Пејсмејкерот овозможува синхронизирана работа на преткоморите и коморите со што влијае врз подобрување на испумпната моќ на срцето. По интервенцијата многу е важно пациентот да го прилагоди својот животен стил според препораките од кардиологот, кои зависат од типот на срцевото заболување кое довело до појава на срцевата слабост.
При лекување на срцевата слабост прво е потребно пациентот да направи промена на животниот стил, да се откаже од цигари, да ја намали телесната тежина, да ја подобри физичката активност и да го намали внесот на сол во исхраната. Се препишува терапија со лекови како АЦЕ инхибитори, бета блокатори, диуретици кои во комбинација треба да доведат до смирување и намалување на симптомите.
Срцева ресинхронизација како третман на срцевата слабост
Пациентите кои имаат потреба за ваков третман потребно е претходно да направат одредени испитувања како електрокардиограм (ЕКГ) на кој ќе се регистрира блок на левата гранка, знак за несинхронизирана работа на двете комори, ЕХО кардиографија преку која ќе се одреди ежекционата фракција на срцето и ќе се утврди визуелно асинхронијата во работата на срцевите комори.
Вградувањето на апаратот се врши со интервентна процедура при што електродите преку вените се доведуваат во срцето, една преку собирната вена на срцето – коронарен синус, се поставува во допир со левата комора, втората се поставува на дното на десната комора и третата се поставува во десната преткомора. Преткоморната електрода треба да ја синхронизира работата на преткоморите и коморите, а двете електроди кои се во контакт со коморите треба да доведат до синхронизација – правовремена контракција и на двете комори.
Апаратите кои се вградуваат можат да бидат и со можност да извршат кардиоверзија (електро шок), кои се вградуваат кај пациентите кои имаат и појава на неправилна срцева работа од типот на вентрикуларни аритмии.
Животен стил по вградување на пејсмејкер
Веднаш по вградувањето на апаратот потребен е временски период додека да зарасне раната и време на адаптација на пациентот и на системот кон потребите на пациентот. Потоа животниот стил треба да се прилагоди според препораките од кардиологот, кои зависат од типот на срцевото заболување кое довело до појава на конгестивната срцева слабост.