Улогата на медицинските физичари и радиолошките технолози во радиотерапијата со TrueBeam

ПРЕЦИЗНОСТ И БЕЗБЕДНОСТ ВО СЕКОЈА ФАЗА

Современата радиотерапија се потпира врз прецизна технологија и тесна меѓусебна соработка меѓу различни стручни профили. Во овој комплексен процес, клучна улога имаат докторите радиотерапевти, кои ја водат терапијата со својата стручност и клиничка проценка. Но, за прецизно и безбедно спроведување на секој третман, од исклучителна важност се и медицинските физичари и радиолошките технолози, кои претставуваат незаменлива алка во целиот процес. Тие се вклучени во секоја фаза, од планирањето и подготовката, преку верификација, до континуирана контрола на квалитетот на третманот.

Со воведувањето на најсовремениот TrueBeam-акцелератор, оваа мултидисциплинарна соработка станува сè поважна и посложена, при што секој член од тимот има прецизно дефинирана, но истовремено меѓусебно зависна улога во постигнување на терапевтскиот успех.

TrueBeam-системот претставува врв на радиотерапевтската технологија. Покрај стандардните IMRT (интензитет-модулирана радиотерапија) и VMAT (волуметриски модулирана аркотерапија), апаратот овозможува и спроведување на:

• стереотактична радиотерапија (SRT) – примена на високи дози на прецизно ограничени волумени во неколку сесии, со минимален ризик за околното здраво ткиво

• стереотактична радиохирургија (SRS) – еднократен третман кој со висока прецизност дејствува врз таргетираното ткиво, најчесто во мозокот и во многу случаи може да ја замени класичната хирургија

• стереотактична радиотерапија на тело (SBRT) – прецизно насочување на високи дози зрачење кон мали, јасно дефинирани тумори во телото (надвор од мозокот).

„Примената на овие методи бара исклучително прецизна координација и контрола, за што се грижат медицинските физичари преку верификација на секој технички аспект – од позиционирањето на пациентот и стабилноста на апаратот, до мерењето на реалната доза што се испорачува во секој момент. Медицинските физичари се тивките чувари на безбедноста, ефикасноста и прецизноста во радиотерапијата. Технологијата како TrueBeam овозможува извонредни резултати, но само кога зад неа стои тим кој со знаење, посветеност и стручност ја претвора секоја терапија во прецизно планирана и контролирана интервенција“, објаснува Мартин Јовчевски, медицински физичар.

УЛОГАТА НА МЕДИЦИНСКИТЕ ФИЗИЧАРИ

Работата на медицинските физичари започнува уште пред да се вклучи апаратот. При инсталација на TrueBeam, тие се одговорни за проценка и потврда дека системот е инсталиран според највисоките стандарди за радијациска заштита. Секој аспект, од архитектонската поставеност на просторот, до заштитата на медицинскиот персонал и пациентите, мора да биде темелно проверен и потврден. По инсталацијата, следува фаза на калибрација на зрачните снопови, при што медицинските физичари користат високочувствителни инструменти за да ја утврдат точната излезна доза од апаратот. Паралелно со ова, се моделираат алгоритмите за планирање на зрачна доза, со што се создава основата за индивидуализиран третман за секој пациент. Целта е јасна – секој пациент да ја добие токму онаа доза што му е пропишана, во рамките на точно одредениот волумен.

ПРЕЦИЗНО ПЛАНИРАЊЕ И ВЕРИФИКАЦИЈА

Во текот на клиничката работа, медицинските физичари активно учествуваат во планирањето на третманите, со цел да се обезбеди оптимално дозиметриско и геометриско покривање на туморот, при максимална заштита на здравото ткиво. Тие се задолжени за верификација на секој план, како и за проверка на точноста на испорачаната доза при секој индивидуален дневен радиотераписки третман. Клучната улога во ваквата терапија ја има докторот радиотерапевт, кој прецизно ја одредува локацијата на туморот, органите од ризик, ја определува дозата што треба туморот да ја прими и бројот на фракциите.

„Со TrueBeam, прецизноста не е само техничка можност – таа е реална гаранција. Како медицински физичари, секој ден носиме одлуки кои ги одредуваат квалитетот и безбедноста на терапијата. Нашата задача е да ги усогласиме техничките параметри со биолошката реалност на пациентот, и тоа со највисоко можно ниво на контрола“, вели Соња Петковска, медицински физичар.

Дополнително, TrueBeam е опремен со движечки терапевтски кауч (третманска маса), кој со минимални ротации во сите насоки овозможува совршено прецизно позиционирање на пациентот. Овој кауч е под постојан надзор и автоматско усогласување со анатомската положба на телото. Тој користи Respiratory Gating и Identify системи за следење на движењето за време на терапијата и при секое неочекувано движење, како што е движење од дишење или мало поместување, системот веднаш го прекинува зрачењето за да спречи ирадијација на здравите ткива. На тој начин се минимизираат несаканите ефекти, а терапијата останува високо прецизна и целно насочена. Бидејќи се работи со многу високи зрачни енергии (во зона на јонизација), медицинските физичари не се одговорни само за прецизноста и ефикасноста на третманот кај пациентите, туку и за обезбедување на највисоки стандарди на радиолошка заштита. Од особена важност е да се овозможат безбедни и контролирани услови за работа за сите членови на мултидисциплинарниот тим, кои активно учествуваат во овој сложен процес. Токму преку оваа двојна улога, клиничка и безбедносна, медицинскиот физичар претставува клучна алка во квалитетната и безбедна онколошка терапија.

РАДИОЛОШКИ ТЕХНОЛОЗИ – ТОЧНОСТ ВО СЕКОЈ ЧЕКОР ОД ТРЕТМАНОТ

Во процесот на радиотерапија, покрај докторите и медицинските физичари, важна и незаменлива улога имаат и радиолошките технолози. Тие се одговорни за прецизна и безбедна примена на третманот, почнувајќи од КТ-симулацијата, па сè до секојдневната реализација на зрачењето. Радиолошкиот технолог е првиот што го среќава пациентот при почетокот на радиотерапијата. Тој детално го објаснува целиот процес, обезбедувајќи разбирање, поддршка и чувство на сигурност кај пациентот.

„Во текот на третманот, се изведуваат 2Д и 3Д снимања, како што е CBCT (Cone Beam CT), со цел да ја потврдиме точната позиција на регијата што се третира. Во зависност од анатомската промена или движење, се прават автоматски корекции на третманската маса, со што се обезбедува милиметарска прецизност – особено важна кај SRS и SBRT третманите. Редовно се следи состојбата на пациентот и доколку се јави потреба, веднаш се информира докторот за понатамошна проценка“, објаснува Никола Апостоловски, радиолошки технолог.

ШТО ПРЕТСТАВУВА КТ-СИМУЛАЦИЈАТА ВО РАДИОТЕРАПИЈАТА?

КТ-симулацијата е првиот, но и еден од најважните чекори во процесот на радиотерапија. Таа претставува специјализирано снимање со компјутерска томографија (КT), изведено во положба што ќе биде репродуцибилна за секој нареден третман. Целта е со најголема можна точност да се одреди таргет областа која ќе ја прими пропишаната доза, со максимално зачувување на околните здрави ткива. Симулацијата ја спроведува радиолошкиот технолог, кој притоа користи различни имобилизациски помагала, зависно од анатомската регија која се третира – како на пример, термопластични маски за глава и врат, специјални перничиња, подлоги и други помагала.

 „По правилно позиционирање, се вршат обележувања на кожата или маската, кои ќе се користат за секоја последователна сесија на зрачење. Процесот на симулација трае приближно 30 минути, целосно е безбеден, безболен и неинвазивен“, додава Небојша Апостоловски, радиолошки технолог.

Снимките од КТ-симулацијата потоа се префрлуваат во системот за планирање на третманот, каде што започнува изработката на индивидуализиран терапевтски план во соработка со докторот радиотерапевт и медицинскиот физичар. Современата радиотерапија не е само технолошки напреден процес – таа е резултат на тимска работа, во која секој професионалец има јасна, но тесно специјализирана улога.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!