерот во крвта, неговиот дефицит значи дека за брзо време по уништувањето на бета-клетките ќе дојде до значаен пораст на вредностите на шеќерот во крвта. Најчесто дијабетесот тип 1 се дијагностицира кај млади луѓе, но денес знаеме дека апсолутно може да се развие на која било возраст, без разлика на полот.
„Ова е клучна информација која ја повторуваме, бидејќи доцнењето со точната дијагноза може сериозно да го наруши здравјето на пациентот,“ нагласува д-р Петровски.
Ако ги тргнеме на страна предрасудите од општеството, вистината е дека со тип 1 дијабетес мелитус можете да живеете долг, здрав и квалитетен живот. Но, важно е околу себе да имате силен систем за поддршка, како од страна на семејството, така и од страна на медицинскиот тим кој ве лекува.
СИМПТОМИ НА ДИЈАБЕТЕС ТИП 1
Кога се појавува тип 1 дијабетес, нивото на гликоза во крвта расте неколку пати над нормалното ниво. Дел од гликозата се излачува преку урината и предизвикува зачестено мокрење и дехидратација. Еден од главните симптоми е жедта, а тогаш лицето може да пие многу течности. Најчести симптоми:
- Често мокрење
- Чувство на голема жед
- Чувство на голем глад – иако јадете
- Екстремeн замор
- Заматен вид
- Исеченици/модринки кои бавно заздравуваат
- Губење на тежина – иако јадете повеќе
„Родителите треба да обрнат особено внимание на овие симптоми, бидејќи раното препознавање е клучно за спречување на компликации“, потенцира д-р Божиновска-Димова.
Важно е да знаете дека кога првпат ќе развиете дијабетес тип 1, можно е да немате воопшто никакви симптоми! Дијабетесот може да се развива нагло (симптомите и знаците се појавуваат многу брзо) и лицето одеднаш може да стане многу болно. Нивото на глукоза и кетони во телото се зголемува неколку пати и постои тешка дехидратација (кетоацидоза). Децата со тип 1 дијабетес вообичаено ги имаат горенаведените симптоми. Иако е лесно да се дијагностицира дијабетес кај дете со проверка на гликозата во крвта кај лекар или во одделот за итни случаи, сложениот дел е препознавањето на симптомите и знаењето како да се однесе детето на проверка. Ако сте родител, важно е да знаете дека малите деца, вклучително и доенчињата, можат да развијат тип 1 дијабетес мелитус. Кога возрасен ќе развие тип 1 дијабетес, честопати погрешно му се кажува дека има тип 2 дијабетес.
„Оваа замена на дијагноза може да доведе до погрешен третман и дополнителни ризици“, објаснува д-р Петровски.
ТИП 1 ИЛИ ТИП 2 ДИЈАБЕТЕС?
Луѓето со тип 1 дијабетес кои исто така имаат класични фактори на ризик за дијабетес тип 2 – како што се преку – мерна тежина/дебелина, физичка неактивност, висок крвен притисок или се над 35 години – честопати се погрешно дијагностицирани. Исто така, може да биде тешко бидејќи некои возрасни со новодијагностициран тип 1 дијабетес не се болни на почетокот, па рутински откриените покачени нивоа на шеќерот при систематски преглед, може да бидат третирани со диета или таблета од страна на матичниот лекар.
„Ако третманот не дава резултати, важно е повторно да се процени дијагнозата кај ендокринолог,“ советува д-р Божиновска-Димова.
ТРЕТМАН НА ТИП 1 ДИЈАБЕТЕС МЕЛИТУС
Третманот на тип 1 дијабетес подразбира инсулинска терапија, но напредокот на технологијата овозможи навистина голем напредок во целиот процес и олеснување на животот на пациентите.
БАЗИЧЕН НАЧИН НА ТРЕТМАН
Основниот принцип за терапија е мерење на шеќерот во крвта (глукометар или сензор) и давање на инсулин (преку пенкало или инсулинска пумпа).
Мерење на шеќер. Мерењето на шеќерот во крвта порано се правеше со глукометар, каде пациентот требаше да се боцка со мала игла за да се добие капка крв и таа да се пренесе на лентата на глукометарот за да се види нивото на шеќерот во крвта. Мерењето треба да се прави најмалку 4-6 пати.
Давање на инсулин. Повеќекратна апликација на инсулин во денот со инсулински пенкала или поставување на т.н. инсулинска пумпа.
НОВ НАЧИН НА ТРЕТМАН
- Сензор за континуирано мерење на гликемија. Во денешно време технологијата напредна и третманот изгледа различно. Па така пациентите денес носат сензори за континуирано мерење на гликемија.
- Автоматска инсулинска пумпа. Во денешно време постојат автоматски инсулински пумпи (Automated Insulin Delivery Systems), каде пумпата е поврзана со глукозен сензор и преку алгоритам континуирано испорачува инсулин врз основа на гликемијата.
„Модерните технологии овозможуваат подобра контрола и значително го намалуваат ризикот од хипо- и хипергликемии,“ нагласува д-р Петровски.
ПРОНАЈДЕТЕ ЈА РАМНОТЕЖАТА
Без разлика како дијабетесот се појавил во вашиот живот, можете да најдете успех со балансирање на инсулинската доза и придржување кон вашата дневна рутина за вежбање и план за исхрана. Но, каде и да сте со овој предизвик, секогаш можете да побарате помош – од вашето семејство, од вашиот лекар или од други луѓе кои живеат со тип 1 дијабетес!
„Раното откривање и правилниот третман се клучни за квалитетен живот без компликации,“ заклучува д-р Божиновска-Димова.
Со вистинските алатки и поддршка, можете да направите сè. Без разлика дали сте новодијагностицирани со дијабетес тип 1, му помагате на некој близок или веќе некое време ја контролирате вашата состојба, помошта е тука.

