Доењето е најдобриот начин за исхрана на бебињата. Меѓутоа, мајките на близначиња многу лесно се откажуваат да ги дојат своите новороденчиња. Најчесто поради тоа што често се во дилема дали имаат доволно млеко да дојат две деца. Во прилог ви даваме одговор на најчестите прашања.
1. Дали треба да се дојат бебињата во исто време?
Кога доите близнаци или повеќе бебиња, доете го секое бебе посебно. На овој начин ќе му обрнете доволно внимание на бебето, во поглед на тоа дали е правилно поставено и дали правилно цица. Се препорачува да направите 24-часовен распоред кој ќе ви помогне да се уверите колку често и колку долго се храни секое од вашите бебиња и колку пелени трошите за секое бебе. Доколку мајчиното млеко го префрлите во шише со цуцла, ќе имате увид на тоа колкава количина млеко зема секое од вашите бебиња за време на еден оброк.
Вие и вашите бебиња сте тие кои го утврдувате начинот на доење. Некои мајки сметаат дека доењето на две бебиња истовремено е подобро и заштедува време. Други преферираат доење на секое бебе поединечно. Пробајте ги сите можни начини на доење, на пример, посебно доете го едно од бебињата навечер, а во текот на денот доите две бебиња во исто време со што самите ќе утврдите кое доење најмногу ќе ви одговара вам и на вашите бебиња.
2. Дали мајката ќе има доволно млеко?
Повеќето жени можат да произведат доволно млеко за да нахранат близнаци, а некои од нив дури и поголем број бебиња. За да го утврдите потребното количество млеко за секое бебе, треба да ги следите следниве совети:
Започнете веднаш по породувањето: Доете ги вашите бебиња веднаш по породувањето, и тоа најмалку од 8 до 12 пати во 24 часа. Што почесто доите, произведувате повеќе млеко.
Користење на пумпа за измолзување: Доколку вашите бебиња се предвреме родени и не можат веднаш да цицаат, почнете со молзење на дојките веднаш по породувањето со цел да обезбедите доволно количество млеко. Побарајте специјална пумпа за молзење на двете дојки истовремено. Со оваа пумпа двојно го заштедувате времето на молзење. Откако ќе се утврди количеството на млеко потребно за бебињата, другите членови од вашето семејство ќе можат да ги хранат бебињата со шише и цуцла.
Менување дојки: Менувањето на дојките додека ги доите бебињата ви помага во одржувањето на производството на млеко бидејќи секое бебе има различен стил на цицање. Со менувањето на дојките при доењето се развива видот на бебињата. Обрнете внимание едното бебе да го храните со истата дојка во текот на целиот ден, а следниот ден со другата или, пак, да ја менувате дојката на секој оброк. Потрудете се секогаш бебето да го приближувате до дојката, а избегнувајте дојката да ја приклонувате кон бебето.
3. Дали може да се хранат бебињата комбинирано со мајчино и вештачко млеко?
Иако мајчиното млеко е идеално за бебињата, некои мајки одлучуваат да го комбинираат со вештачка храна за бебиња. На пример: можете да замените едно или неколку доења со вештачка храна. Консултирајте се со педијатар со цел да утврдите што е најдобро за вас и за вашите бебиња. Доколку често ги храните бебињата со вештачка храна, односно ги доите помалку од 8 до 10 пати во текот на денот, имајте предвид дека мајчиното млеко ќе почне да се намалува.
4. Што друго треба да запомните за доење близнаци?
Доењето на повеќе бебиња може да биде тешко, но не се обесхрабрувајте! Доколку не можете да се снајдете, побарајте совет од вашиот педијатар. Побарајте помош од сопругот и блиските членови во семејството околу обврските во домаќинството, со што комплетно би им се посветиле на бебињата. Бидете трпеливи и толерантни кон вашите бебиња додека го совладувате доењето на две или повеќе бебиња истовремено, и доколку имате одредени потешкотии, не плашете се да побарате помош.