ЗАМАСТЕН ЦРН ДРОБ-Болест на модерното време

Неалкохолната масна болест на црниот дроб (NAFLD) се карактеризира со прекумерна акумулација на маст во црниот дроб и обично е придружена со метаболичко нарушување што го нарекуваме инсулинска резистенција (покачено ниво на инсулин во крвта и зголемен отпор на клетките на инсулинскиот сигнал). Ова заболување претставува најчеста хронична болест на црниот дроб во земјите што спаѓаат во т.н. западен свет. Проф. д-р Викторија Чалоска-Иванова, експерт по гастроентерохепатологија, вели дека не се работи за хомогено нарушување, бидејќи под терминот замастен црн дроб се подразбираат повеќе подгрупи, чиј тек, еволуција и прогноза битно се разликуваат.

„Одредени форми на замастен црн дроб предизвикуваат сериозни оштетувања на црниот дроб, поради што болеста напредува до тешки стадиуми, како што се цирозата на црниот дроб и примарниот карцином на црниот дроб (хепатоцелуларен карцином). Овие сознанија го свртија фокусот на научниците врз ова заболување во последните 20 години, што доведе до подобро разбирање на причините, формите, начинот на дијагностицирање и лекување, но и како да ја превенираме оваа болест“, објаснува проф. д-р Чалоска.

Треба да се нагласи дека слични оштетувања на црниот дроб се јавуваат кај лица што консумираат алкохол, кога зборуваме за алкохолна болест на црниот дроб (алкохолна стеатоза, алкохолен хепатит и алкохолна цироза). За минимална граница на алкохолен внес се смета дневна консумација на алкохол, што е ≥30 г за мажите, а ≥20 г за жените.

КАКО СЕ КЛАСИФИЦИРА БЕЗАЛКОХОЛНАТА МАСНА БОЛЕСТ НА ЦРНИОТ ДРОБ?

Врз основа на видот и степенот на оштетување на црниот дроб, оваа болест се дели на неколку подгрупи:

  • безалкохолна масна болест (чиста стеатоза)
  • стеатоза со минимално воспаление во црниот дроб
  • неалкохолен стеатохепатитис или NASH (стеатоза + нагласено воспаление)
  • неалкохолна стеатофиброза (стеатоза + фиброза)
  • неалкохолна цироза на црниот дроб.

Помеѓу овие облици, постојат преодни форми што треба да се дефинираат кај секоја индивидуа поединечно. Генерално, неалкохолната масна болест на црниот дроб (NAFLD) е болест што прогредира бавно, како кај возрасните така и кај децата, но кај 20% од случаите фиброзата напредува рапидно. Терминот цироза на црниот дроб означува иреверзибилно структурно оштетување со пропаѓање на нормалното ткиво на црниот дроб и негова замена со сврзно ткиво. Поради тоа, функцијата на црниот дроб се намалува, а се јавуваат многубројни компликации што го загрозуваат животот. Болеста со време напредува до терминална фаза, кога животот не е можен доколку не се изврши трансплантација на црниот дроб.

КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ ЗА ЗАМАСТЕН ЦРН ДРОБ?

Начинот на исхрана и живот има клучно влијание за појавата на оваа болест, особено кај лица со генска предиспозиција. Фактори во исхраната што фаворизираат развој и прогресија на замастувањето на црниот дроб се следниве: висок калориски внес, прекумерна застапеност на заситени масти, рафинирани јаглени хидрати сиромашни со влакна, засладени пијалаци, висока застапеност на фруктоза (овошен шеќер). Горенаведените прехранбени навики резултираат со пораст на телесната тежина, дебелина и стеатоза. Дополнителна улога има седентарниот стил на живот, без или со недоволна физичка активност.

 „Дебелината е главниот двигател на NAFLD. Таа има добро дефинирана улога во сериозноста на болеста и нејзината прогресија. Дебелината во детството и доцната адолесценција се поврзани со поголем ризик од заболување на црниот дроб. Постои поврзаност на стеатозата и со шеќерната болест. Затоа кај лицата со стеатоза треба да се прават тестови што укажуваат на нарушена гликозна регулација (тест на оптоварување со гликоза или тримесечен индекс на гликемијата), а кај лицата со дијабетес, стеатозата на црниот дроб треба активно да се бара“, објаснува проф. д-р Чалоска-Иванова.

Но, замастен црн дроб може да имаат и условно речено, слаби лица, кои немаат покачена телесна тежина, но манифестираат знаци на инсулинска резистенција, нерамномерна дистрибуција на мастите во телото (т.н. висцерална маст), поради што и кај нив е неопходно следење поради можна прогресија на болеста.

КАКО СЕ ДИЈАГНОСТИЦИРА СТЕАТОЗАТА?

Треба да се нагласи дека неалкохолната масна болест на црниот дроб не дава никакви специфични субјективни симптоми што би го упатиле пациентот на лекарски преглед. Но, лабораториските нарушувања се првиот показател дека постои некое оштетување на црниот дроб, што треба стручно да се диференцира. Како што е вообичаено и за другите хронични болести на црниот дроб, дијагнозата стартува со наод на нарушени вредности на црнодробните ензими (АСТ, АЛТ, гГТ). Покрај нив, често се утврдуваат и други биохемиски абнормалности, особено во метаболизмот на мастите и шеќерот во крвта. Дополнителна улога имаат податоците за телесната тежина, индексот на телесна маса (БМИ), обемот на струкот, податоци за животниот стил и навики во исхраната. За лесните облици на стеатоза, доволна е потврда со ехотомографски преглед на абдоменот. Но, за диференцирање на потешките форми на болеста, нужна е биопсија на црниот дроб, бидејќи дијагнозата на NASH суштински е хистолошка. Дијагнозата на NASH е релевантна бидејќи носи ризик од побрза прогресија на фиброзата.

ПРЕПОРАКИ ЗА ЛЕКУВАЊЕ

Столб на терапијата на неалкохолната масна болест на црниот дроб е воведување промени во однесувањето што водат кон губење на тежината (здрава исхрана и физичка активност). Секој обид да се намали телесната тежина преку ограничување на калориите има корисни ефекти врз стеатозата, но и врз некровоспалението и фиброзата. Има научни студии што покажаа дека губење на тежина од 7 до 10% за 12 месеци предизвикува резолуција на неалкохолниот стеатохепатитис во две третини од случаите; губење на тежината >10% го решава неалкохолниот стеатохепатитис во 90% од случаите и ја намалува фиброзата во 45% од случаите. Придржување кон медитеранскиот начин на исхрана, богата со маслиново масло, јаткасти плодови, мешунки, овошје, зеленчук и риба, покажало намалување на содржината на маснотии во црниот дроб, со ефект независен од намалувањето на телесната тежина и/или висцералната маснотија. Од друга страна, физичка активност од умерен интензитет води до потрошувачка на енергија и ги намалува мастите на црниот дроб. Секаков вид вежбање (аеробни вежби, вежби што водат до зајакнување на мускулната маса) е ефикасен, дури и во отсуство на значително губење на тежината.

Замастениот црн дроб е болест што треба да се сфати сериозно, бидејќи значаен дел од пациентите развиваат цироза на црниот дроб или хепатоцелуларен карцином. Поради отсуството на симптоми, главна улога во нејзиното откривање имаат лабораториските испитувања и ехотомографскиот преглед на абдоменот. За диференцирање на типот и тежината на болеста, неопходна е хепатолошка евалуација. Здравите навики во животот имаат значајна улога во контролата на оваа болест и спречување на нејзината прогресија.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!