МИОМИ НА МАТКА – КАКО ДА ГИ ПРЕПОЗНАЕТЕ СИМПТОМИТЕ И КОГА Е ПОТРЕБНА ОПЕРАЦИЈА ЗА ОТСТРАНУВАЊЕ?

Миомите се најчести бенигни тумори на матката, кои потекнуваат од мазната мускулатура и фиброзното сврзно ткиво. Процентуално поголема застапеност е кај жените над 35-годишна возраст. По изглед се формации во облик на јазли, кои варираат по големина и број. Според локализацијата се делат на:

  • супсерозни – на површината на матката, од кои најчесто се на петелка или поретко поставени на широка основа
  • интрамурални – поставени на ѕидот на матката и можe да се локализирани на телото или на грлото на матката
  • субмукозни – во внатрешноста на матката, под ендометријалната слузница.

Некои од нив, ако се во вид на петелка, можат по пат на гравитација да се стремат да излезат преку грлото на матката и вагината и тогаш се т.н. миоми што се породуваат и најчесто предизвикуваат болки слични на породилните, придружени со крвавења, кои прилично можат да ја вознемират пациентката, објаснува д-р Елизабета Матевска-Атанасовска, гинеколог–акушер од Клиничка болница „Аџибадем Систина“.

ПРИЧИНИ ЗА ПОЈАВА

Причината за настанување на миомите сè уште не е позната, но бидејќи најчесто се создаваат во репродуктивниот период на жената, а се намалуваат или не растат во менопаузалниот период, се претпоставува дека за нивното настанување голема улога игра постоењето на половите хормони. Оттаму, миомите се осетливи на антиестрогенска терапија. Високото ниво на естрогени хормони, а ниско ниво на прогестерон, односно неуредни овулации, се ризик- фактори или фактори што ги фаворизираат настанувањето и растот на миомите. Други ризик- фактори се – возраста над 35 години, генетска предиспозиција – дури за 2,5 пати ја зголемува инциденцата за појава на миомот, зголемен индекс на телесна маса, храна богата со црвено месо, бременост, мултипли породувања.

СИМПТОМИ

Повеќето од миомите, дури 50-70% не предизвикуваат симптоми. Тие се откриваат случајно, во тек на рутински гинеколошки преглед. Симптомите зависат од големината и локализацијата на миомот. Најчест и најконстантен симптом е постоење на абнормално крвавење (тоа може да биде хиперменореја, или количински обилно менструално крвавење, потоа менорагија, или продолжено менструално крвавење и метрорагија, или нерегуларно меѓуменструално крвавење). Поради растот можат да предизвикаат болка, која е втор најчест симптом. Таа може да се јави во околните органи во малата карлица или ’рбетниот столб. Пациентката може почесто да мокри или да не може да мокри поради притисок врз мочниот меур, како и појава на болна дефекација поради притисок на миомот врз дебелото црево. Кај супсерозните миоми, кои се поставени на петелка, можна е и изненадувачки јака болка во абдоменот, како резултат на увртување на петелката и на дегенеративни промени во миомот. Болките може да се потенцираат и при сексуални односи, а пациентката да се пожали на подуеност на стомакот и неодреден притисок во долниот дел на абдоменот. Сето тоа може да е придружено со евидентни лабораториски анализи кај пациентката, во прилог на секундарна анемија од различен степен.

КАКО СЕ ПОСТАВУВА ДИЈАГНОЗА?

Задолжителен е бимануелен гинеколошки преглед, трансвагинален ултразвук, понекогаш и трансабдоминален ултразвук, со кој подобро се визуализираат поголемите супсерозни миоми. Кај пациентки со абнормални крвавења како дијагностичка постапка се применува и експлоративна киретажа. Тоа е абразија на внатрешноста на матката, која се работи со краткотрајна интравенска анестезија. Материјалот се испраќа за хистопатолошка анализа, особено кога се работи за сомнение за постоење на малигни промени. Дополнителни дијагностички процедури вклучуваат КТ на органите на малата карлица, хистероскопија или лапароскопија.

КОМПЛИКАЦИИ

Како компликација може да се јави стерилитет поради нарушен транспорт на сперматозоиди, непроодност на грлото на матката или транспорт кон јајцеводите и неможност за всадување на оплодената јајна клетка. Најретка, но и најлоша компликација е малигна алтерација на миомот, која е застапена во 0.5%.

МИОМИТЕ И БРЕМЕНОСТА

Во случај, сепак, да настане бременост, можен е зголемен број на спонтани абортуси, предвремено породување, нарушувања во функцијата на постелката, болка, оток и притисок врз големите крвни садови на долните екстремитети, невообичаени презентации на поставеност на плодот во текот на бременоста, како и пообилни крвавења по завршување на породувањето. Зголемениот раст на миомот е во првата половина на бременоста, која се должи на зголемена продукција на хормони и поголемо крвавење.

КОГА Е НЕОПХОДЕН ТРЕТМАН?

Сите миоми не бараат третман, односно не мора сите миоми да се оперираат. Тоа зависи од големината, растот, локализацијата, симптомите што ги предизвикува миомот, како и од репродукцијата на жената. Затоа секоја пациентка се иследува и се планира индивидуално. Во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ се изведуваат повеќе типа оперативни зафати, кои зависат од локализацијата, големината на миомот, како и од едукацијата на оперативниот тим, односно од расположивоста на техниката потребна за одредена оперативна процедура. За секоја интервенција се изготвени специјални гинеколошко-оперативни пакети со достапни цени.

Постои отворено отстранување на миомот, миомектомија, со отворање на предниот абдоминален ѕид, потоа лапароскопско отстранување и ако локализацијата е во внатрешноста на матката, хистероскопско отстранување на миомот. Ендоскопските техники се подобри поради тоа што работата на операторот е со повеќекратно зголемување на полето за работа, што дава подобра визуaлизација, полесно препарирање на слоевите на матката, поегзактна хемостаза, а со тоа и поголема безбедност за здравјето на пациентката. Таа на овој начин има пократко време на реконвалесценција, односно жената веќе следниот ден по операцијата може да ја напушти болницата. Освен естетскиот момент на резовите во должина од 1 см на стомакот, пациентката многу поскоро заздравува и се враќа на секојдневните обврски и семејството.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!