Синдромот на дефицит на внимание и хиперактивност или АДХД е состојба на менталното здравје, која се манифестира со одвлекување на вниманието, хиперактивност и импулсивност до тој степен што тие го попречуваат секојдневниот живот на индивидуата. АДХД е едно од најчестите невро-развојни нарушувања во детството – состојба што започнува во развојниот период и влијае врз начинот на кој функционира мозокот. Овој синдром е присутен кај околу 5% од децата на училишна возраст, објаснува Бољетин Зенуни, дефектолог.
Раното откривање на симптомите и можноста за појава на АДХД, како и навремената интервенција во третманот на АДХД, се главниот фактор за позитивен исход во третманот на состојбата на лицата со АДХД.
„Педијатрискиот тим во Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’, кој е дел од Центарот за рано откривање и третман на деца со пречки во развојот секојдневно се соочува со деца што имаат потреба од проценка, ран третман и интервенција. За работа со оваа чувствителна категорија на деца, потребен е мултидисциплинарен пристап, неопходни се превентивни прегледи кај педијатар, невролог, детски психијатар, дефектолог или психолог, физиотерапевт и нутриционист, особено ако се работи за рано откривање на АДХД“, вели Зенуни.
СИМПТОМИ НА АДХД
Синдромот на дефицит на внимание и хиперактивност зависи од видот, но генерално, децата и адолесцентите со АДХД може да покажат симптоми како што се:
- честа заборавност
- дневна поспаност и глувост
- проблеми со концентрирање на дадените задачи
- неорганизираност
- избегнување задачи што бараат фокус
- проблеми со мирно седење, движење
- претерано зборување
- опасно однесување
- невнимание или необрнување внимание на детали
- склоност кон правење грешки
- проблеми со други деца
- тешкотии во стоење во ред и чекање во него.
Дефектологот Зенуни вели дека не е позната точната причина што го предизвикува АДХД, иако постојат истражувања што сугерираат дека генетиката најверојатно игра важна улога. Други фактори што можат да бидат поврзани со АДХД се:
- оштетување на мозокот
- услови на животната средина за време на феталниот развој или на почетокот на животот, како што се изложеност на олово или други супстанции и разни зрачења
- употреба на алкохол или цигари за време на бременоста
- предвремено породување или ниска родилна тежина.
Синдромот на дефицит на внимание и хиперактивност обично се третира со бихејвиорална терапија, лекови или во комбинација. Кај децата на возраст од 4 и 5 години, првата линија на третман обично се заснова врз бихејвиорална терапија со учество на родителите пред да се проба третман со лекови.
Промената на некои животни навики што можат позитивно да влијаат врз симптомите на АДХД, како што се:
– ограничување на времето поминато пред екран: Докажано е дека прекумерното време поминато пред екран кај малите деца влијае врз мозокот, што го прави времето поминато пред екран еден од факторите на ризик за развој на АДХД. За оние што живеат со АДХД, ограничувањето на времето пред екран може да помогне во подобрување на симптомите;
– зголемете ја физичката активност: Поголема физичка активност може да помогне во подобрување на симптомите на АДХД;
– подобрете го сонот: Проблемите со спиењето може да претставуваат симптом на АДХД или несакан ефект на некои лекови за лекување на АДХД. Промените во животниот стил, со цел да се подобри сонот, може да влијаат врз подобрување на симптомите. Некои мерки што се преземаат вклучуваат: употреба на мелатонин, ќебиња со тежина и терапија со светлина;
– хранете се добро: Редовното јадење оброци може да ви помогне во управувањето со симптомите на АДХД. Планирањето оброци и подготовка на оброците може да ви помогнат да бидете сигурни дека консумирате храна богата со хранливи вредности. Иако се потребни повеќе истражувања, некои мали студии покажуваат дека обезбедувањето соодветни нивоа на витамин Д, железо, цинк и незаситени масти може да помогне во намалување на симптомите на АДХД.