ТРЕТМАН НА МАЛИГНИ ТУМОРИ НА ЖЕНСКИ ГЕНИТАЛИИ

Најчестите малигни тумори на женски гениталии се туморите со потекло од матката и јајчниците. Карциномот на грлото на матката и карциномот на ендометриумот се на трето место по честота кај женската популација по карциномот на дојка и колоректалниот карцином. Специјалистот по онкологија, д-р Дева Петрова вели дека повеќе од 85 отсто од карциномите на грлото на матката се јавуваат во помалку развиените земји, за разлика од карциномот на ендометриум, чија инциденца и стапка на морталитет се поголеми во развиените земји. Покрај карциномот на грлото на матката и ендометриумот, значајна улога во морбидитетот и морталитетот кај женската популација има и карциномот на јајчниците.

РИЗИК-ФАКТОРИ

Докторката вели дека има повеќе ризик-фактори за појава на малигните болести на женските репродуктивни органи, најголем дел од нив поврзани со стилот на живот. Најчестите ризик-фактори за карциномот на грлото на матката се HPV-инфекцијата, но и одредени хормонални влијанија кај жената, како и некои навики на живот како што е пушењето. „Ендометријалниот карцином почесто се јавува кај жени кои не раѓале, жени изложени на хормонска терапија, зголемена тежина и жени со позитивна фамилијарна анамнеза за малигни болести. Најмалку јасна е етиологијата на оваријалните карциноми за која важи дека освен генетската предиспозиција, нема јасни етиолошки фактори на ризик за овој тип карцином“, вели д-р Петрова.

КАКО ДА ПРЕПОЗНАЕТЕ

Најчестите симптоми поврзани со карциномот на грлото на матката се всушност неправилни менструални крвавења или, како што објаснува докторката, интерменструално крвавење, пролонгирани менструални крвавења, крвавење по сексуален однос, но може да се појават и болки во долниот дел на абдоменот и болки во лумбална регија кога процесот е во понапредната фаза. „За разлика од карциномот на грлото на матката, кој почесто се јавува кај пременопаузални жени, карциномот на енодметриум е почест кај жените во постменопауза. Најчестиот симптом кој ги наведува пациентките со ендометриален карцином да се јават на преглед е вагиналното крвавење во постменопауза. Оваријалниот карцином во раните стадиуми на болеста најчесто е асимптоматски, симптомите, за жал, се јавуваат кога веќе болеста е во напреднат стадиум и најчесто жената се жали на надуеност и болки во стомакот“, вели д-р Петрова.

РЕДОВНИ ПРЕГЛЕДИ

Основниот преглед кај сите видови малигни болести на женските репродуктивни органи е гинеколошкиот преглед. Дијагнозата се поставува со биопсија на промената на грлото на матката или киретажа на ендометриумот на матката. За одредување на проширеноста на болеста се спроведуваат дополнителни радиолошки иследувања, како магнетна резонанца и компјутерска томографија на абдомен и мала карлица и рендгенографија на бели дробови. Д-р Дева Петрова вели дека основниот третман на сите малигни заболувања на женските репродуктивни органи е хируршкиот третман. Секако, зависно од стадиумот на болеста, особено кај карциномот на грлото на матката, радиотерапијата може да го замени хируршкиот третман и да се постигне успех во лекувањето без оперативен третман.

СОВРЕМЕНИ МЕТОДИ ЗА ЛЕКУВАЊЕ

Додава дека современата технологија и новите генерации на акцелератори овозможуваат успешно, прецизно и безбедно спроведување на зрачниот третман. „Покрај радиотерапијата, хемотерапијата е избор во лекувањето на напреднатите стадиуми на болест на малигните тумори на женските генитални органи. Трендот во онкологијата е третманот за секој пациент да биде индивидуализиран. Се користат нови генерации на генетски тестирања кои го олеснуваат изборот на терапијата, особено кај метастатската болест“, додава д-р Петрова. Инаку, во медицината сè повеќе се применуваат современи дијагностички методи, како циркулирачките туморски клетки за евалуација на одговорот на терапијата, секако и ПЕТ-ЦТ методата. Во поново време во третманот на малигните тумори на грлото на матката и јајчниците се вклучува и биолошка и имунотерапија .

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!