ТОКСОПЛАЗМА НАЈЗАСТАПЕНИОT ПАРАЗИТ КАЈ ЧОВЕКОТ

Токсоплазмата е инфективно заболување кое е предизвикано од паразитот Toxoplasma gondii кој e најзастапениот паразит кај човекот во светот. Природен домаќин на Toxoplasma gondii се мачките. Според актуелните статистички податоци, 40-50% од популацијата што живее во современите земји е заразена со Toxoplasma gondii, а во неразвиените земји овој процент е дури и до 80%.

Д-р Биљана Ќурчиќ, специјалист по микробиологија и паразитологија, објаснува дека инфекцијата настанува на еден од следниве начини: консумирање контаминирано а недоволно термички обработено месо, пиење контаминирана вода, користење контаминирани алатки за приготвување на храна, консумирање на недоволно измиено овошје и зеленчук, контакт со инфицирани мачки, трансплантација на орган или ткиво од инфициран дарител и пренос на паразитот од мајката на плодот во текот на бременоста.

ДАЛИ СТЕ НОСИТЕЛ НА ТОКСОПЛАЗМА?

Кај дел од луѓето паразитот знае да предизвика состојба која многу наликува на грип, со симптоми на болка во мускулите, отечени лимфни жлезди, главоболка, температура и чувство на замор. Најголем дел од заразените луѓе не развиваат симптоми ни знаци на болест. Инфекцијата станува сериозна кога здрава жена носител на паразитот останува бремена, па во текот на бременоста ќе го зарази плодот или, пак, кога се јавуваат состојби што го ослабуваат имунолошкиот систем на инфицираното лице.

ЗОШТО СЕКОЈ ОД НАС ТРЕБА ДА СЕ ИСПИТА ЗА ПРИСУСТВО НА TOXOPLASMA GONDII?

Во случај на недијагностицирана и нелекувана токсоплазмоза, паразитот предизвикува сериозни оштетувања на плодот, а кај лица што имаат ослабен имун систем предизвикува животозагрозувачко воспаление на мозокот.

„Кога некој ќе се инфицира со Toxoplasma gondii, паразитот формира циста што може да се насели во кој било дел од телото, но најчесто се населува во мозокот или мускулното ткиво на кој било орган како срцевиот мускул. Сè додека организмот е здрав, паразитот е во неактивна фаза, но во моментот кога ќе се појави друга болест, ќе се земе некој медикамент или ќе настане стрес, кој го ослабува имунолошкиот одговор, настанува тешка инфекција со сериозни компликации опасни по живот“, објаснува д-р Ќурчиќ.

СПЕЦИФИЧЕН ТЕСТ ЗА СИГУРНА И ПРЕЦИЗНА ДИЈАГНОЗА

Олеснителна околност е дека инфекцијата е многу едноставна за дијагноза, а кога ќе се дијагностицира, постои начин навреме да се превенира сериозната инфекција со сите нејзини последици. „Во лабораторијата за микробиологија и паразитологија во нашата болница постои специфичен тест кој овозможува сигурна и прецизна дијагноза за присуство на паразитот во организмот, како и одредување на временскиот период кога настанала инфекцијата, што овозможува подготовка на прецизен план за превенција и третман. Доколку резултатот е позитивен, во амбулантата за инфективни заболувања пациентот може да добие безбеден соодветен третман за лекување на инфекцијата. Доколку станува збор за млади луѓе коишто планираат формирање семејство, на одделот гинекологија може да се добие совет за третман и превенција на каков било ризик врз здравјето на планираниот плод“ – советува д-р Ќурчиќ. Во случај да е веќе развиена инфекцијата, прво треба да се направи специфичен тест за токсоплазмоза. Во Молекуларната лабораторија во „Аџибадем Систина“ е достапен и молекуларен тест за докажување на Toxoplasma gondii, кој се применува секојпат кога ќе се појават клинички знаци за инфекција. Тестот е со ПЦР-метода во примерок кој може да е полн со крв или кој било друг тип биолошки примерок како цереброспинална течност, плодова вода и слично. Откривањето на Т.gondii со ПЦР е брз и прецизен тест за дијагноза на присуство на паразитот во посочените примероци, дури и кога паразитот е присутен во многу мала концентрација. Серолошките тестови за присуство на антитела кон Toxoplasma gondii докажуваат дека сте имале контакт со паразитот и го одредуваат временскиот период кога настанал контактот, а ПЦР-методата се користи за дијагноза на инфекцијата кога постојат и симптоми предизвикани од присуство на паразитот. За да можете безбедно и безгрижно да уживате во планирање и формирање на семејството, консумирање на омилената храна, патување, како и дружење со милениците, докторите советуваат да направите брза и едноставна проверка за присуство на паразитот Toxoplasma gondii. „Стручниот тим од нашата болница, повторно користејќи две надополнувачки а различни методи, со најголема специфичност и точност овозможува скрининг и поставување на дијагноза, има уникатен пристап единствен во нашите лаборатории, со кој се поддржува и подобрува квалитетот на живеење на нашите пациенти“, вели молекуларниот биолог м-р Среќко Рајовски од молекуларното одделение во „Аџибадем Систина“. По изработка на специфичниот тест, се пристапува кон детален преглед за проценка на состојбата, при што веднаш се започнува со специфичен третман, со цел да се избегне несакан исход од настанатата инфекција.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!