Тумор маркери

Тумор маркерите се молекули кои во поголеми концентрации во крвта, урината или ткивото укажуваат дека пациентот има тумор. Нивното откривање и мерење се користи во дијагностицирањето, како и во лекувањето на карциномот со цел да се утврди успехот од терапијата.

Идеален тумор маркер

До денеска се откриени повеќе од 100 тумор маркери, но во лабораториската практика се користат само 20-тина. Мора да напоменеме дека не постои идеален тумор маркер кој би ни дал прецизни податоци за видот на тумор (дали е малигнен или бенигнен) и стадиумот на болеста. Зголемени вредности на тумор маркери може да се појават и кај некои воспалителни процеси, кај кои вредноста на тумор маркерите се намалува откако ќе поминат. Но, доколку постои тумор нивната вредност не се намалува, туку спротивно се зголемува сè додека болеста не се открие и спроведе соодветна терапија. Мерењето на концентрацијата на тумор маркерите мора секогаш да се користи заедно со други дијагностички процедури.

Видови тумор маркери

Повеќето тумор маркери не се специфични само за еден вид карцином, туку еден тумор маркер може да има зголемени вредности кај повеќе видови карцином. Во дијагнозата и во следење на развојот на некои тумори најчесто се користат следниве тумор маркери:

CEA ( карциноембриогени антитела ) – првпат е откриен кај пациенти со тумор на дебелото црево. Но, зголемени вредности на овој тумор маркер се откриени и кај други карциноми: меланом, лимфом, карцином на штитна жлезда, желудник, грлото на матката, јајчниците, бубрезите, белите дробови и дојките. Исто така зголемени вредности на овој маркер може да се најдат и кај други болести како цироза на црниот дроб, воспаление на дебелото црево, штитната жлезда и кај хронични воспалителни болести на белите дробови. CEA тумор маркерот најчесто се користи во дијагностицирањето и лекувањето на карциномот на дебелото црево.

CA 15 – 3 – зголемени вредности на овој маркер укажуваат на бенигнен или малигнен тумор на дојките. Но, секој тумор на градите не ги зголемува вредностите на CA 15-3, како на пример кога туморот е во почетен стадиум. Само 30% од пациентките со локализиран тумор и 50 до 90 % од пациентките со метастазиран карцином на дојката имаат зголемени вредности на CA 15 – 3.

CA 125 е тумор маркер кој во зголемени вредности се јавува при различни бенигни гинеколошки заболувања, метаплазија на јајчниците, ендометриоза, миоми на матка или воспаление на грлото на матката. Според препораките на Светското здружение на гинеколози и опстетичари, овој маркер има големо значење во одредувањето на различни состојби во гинекологијата, посебно за следење на терапијата и напредок на состојбите кај пациенти со рак на јајчниците. Зголемени вредности на овој маркер се детектираат кај цироза и воспаленија на црниот дроб.

CA 72 – 4 е тумор маркер кој во зголемени вредности се јавува при малигни неоплазми на панкреасот, јајчниците, дојките, белите дробови и кај други гастроинтестинални тумори. Тој е многу осетлив тумор маркер и заедно со CEA и CA19-9 се користи како претскажувач на малигни промени во гастроинтестиналниот тракт.

CA19-9 е тумор маркер кој во ниски концентрации се наоѓа кај возрасните, а потекнува од црниот дроб, белите дробови и панкреасот. Зголемени вредности на овој тумор маркер се наоѓаат кај бенигни и воспалителни процеси на гастроинтестиналниот тракт, црниот дроб, како и кај пациентите со цистична фиброза. Овој маркер има пресудна улога во поставување на дијагнозата и следење на пациентите со карцином на панкреасот.

AFP (alfa-feto protein) се користи за следење на бременоста, како и за следење на состојбата на фетусот и предвидување на негови евентуални малформации. Зголемени вредности од нормалните се јавуваат кај дефекти на невралната туба и вентралниот ѕид, а намалени вредности кај хромозомски абнормалности (пр. Даунов синдром). Исто така AFP е добар показател за следење на ризикот од апнеја, како и проблеми со дишењето кај недоносените бебиња. Најчесто се користи за откривање и следење на воспалителни процеси и тумори во црниот дроб и на герминативниот епител на тестисите и јајчниците.

HCG се создава во плацентата брзо по вгнездувањето на ембрионот во ендометриумот на матката и потоа се излачува како вишок прво во крвта, а потоа и во урината. Затоа е ексклузивен показател за постоење на бременост. Зголемени вредности се јавуваат кај гастроинтестинални, урогенитални и бронхијални тумори, тумори на дојка и лимфоми. Кај пациенти со тумори на тестисите се испитува заедно со AFP.

PSA е специфичен тумор маркер за ткивото на простатата кај мажите. Зголемени вредности од овој маркер во крвта најчесто укажува на патолошки состојби на простатата, како простатит – воспаление на жлездата предизвикано од инфекција, бенигно зголемување, хиперплазија или малигни состојби. Најчесто се користи за следење на состојбата по операцијата, за следење на ефектот од радиотерапијата и хормонската терапија. Доколку вредностите на овој маркер се негативни, значи дека третманот и терапијата од лекувањето се успешни. Воспаление или физичко оштетување, траума на простатата, може да ги зголеми вредностите на PSA во различни концентрации и за различен временски период.

HE4 има највисока осетливост за откривање на ракот на јајчниците, посебно во првата фаза на болеста, која е без симптоми. Во комбинација со CA 125, HE4, заедно, даваат најдобри резултати во раната дијагноза на ракот на јајчниците. Вредностите на HE4 се во корелација со клиничкиот одговор на терапијата или повторното јавување на ракот кај жени со дијагностициран рак на јајниците. Овие податоци добиени со анализата на HE4 тумор маркерот се потврдени со рендгенски, компјутерски и магнетни снимања, како и со наодите од ултразвук прегледите. Затоа, HE4 е ран, суптилен, битен показател за повторување на болеста на јајчниците.

ROMA тест – одредување на ризик за развој на карцином на јајчници (оваријален)

Со помош на оваа суптилна стратешка алатка може да се предвиди опасноста за развој на рак на јајчниците. Измерените вредности од серумските концентрации на тумор маркерите CA 125 и HE4 земаат значајно учество во носењето правилна одлука за понатамошниот третман на пациентката. Ефективноста од пресметувањето на ризикот со помош на ROMA алгоритамот е докажано во повеќе светски клинички студии и може да им помогне на докторите да ги класифицираат пациентите во групи со низок или висок ризик за појава и развој на епителниот рак на јајчниците.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!