Здравствениот предизвик – дијабетесот – е предизвик и на современиот свет, поради што Светската здравствена организација континуирано потсетува дека ова заболување со својот епидемиски карактер е навистина значаен јавно-здраствен проблем. Воедно со се поголемата стапка на пораст, особено во земјите во развој, дијабетот е можеби е најсериозното метаболно пореметување во светот. И кај двата основни типа на дијабетес (дијабетес тип 1 и дијабетес тип 2) квалитетната исхрана и суплементација се дел од нутритивниот тераписки пристап. Главна задача на исхраната е колку што може да го држи нивото на шеќерот во крвта на нормално ниво без некои поголеми осцилации бидејќи подобрата контрола на гликемијата има големо влијание на долгорочниот клинички исход. Тоа е така ако се знае дека хиперглигкемијата може да резултира со бројни компликациии опасни по живот, но и бројни коморбидитети. Д-р Александра Хаџи-Димова, диетолог, советува дека не треба да се потценува разликата што може да ја направат малите промени во животните навики во коцката исхрана од целиот мозаик наречен здрав животен стил.
Насоки во исхраната кај дијабет
Навиките во исхраната на пациентите со дијабетес треба да ги следат во прв ред универзално прифатените насоки на здрава исхрана, но за разлика од здравите луѓе првата важна насока е тие приоритетно храната да ја разберат како терапија, а не како извор на уживање. Секако ова не треба многу да ги загрижува пациентите бидејќи здравата исхрана и е многу вкусна, а тоа овозможува пациентите со дијабетес да имаат терапија полна со вкусови! Но, треба да се внимава бидејќи и минимални отстапувања во исхраната можат да го доведат организмот во нерамнотежа.
Пациентите со дијабетес тип 1 (автоимуно заболување каде панкреасот или премалку или пак воопшто не произведува инсулин, што значи дека шеќерот од крвта воопшто не може да влезе во клетките) оброците мораат да ги прилагодат со видот и дозата на инсулин како и со вредностите на гликоза во крвта.
Додека пациентите со дијабетес тип 2(поврзан со лоши животни навики-дебелина, мала физичка активност, стрес, пушење-панкреасот произведува инсулин но клетките најчесто не реагираат на него па гликозата повторно останува во крвта) оброците треба да ги планираат во зависност од нивната моментална но и целна телесна тежина, употребата на хипогликемици и нивото на гликоза во крвта. Помеѓу заболените од дијабетес тип 2 се почесто се присутни и децата кај кои неправилната исхрана доведува до дебелина која пак заедно со недоволното движење и консумацијата на газираните пијалоци, слатки и разни грицки се сметаат за главните виновници на појавата на дијабетот во детската возраст.
Втората важна насока кај пациентит со дијабет тип 2 е да не ги прескокнуваат оброците, кои треба да се минимално три на број со евентуално две ужини. Со овој ритам на оброците се овозможува организмот да работи мирно и во континуитет без поголеми осцилации на шеќерот во крвта.
Правилен избор на здрави продукти
Третата мошне важна насока е правилен избор на хранливите продукти, нивна правилна подготовка но и правилна комбинација на намирниците во еден оброк бидејќи храната го менува својот гликемичен индекс и во процесот на подготовка и кога мешаме разни видови храна. Треба да се избегнуваат производите од бело брашно, разните пецива и лиснати теста, а на нивно место да се користат интегралниот леб од цело зрно и интегралните житарки-овес, јачмен, просо, хељда. Интегралните тестенини треба да се готват до нивно омекнување за да не се зголемува со варењето гликемискиот индекс. Поради високиот ГИ не треба да се користат и експандираните мусли и корнфлекс. Кога сме кај месото кое секако треба да го има на трпезата но се разбира не секој ден најдобро е да се користи посното свежо од живина подготвено со варење на пареа или печење, додека пр- жењето, панирањето, маринирањето треба да се избегнуваат како и козервираното или дименото месо. Важност дајте и на морската и речната риба барем два пати неделно како вистински избор на омега 3 масните киселини, а најдобро е ако ја подготвите во стаклен сад за во рерна избегнувајќи го нејзиното пржење. Консумацијата на јајца и на млечна исхрана не треба да е секојдневна, а добар избор се киселите млечни производи со низок процент на маснотии. Ограничена треба да е и употребата на скробниот зеленчук, а посебно треба да се истакне дека со готвењето повторно се зглемува ГИ и на зеленчукот и тоа посебно на коренестиот зеленчук за кој се препорачува да се јаде во свежа форма (морков, цвекло, пашканат…) Од овошје користете го она кое има низок ГИ чиј претставник е јаболкото, а јаткастите плодови како бадемот и лешникот се одлични за регулација на хипогликемијата. Употребувајте ги ладно цедените масла, додека медот, шеќерот и шеќерните концентрати треба да се одбегнуваат. Местото на зашеќерените сокови и алкохолот кои се строго забранети треба да го заземат растителните чаеви, природно цедената лимонада, водата. Кафето е дозволено умерено по едно на ден.Количината на оброкот е индивидуална и за секој пациент посебно одредена. Таа се одредува според телесната маса и базалниот метаболизам на пациентот, бидејќи повеќе научни истражувања покажаа асоцираност на БМИ поголем од 30 со дијабетес тип2.
Почитувањето на правилната исхрана како моќен адут во процесот на лекувањето на ова заболување заедно со физичката активност е од големо значење ако се земе во предвид фактот дека во последнава декада дебелината и прејаденоста се поголем проблем на светско ниво од гладувањето..