ПРЕПОРАКИ ЗА ИСХРАНА ЗА ЛИЦАТА СО ХАШИМОТО СИНДРОМ

Хашимото синдромот е автоимуна болест која предизвикува хронично воспаление на тироидната жлезда и најчесто води кон хипотироидизам. М-р Ана Антовска, нутриционист, истакнува дека оваа состојба влијае врз метаболизмот, енергијата и целокупното здравје и затоа правилната исхрана претставува важен дел од третманот и одржувањето на балансот во организмот.

Кои нутриенти е потребно да се внесуваат?

  1. Селен — Овој минерал помага во заштитата на тироидната жлезда од оксидативен стрес и поддржува правилна активност на тироидните хормони. Извори: бразилски ореви, семки од сончоглед, риба, јајца.
  2. Јод — клучен за синтеза на тироидните хормони. Меѓутоа, кај Хашимото треба да се биде внимателен со внесот на јод бидејќи премногу јод може да ја влоши состојбата. Препорачливо е да се консултира лекар или нутриционист.
  3. Витамин Д — има улога во модулацијата на имунитетот. Недостатокот на витамин Д е чест кај лица со автоимуни болести. Природен извор е сончевата светлина, а може да се зема и со додатоци во исхраната, но претходно задолжително да се испита нивото на овој витамин во крвта и да се консултира лекар за дозирањето на сумплементот.
  4. Антиоксиданти — витамин Ц, Е и други антиоксиданти помагаат во намалување на воспалението. Природни извори се свежо овошје и зеленчук.

Што да се избегнува?

  • Глутен: Некои студии покажуваат дека глутенот може да предизвика влошување кај пациенти со Хашимото, поради сличноста со тироидното ткиво. Препорачливо е да се редуцира внесот на глутен и  да се следат симптомите.
  • Преработена храна и шеќери: Тие го зголемуваат воспалението и можат да го отежнат контролирањето на тежината.
  • Храна што содржи гоитрогени супстанции: консумирањето во умерени количини е безбедно, но прекумерната употреба може да влијае врз тироидната функција.

„Гоитрогени супстанции се природни или синтетички соединенија кои можат да влијаат врз функционирањето на тироидната жлезда, главно така што го попречуваат внесот на јод или ја нарушуваат синтезата на тироидните хормони. Ова може да доведе до зголемување на тироидната жлезда (гоитер) и во некои случаи до намалена функција на тироидеата“, објаснува м-р Антовска.

Храна што содржи гоитрогени супстанции:

  • Гоитрогени во зеленчукот:
    • Брокула
    • Карфиол
    • Кељ
    • Зелка
    • Ротквици
    • Прокељ.

Тие содржат изотиоцијанати и тиоцијанати кои може да го блокираат внесот на јод во тироидните клетки.

  • Соја и соини производи:

Сојата содржи изофлавони кои можат да влијаат врз тироидната функција, особено ако постои недостиг на јод во организмот.

  • Кикиритки, просо и други житарки:

Тие содржат гоитрогени супстанции, но во помали количини.

Кој е ризикот и како да се однесуваме спрема гоитрогените?

  • За поголемиот дел од луѓето со нормална тироидна функција, умерено внесување на овие намирници не претставува проблем.
  • Кај луѓе со Хашимото синдром или други тироидни заболувања, особено ако има недостиг на јод, големи количини од овие продукти можат да го отежнат управувањето со болеста.
  • Топлинската обработка (варење, печење) значително го намалува гоитрогеното дејство на овие намирници.
  • Најдобро е да се јадат во умерени количини и да се балансира внесот на јод преку исхрана.
  • Јадењето редовно мали оброци богати со протеини, здрави масти и влакна помагаат во одржување на стабилен шеќер во крвта и енергија.
  • Хидратацијата е важна за целокупното здравје.
  • Контрола на стресот, редовна физичка активност и правилна исхрана го подобруваат имунитетот и му помагаат на секој поединец со Хашимото синдром да одржува нормална телесна тежина и да не складира масти. Тврдењето дека тешко се слабее при оваа состојба е сосема неточно, бидејќи со персонализиран диететски протокол и индивидуални препораки за корекција на стилот на живеење, секој поединец може да ја постигне целта и да се избори со вишокот килограми, без враќање на редуцираната телесна тежина и нејзино одржување на долг рок.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!