Алиментарните интоксикации се јавуваат како резултат на труења со храна што содржи ентеротоксини што ги произведуваат бактериите. Тоа е често заболување кое се јавува како резултат на внесување храна, која содржи бактерии, вируси, паразити или токсини создадени од овие микроорганизми.
„Симптомите во зависност од причинителот можат да се манифестираат во тек на неколку часа до подолг временски период по консумација на загадената храна. Ова заболување може да се јави индивидуално или кај повеќе луѓе што консумирале од истата храна”, истакнува доц. д-р Патриција Каламарас, специјалист по инфектологија.
Труењето со храна најчесто се јавува при консумирање на следниве намирници:
млечни производи или храна што содржи мајонез, а кои се чуваат надвор од фрижидер подолго време; замрзната храна која не е чувана на соодветна температура; сурова риба и остриги; свеж зеленчук и овошје кои не се соодветно измиени; недоволно термички обработени јајца и месо; вода од бунар или поток која не е претходно прочистена; месни производи контаминирани со бактерии преку ингестирање на микроорганизмот од страна на животното чиешто месо се употребува; вода што содржи фекалии, а се користи за наводнување на растенијата; храна приготвена од готвач (кој е клицоносител на одредени микроорганизми) кој не одржува постојана и соодветна хигиена на рацете; храна приготвена со помош на контаминиран кујнски прибор.
Зошто инциденцата е поголема во летниот период?
Труењето со храна може да се јави во кој било период од годината, но несомнено пикот го достигнува во топлите месеци. Една од причините е состојбата на временските услови. „Високите температури и влажноста во летниот период им овозможуваат на бактериите да се размножуваат многу бргу и во голем број. Штом ова ќе се случи, оној што ќе ја проба контаминираната храна многу веројатно е дека ќе се разболи. Друга причина е зголемената активност на луѓето. Во лето се зголемува бројот на луѓе што готват надвор, одат на пикник или кампуваат. Со тоа кујнската комфорност (фрижидерот, термостатот за контролирање на готвењето) најчесто не е достапна“, објаснува д-р Каламарас.
Постојат голем број микроорганизми што предизвикуваат труење со храна, но најчести се:
- Staphylococcus aureus (инкубација од 1 до 6 часа)
Месо и приготвени салати, крем-сосови, слатки со крем. Може да се шири при контакт со рака, кашлање или кивање од контаминирана индивидуа
- Salmonella (инкубација од 24 до 72 часа)
Сурово месо, млеко, јајца и жолчка од јајца. Преживува при несоодветно приготвување. Може да се пренесе доколку се контаминирани рацете на готвачот, ножеви, површини за сечење на храна.
- Clostridium botulinum (инкубација од 12 до 72 часа) – со висока стапка на смртност која изискува посебен третман
Храна во конзерва со ниска киселост, несоодветно затворени конзерви, чадена и солена риба, компир печен во алуминиумска фолија, храна што се чува на собна температура подолго време.
- Bacillus cereus (инкубација од 8 до 16 часа)
Јајца, месо, млечни производи, растенија.
- Campylobacter (инкубација од 2 до 5 дена)
Месо и јајца (контаминацијата настанува доколку загадениот фецес дојде во допир со храната), непастеризирано млеко, контаминирана вода.
- Shigella (инкубација од 24 до 48 часа)
Морска храна и сурова свежа храна. Може да се пренесе доколку готвачот е контаминиран.
- E. Coli (инкубација од 1 до 8 дена)
Говедско месо контаминирано со фецес (најчесто се јавува кај недоволно термички обработено месо), непастеризирано млеко, контаминирана вода.
- Rotavirus (инкубација од 1 до 3 дена)
Сурова храна. Може да се пренесе доколку готвачот е контаминиран.
- Clostridium perfringens (инкубација од 8 до 16 часа)
Месо и месни производи, сос во кој е готвено месото.
Симптоми и компликации
Симптомите зависат од изворот и причинителот на контаминација. Повеќето типови труење предизвикуваат еден или повеќе од следниве симптоми: гадење, повраќање, дијареја, грчеви и болки во стомакот, висока температура, треска, слабост.
„Симптомите може да се јават неколку часа до неколку дена по консумацијата на контаминираната храна, а да перзистираат од 1 до 10 дена. Најчеста компликација од труењето со храна е дехидратацијата, која настанува поради губење течности и електролити“, додава д-р Каламарас. Иако поретко, можно е да се појават и посериозни компликации, како што се: воспаление на зглобовите (артритис), внатрешни крвавења, оштетувања на нервниот систем, нарушена функција на бубрезите, како и воспаление или иритација на ткивата околу срцето.
Кога да побарате лекарска помош?
Кај лекар треба веднаш да се обратите доколку имате дијареја, а не можете да задржите течности поради гадење и повраќање, ако телесната температура е над 38°C и е проследена со дијареја, или ако се појават знаци на дехидратација, како што се: интензивна жед, вртоглавица и главоболки. Медицинска помош е неопходна и ако дијарејата не се подобрува по пет дена, ако дете повраќа повеќе од 12 часа, или доколку станува збор за бебе помладо од три месеци – во таков случај треба да се консултирате со лекар веднаш штом ќе започнат симптомите. Исто така, итна лекарска интервенција е потребна при сомневање за труење со риба, печурки или при појава на ботулизам.
Како да си помогнете?
Одморете го желудникот. Не јадете неколку часа.
Пијте многу вода. Возрасните треба да пијат од 8 до 16 чаши вода дневно, но во помали количини повеќе пати за да се спречи дехидратација. Ќе знаете дека внесувате доволно вода кога ќе почнете да мокрите нормално, а бојата на урината од темна ќе премине во нормална (светложолта пребоеност).
Јадете лесна храна. По неколку часа одмор на желудникот, треба да внесувате храна што лесно се вари, како бисквити, тост, желатин, банани, ориз. Но, треба да прекинете со јадење доколку ви се врати нагонот за повраќање. Избегнувајте одредена храна и супстанции додека не се чувствувате подобро. Станува збор за млечни производи, кофеин, алкохол, никотин, како и тешка мрсна храна.
Добро одморете се. Самата болест и дехидратацијата може да ве направи истоштени и малаксани.
Не користете лекови против дијареја. Таквите лекови наместо да ви помогнат да ја излечите дијарејата, може да ја спречат елиминацијата на бактеријата или токсинот од вашиот систем и да ви ја влошат состојбата.
Дијагноза на алиментарни интоксикации
Дијагнозата се поставува со анализа на примерок од столица (копрокултура), при што се идентификуваат присутните микроорганизми. Дополнително, се користи и PCR-тестирање како брза, прецизна и современа метода, која овозможува откривање на широка палета на можни причинители – вклучувајќи бактерии, вируси и паразити.
Како можеме да ги спречиме алиментарните инфекции
На прво место е личната хигиена. Треба правилно да ги миеме рацете со сапун и вода. Истото тоа важи и за намирниците и за месото. Потенцијална опасност е храна што дополнително е подгреана и/или чувана надвор на топло, како и недоволно термички обработена храна. Со внимателен пристап кон подготовката и чувањето на храната, можеме ефикасно да го намалиме ризикот од труење и да го зачуваме сопственото здравје.