Детето има грип – Што треба да знаете за правилен третман и превенција?

Сезонскиот грип е една од најчестите вирусни инфекции кај децата, особено во зимските и раните пролетни месеци. Станува збор за многу заразна респираторна инфекција што лесно се шири, особено во детските колективи. Иако најчесто поминува без посериозни последици, во одредени случаи може да предизвика компликации. Како да го препознаете грипот, како правилно да го лекувате детето и кои се најважните мерки за превенција? На овие прашања одговара д-р Оливера Груевска, специјалист по педијатрија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Сезонскиот грип најчесто започнува нагло, со висока телесна температура од 38 до 40 °C, треска, главоболка, болки во мускулите и зглобовите, кашлица и изразена малаксаност. Кај некои деца може да се појават и повраќање или дијареја. Симптомите најчесто траат од 3 до 7 дена, но во одредени случаи болеста може да предизвика и посериозни компликации.

Дијагнозата на сезонскиот грип најчесто се поставува врз основа на клиничката слика, симптомите и текот на болеста. Важно е грипот да се разликува од другите респираторни инфекции. Кај децата со веќе потврден грип не е потребно често проверување на крвната слика и ЦРП (C-реактивен протеин), доколку нема дополнителни медицински индикации. Во случаи кога дијагнозата е нејасна или симптомите се потешки, може да се направат ПЦР-тестови или брзи антигенски тестови.

Најважно е детето да внесува доволно течности и да има соодветен одмор. Хидратацијата е особено важна, а се препорачува и лесна, разновидна исхрана со свежи намирници богати со витамини. За намалување на телесната температура и ублажување на болките може да се користат парацетамол или ибупрофен, во доза соодветна на телесната тежина и возраста на детето, според препорака на лекар. Аспирин не смее да се дава на деца со грип.

Антибиотиците не дејствуваат против вирусот на грип, па затоа нивната употреба не е потребна при некомплицирана вирусна инфекција. Тие се применуваат само доколку лекарот утврди секундарна бактериска инфекција. Непотребната употреба на антибиотици треба да се избегнува.

Родителите треба да обрнат особено внимание на предупредувачките симптоми како што се отежнато дишење, постојано повраќање, неможност за внесување течности, продолжена висока телесна температура што не се намалува со лекови и нагло влошување на општата состојба. Дополнително, доколку се забележат нагли промени во однесувањето, односно ако претходно активното дете стане апатично, сака само да лежи, има болки во телото, е невообичаено мирно или раздразливо, одбива течности или не сака да стои и да оди, потребно е веднаш да се побара лекарска помош.

Вакцинацијата е најважната превентивна мерка против сезонскиот грип и се препорачува за деца на возраст од 6 месеци и постари. Иако не обезбедува целосна заштита од инфекција, значително го намалува ризикот од потешка форма на болеста и сериозни компликации. Се препорачува децата да се вакцинираат секоја година, по можност во периодот од септември до крајот на октомври. Вакцинацијата е особено важна кај децата со хронични заболувања, астма, дијабетес и други здравствени состојби.

Во спречувањето на ширењето на грипот меѓу децата особено значење имаат правилните хигиенски навики и почитувањето на основните мерки за превенција. Редовното миење на рацете, одржувањето на хигиената на горните дишни патишта, чистењето и дезинфекцијата на просториите и површините, како и честото проветрување се важни мерки за намалување на ризикот од ширење на инфекцијата. Дополнително, се препорачува избегнување поголеми собири и престој на места со голем број луѓе, носење заштитни маски кога е потребно, како и практикување здрави животни навики, вклучувајќи балансирана исхрана, внесување доволно течности и редовен престој на свеж воздух. Особено е важно децата со симптоми на грип да останат дома за да се намали ризикот од пренесување на инфекцијата.

Навременото препознавање на симптомите, правилното поставување на дијагнозата, соодветниот третман и редовната вакцинација се клучни за заштита на здравјето на децата, намалување на ризикот од компликации и побрзо закрепнување.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!