СЕРКЛАЖ ВО БРЕМЕНОСТ – БЕЗБЕДНА И ЕФИКАСНА ПОДДРШКА ЗА МАЈКАТА И БЕБЕТО

Бременоста е посебно искуство во животот на секоја жена, кое ги покажува нејзината сила и способност на телото да создаде и донесе нов живот. Тоа е динамичен процес во кој, во текот на деветте месеци, телото на жената се менува и приспособува на секоја фаза од развојот на фетусот. Иако бременоста е еден од најубавите периоди во животот на една жена, може да се јават компликации што бараат дополнителна медицинска поддршка и грижа.

Д-р Никола Панчевски, специјалист по гинекологија и акушерство, објаснува дека понекогаш кај некои бремени жени се случува грлото на матката да попушти, да започне да се отвора или скратува и тогаш е неопходно да се направи серклаж по вагинален пат. Во одредени случаи, поради оштетувања на грлото на матката и претходни интервенции, единствено решение за зачувување на бременоста e да се направи трансабдоминален серклаж (преку стомак).

„За време на следењето на бременоста, гинекологот може да утврди дали грлото на матката се скратило или започнало да се отвора, или пак дали има истекување на плодовата вода. Во такви случаи, серклажот е неопходен за да се зачува здрава бременост до терминот за породување. Нормалното грло на матката е долго и цврсто, па затоа доколку се утврди некаква промена, тоа бара внимателно следење во текот на целата бременост“, објаснува д-р Панчевски.

ПРЕТХОДНИ ИНТЕРВЕНЦИИ НА ГРЛОТО НА МАТКАТА И НИВНОТО ВЛИЈАНИЕ

Редовните превентивни гинеколошки прегледи се клучни за навремено откривање и правилно лекување на промените на грлото на матката, со цел во иднина бременоста да минува без компликации. Исто така, доколку се утврдат вродени аномалии на матката, тие треба да се решат оперативно пред бременоста. Д-р Панчевски објаснува дека доколку кај некоја пациентка се утврдат претканцерозни промени на грлото на матката, тие мора навреме да се санираат и целосно да се излечат. За потврда на дијагнозата се користат биопсија и хистолошка анализа. Промените можат да бидат реверзибилни (ЦИН 1 и ЦИН 2) или иреверзибилни (ЦИН 3 и карцином ин ситу).

„Секогаш кога имаме наод во прилог на иреверзибилни промени, мора да се отстрани дел од грлото на матката. Од исклучителна важност е оперативната техника што ќе се употреби, а гинекологот треба да биде максимално штедлив. Во нашата болница се применуваат современи пристапи како електроексцизии и конизација со ултразвучен скалпел, постапки што се ефикасни, безбедни и високопрецизни, но бидејќи тоа подразбира отстранување на дел од ткивото на грлото на матката, кај одреден број жени може да има влијание врз должината и цврстината на грлото на матката во текот на бременоста“, објаснува д-р Панчевски.

ТРАНСАБДОМИНАЛЕН СЕРКЛАЖ – РЕШЕНИЕ КАЈ ТЕШКИ СЛУЧАИ

Доколку се отстрани голем дел од грлото на матката или речиси цело грло, д-р Панчевски вели дека тоа значи нарушување на функцијата што ќе резултира со спонтани абортуси во втор триместар, прскање на воденикот и предвремено породување и во овие случаи, кај тие пациентки се препорачува поставување трансабдоминален серклаж, кој се изведува лапароскопски или со класично отворање на стомакот.

„Трансабдоминалниот серклаж е операција што се препорачува кај жени што имаат сосема мал дел од грлото на матката или ампутирано грло на матка, односно немаат грло на матка. За време на оваа операција се поставува нересорптивна лента на делот каде што се спојуваат грлото на матката (кое недостасува) и самата матка. Кога правилно се применува, серклажот претставува една од најефикасните методи за превенција на предвремено породување. За време на бременоста се обезбедува стабилност на грлото на матката во периодот кога бебето најинтензивно расте, со што ризикот од компликации значително се намалува“, објаснува д-р Панчевски.

ОТСТРАНУВАЊЕ НА СЕРКЛАЖ И НАЧИН НА ПОРОДУВАЊЕ

Според д-р Панчевски, трансабдоминалниот серклаж е најсоодветно да се постави кога жената не е бремена или исклучително во првите недели од бременоста, но никако по 11. недела. Во случаите кога серклажот се поставува по вагинален пат, тоа обично се прави помеѓу 12. и 14. недела од бременоста. Многу жени по изведување на серклажот ја износуваат бременоста до термин или многу блиску до терминот, што значително ги зголемува шансите за раѓање на здраво и доволно развиено бебе.

„Кај вагиналниот серклаж постои точно утврден период кога се отстранува, најчесто помеѓу 36. и 37. гестациска недела, пред телото природно да започне со подготовка за породување. Самата постапка е краткотрајна и безболна, а со отстранувањето се овозможува грлото на матката спонтано да се отвора, за да може породувањето да се одвива непречено. За разлика од тоа, кај абдоминалниот серклаж пристапот е поинаков. Нересорптивната лента останува поставена до крајот на бременоста, која задолжително завршува со царски рез. Овој метод однапред го дефинира начинот на породување, но обезбедува цврста и стабилна поддршка во текот на целата бременост, особено во случаи кога ризикот е зголемен“, објаснува д-р Панчевски.

Кога постои добра комуникација со лекарот, редовни прегледи, запознавање со историјата на пациентката и внимателно следење на симптомите, оваа постапка се покажува како исклучително корисна и сигурна метода, која често води кон успешно износена бременост и среќен исход за мајката и бебето.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!