Летото е тест за луѓето со коронарно артериско заболување, висок крвен притисок, срцева слабост. Високите летни температури над 30 степени предизвикуваат ширење на крвните садови на кожата. Тоа е нормален механизам што води до поинтензивна циркулација во кожата и соодветно на тоа организмот се лади преку потта. Тоа често причинува загуба на течности, а може да доведе до дехидрирање на телото. Обилното потење ја зголемува вискозноста на крвта. Згуснатата крв многу потешко се движи низ крвните садови и со тоа дополнително го оптоварува срцето, затоа што од него се бара многу повеќе сила и моќ да ја испумпа крвта и да ја раздвижи во другите делови на телото. Затоа луѓето кои имаат слабо срце чувствуваат умор, истоштеност и немаат сила за извршување на секојдневните активности.
Уште потешко е кога ритамот на срцето е нарушен и не ретко во горештините се јавува забрзан срцев ритам-тахикардија, која многу често може да достигне до 150-160 удари во минута и тоа во состојба на мирување. Преку потењето се губат и минерали – натриум, калиум, магнезиум. Натриумот лесно се обновува преку пресолување на храната, калиумот, пак, го има во доволни количини во овошјето и може слободно да се надомести, а најчесто ни недостига магнезиумот кој организмот многу брзо го губи.
Топлото време најчесто провоцира драстични промени во вредностите на крвниот притисок. Тој може многу брзо да се зголеми и да се намали под дејство на топлината, а поради загубата на течности пациентот може да колабира. Затоа е исклучително важно да се избегнуваат ризичните фактори кои им задаваат проблеми на луѓето со хипертензија и кардиоваскуларни промени.
Совети
– Внесувајте многу течности (вода, свежи и ладни овошни сокови) и јадете почесто во помали порции
– Избегнувајте алкохол, па дури и ладно пиво
– Времето поминувајте го во оладени простории и не излегувајте надвор од 11 до 17 часот
– Побарајте медицинска помош доколку не се чувствувате добро
– Редовно следете ги вредностите на вашиот крвен притисок