Во следните неколку дена територијата на Македонија ќе биде зафатена од екстремно топол бран, а температурите ќе достигнат и над 35 степени. Докторите советуваат да не се излегува на отворено од 10 до 17 часот, да се пијат големи количини течности, да се внимава во исхраната, како и со облеката, која треба да биде лесна и во светли бои. Прочитајте ги нашите совети како да се справите со летните горештини.
1.На овие високи температури се препорачува сите оние што немаат потреба да излегуваат надвор да седат дома, да пијат повеќе течности. Ова особено се однесува за младите категории и за возрасните хронично болни пациенти. Хронично болните пациенти треба да ја земаат редовно терапијата пропишана од лекарите. Кај хронично болните пациенти со зголемен крвен притисок и кардиолошките пациенти, зголемена е можноста да добијат мозочен или срцев удар.
2.Доколку имате неопходна работа и не може да се одложи, тогаш е препорачливо на главата да се стави шапка, но и заштитен крем. Треба да се носи лесна облека во светла боја, која не е залепена за телото, како и очила за сонце.
3.Не влегувајте веднаш во автомобил, прво отворете ги вратите да се излади малку и доколку имате можност, употребувајте клима-уред. Наглото влегување од топла во ладна просторија и обратно не е препорачливо, мора да има период на адаптација.
4.Внимавајте и на исхраната, особено ако се употребува зеленчук. Тој треба добро да се измие за да не дојде до цревни заболувања и интоксикации, кои во овој период се многу чести.
5.Луѓето кои во овој период ги користат годишните одмори и се покрај вода треба често да се разладуваат, но во периодот до 10 часот, а во периодот од 11 до 17 часот да бидат под сенка или во затворена просторија. Да употребуваат кремови со висок заштитен фактор и, се разбира, многу течности.
6.Ако не се применуваат овие совети може да дојде главоболка, гадење, повраќање, зголемување на телесната температура, но и до кардиоваскуларен колапс. Доколку се појават првите симптоми на сончаница или топлотен удар, веднаш појдете до најблиската медицинска установа. Во спротивно, престојувајте во ладна и затемнета просторија. Ако имате главоболка може да се напиете некој аналгетик, парацетамол и да ставите ладни облоги на главата, но и ладење со студена вода под туш.
7.Возењето велосипед се препорачува, но во раните утрински часови или попладне, кога сонцето не е многу јако. Оние што возат мотоцикли, пак, нема да ја почувствуваат топлината, но кацигата е таа која прави топлотен удар. Доколку морате да бидете надвор во овие топли денови, одлучете се за патеки со дебели сенки.
8.Избегнувајте сувомесни производи, особено тие што не се соодветно чувани, зашто може да доведат до тешки здравствени нарушувања. Не купувајте продукти што не се ставени во фрижидер, а ако веќе ги купите мијте ги добро со многу вода. Не се препорачува консумирање брза храна бидејќи имаме серија труења. Воздржете се од консумирање секаков вид месо во овој период доколку можете. Доколку, пак, не можете, практикувајте тоа да е подготвено во домашни услови и добро сварено.
9.Консумирајте и ладни негазирани пијалаци. Дехидратацијата е една од најзастапените појави во летниот период.