Коронарниот стрес-тест, познат и како ергометриски тест на оптоварување, е сигурно и докажано функционално кардиолошко испитување. При тестирањето, пациентот се движи на ергометриска лента, при што брзината и наклонот постепено се зголемуваат. Во текот на целото испитување пациентот е поврзан со електроди поставени на градниот кош, преку кои континуирано се следи ЕКГ-записот, додека на левата надлактница се поставува манжетна за повремено мерење на крвниот притисок.
„Зголемувањето на брзината и наклонот на лентата се спроведуваат систематски, според утврдени протоколи, од кои најчесто се применува протоколот на Брус. Тестот вообичаено трае од шест до девет и пол минути, во зависност од возраста, физичката подготвеност и здравствената состојба на пациентот“, објаснува д-р Горјан Крстевски, специјалист по кардиологија.
Кои податоци ги добива кардиологот од стрес-тестот?
Според д-р Крстевски, со успешно изведен стрес-тест, кардиологот добива повеќе значајни информации за работата на срцето при физичко оптоварување. Се следат динамиката и вредностите на крвниот притисок, вклучително и дали тие се приближуваат или ги достигнуваат максимално дозволените граници. Падот на крвниот притисок, иако е редок и неочекуван, претставува важен клинички параметар. Се следат и срцевата фреквенција и начинот на кој таа се зголемува од почетната до максимално дозволената вредност, која се определува според возраста на пациентот. Во текот на тестот континуирано се следи и срцевиот ритам. Најпосакуван е уреден синусен ритам, но секоја промена се регистрира и се проценува.
„Особено внимание се посветува на евентуалната појава на екстрасистоли, односно таканаречени ‘прескокнувања на срцето’. Тие може да потекнуваат од преткоморите или од коморите и да се јавуваат поединечно, во парови или во форма на бигеминија, при што секој втор срцев удар е екстрасистола. Многу ретко, физичкото оптоварување може да предизвика и посериозни нарушувања на ритамот, како вентрикуларна тахикардија или вентрикуларна фибрилација“, објаснува д-р Крстевски.
Еден од најважните параметри е следењето на ST-сегментот на ЕКГ-записот. Појавата на дискретна депресија на ST-сегментот во одредени одводи може да упати на сомнение за коронарна артериска болест. Многу поретко може да се појави елевација на ST-сегментот, што претставува сериозен наод и може да укаже на коронарна болест која бара итна процена и болнички третман.
Како треба да се подготви пациентот?
На денот на испитувањето пациентот треба да ја земе редовната терапија и да ги консумира вообичаените оброци, значи нема потреба да дојде гладен. Се препорачува да носи удобни обувки погодни за пешачење. За време на коронарниот стрес-тест пациентот пешачи, а не трча, па затоа не е неопходно обувките да бидат професионални патики за трчање.
Кога не се препорачува стрес-тест?
Коронарниот стрес-тест најчесто е контраиндициран кај пациенти што во моментот имаат активна болка во градите. Причина за одложување може да бидат и високи почетни вредности на крвниот притисок повисок од 150 mmHg или 160 mmHg, бидејќи тој физиолошки се зголемува за време на физичкото оптоварување.
„Кај пациенти со повисок почетен притисок, максимално дозволените вредности може да се достигнат многу побргу. Пациентите со повреди на нозете, лумбоишијалгија или неодамнешни поголеми оперативни зафати можеби нема да можат соодветно да го изведат тестот. Сепак, секој случај се разгледува индивидуално, во зависност од здравствената состојба и процената на кардиологот“, објаснува д-р Крстевски.
Коронарниот стрес-тест е проверена и сигурна метода за функционално испитување на срцето. Иако има пониска сензитивност, односно не ги открива сите случаи на коронарна болест, тој има повисока специфичност, што значи дека позитивниот наод со голема веројатност упатува на постоење на болест. Неговата вредност е особено голема кога се толкува заедно со другите кардиолошки испитувања, како што се: доплер-прегледите, ехокардиографијата и холтер-мониторирањето.
Клиничката болница „Аџибадем Систина“ нуди промотивни кардиолошки пакети кои опфаќаат повеќе кардиолошки услуги, со цел обезбедување сеопфатна грижа за здравјето на срцето. Пакетите се наменети за превенција, како и за прецизна и навремена дијагностика на кардиоваскуларните заболувања.


