Лекувањето речиси секогаш почнува со медикаментозен третман. Кај потешките облици на болеста, кои не реагираат на конвенционалните и нови биолошки третмани, потребен е хируршки третман. Тој може да е елективен (планиран) и ургентен, кај акутни компликации. Покрај медикаментозниот третман, важен дел во лекувањето е диететски режим, физичката активност, намалувањето на стресот, вели д-р Димитар Трајков, гастроенетерохепатолог од „Аџибадем Систина“
Хроничните автоимуни заболувања како улцерозниот колитис или Кроновата болест се долготрајни хронични заболувања што се проследени со слузести или слузесто-крвави празнења, со грчеви и болки во стомакот.
Сѐ почест e бројот на пациенти што ја имаат оваа група болести. Стресот, секојдневните грижи, начинот на живот, навиките во исхраната се дел од факторите за појава на овие болести. Лекарите не ја исклучуваат ниту генетската поврзаност.
Симптомите при овие заболувања се пролив или запек, слуз или крв во изметот, прекумерно испуштање гасови, кркорење на цревата. При манифестација на секој од овие симптоми, а особено при крв во изметот, треба веднаш да се оди на лекар и да се дијагностицира за што се работи.
Што е колитис, а што е Кронова болест?
-Воспалителните цревни заболувања, кои се нарекуваат и ИБД се хронични воспаленија на гастроинтестиналниот тракт од непознато потекло. ИБД се болести класификувани во група автоимуни болести.
Постојат два типа ИБД – улцерозен колитис и Кронова болест. Улцерозниот колитис е воспаление на дебелото црево, а Кроновата болест може да се појави по целиот гастроинтестинален тракт (од усната празнина , па сѐ до аналниот отвор), со најчеста зафатеност на завршниот дел од тенкото црево.
Кои се симптомите на колитисот?
-Фактори на ризик за ИБД се возраст, раса и етничка припадност, фамилијарна историја, пушење цигари, користење на одредени лекови, место на живеење.
Симптомите на ИБД варираат и зависат од степенот и од тежината на воспалението. Болеста има активна фаза, но и периоди на медикаментозно или спонтано излекување, како и повторно појавување.
Најчести симптоми на ИБД се: пролив, слабост , исцрпеност, болки во стомакот, грчеви, крв во столица, губење апетит и телесна тежина. Во потешките клинички облици, Кроновата болест и улцерозниот колитис се животозагрозувачки состојби за кои е неопходен хоспитален третман.
Како се дијагностицираат ИБД?
– ИБД се дијагностицираат со ендоскопски методи, најчесто колоноскопија – преглед на дебело црево со краток влез во тенко црево и горнодигестивна ендоскопија – преглед на храновод, желудник и на почетниот дел на тенко црево. Доколку има сомнение за болеста се земаат ендоскопски биопсии и се прави патохистолошка потврда на болеста.
Во што се состои лекувањето на колитисот?
-Лекувањето на ИБД зависи од типот на колитисот, неговиот облик, возраста на пациентот, застапеноста на други хронични заболувања
Лекувањето речиси секогаш почнува со медикаментозен третман. Кај потешките облици на болеста, кои не реагираат на конвенционалните и на новите биолошки третмани, потребен е хируршки третман. Тој може да е елективен (планиран) и ургентен, кај акутни компликации.
Покрај медикаментозниот третман, важен дел во лекувањето е диететски режим, физичката активност, намалувањето на стресот.
Дали може да се излекува колитисот?
-ИБД се болести за кои никогаш не можеме да кажеме со сигурност дека пациентот е излекуван.
Извор: Република.мк