Речиси секој од нас имал болки или грчеви во стомакот. Најчесто причина за стомачната болка може да е несериозна состојба која може лесно да биде дијагностицирана и третирана. Но, стомачната болка може да биде и знак за сериозна болест, затоа од голема важност е да ги препознаете симптомите и да се консултирате со вашиот лекар.
Најчестите причини за стомачна болка се:
– Проблеми со варењето на храната
– Запек
– Стомачен вирус
– Менструален циклус
– Труење со храна
– Алергија и интолеранција на храна
– Гасови и надуеност
– Чир
– Кила
– Воспаление на слепо црево
– Камчиња во бубрезите
– Ендометриоза
– Кронова болест
– Уринарни инфекции
Симптоми кои треба да ве загрижуваат
Посетете лекар доколку болката во стомакот е честа или е придружена со некој од овие симптоми: гадење, треска, крвава столица, потешкотии при дишење, повраќање на крв, доколку стомакот е болен при допир, доколку претходните денови сте имале повреда на стомакот, доколку болката трае повеќе дена последователно, доколку имате болки а сте бремена. Ваквите симптоми може да бидат знак на инфекција, воспаление или крвавење во абдоменот и бараат итен третман. Истите симптоми може да бидат и знак за карцином на дебелото црево, јајчниците или желудникот.
Како се одредува причината за болката?
Бидејќи постојат голем број причини за болка во стомакот потребни се повеќе испитувања и детален клинички преглед. Од голема помош во дијагностицирање е вашата соработка со докторот и одговорот на следниве прашања:
- Каков тип на болка чувствувате и со колкав интензитет?
- Дали болката е генерализирана и ве боли на одредено место на стомакот?
- Колку време ве боли стомакот? Дали ве боли постојано или повремено, само наутро или навечер?
- Дали ве боли по јадење или на гладно?
- Дали болката се шири кон грбот, долните екстремитети?
- Дали пиете лекови против болка и дали делуваат?
- Дали сте имале повреда на стомакот?
- Дали ве боли стомакот на допир?
Покрај одговорите на овие прашања за дијагностицирање на состојбата потребни се и дополнителни иследувања, анализа на крват и урината, ехо на абдомен, а доколку е потребно и компјутерска томографија и магнетна резонанца.
Како се лекува?
Третманот на пациентите со болка во стомакот се лекува во зависност од причината. Најчесто се третира со лекарства за намалување на лачењето на желудочната киселина (при ГЕРБ, чир), антибиотици, на пациентите им се даваат препораки за промени во навиките за храна и вежби. Во одредени случаи (воспаление на слепо црево, кила) потребна е хируршка интервенција.