Д-р Никола Лазовски, специјалист по ендоваскуларна и васкуларна хирургија, вели дека ендоваскуларната аортна репарација се разви од ризична алтернатива во сеопфатна дисциплина, која опфаќа дијапазон од едноставни аортни процедури до сложени реконструкции на повеќе крвни садови.
ОСНОВНИ ПРОЦЕДУРИ: EVAR И TEVAR
Стандардниот инфраренален EVAR за третман на абдоминалната аорта и класичниот торакален TEVAR за градната аорта се базираат врз строго дефинирани анатомски критериуми, како што се: доволна должина на одредени сегменти од аортата и здрави зони за сигурно закотвување на стент-графтот. Според д-р Лазовски, овие модуларни ендоваскуларни процедури бараат исклучително прецизно поставување, како и доживотно следење на пациентите поради можноста од појава на протекување или миграција на графтот. Сепак, кај пациенти со соодветна анатомија, EVAR и TEVAR во голема мера ги имаат заменето традиционалните отворени операции на аортата, благодарение на нивната помала инвазивност, пократкиот период на закрепнување и подобрената безбедност за пациентите.
КОМПЛЕКСНИ СЛУЧАИ
Комплексните случаи се јавуваат кога стандардните методи за третман не можат безбедно да се применат, најчесто затоа што аневризмата се наоѓа во близина на важни крвни садови кои снабдуваат витални органи. Такви примери се: јукстареналните аневризми, кои се наоѓаат веднаш до артериите на бубрезите, торакоабдоминалните аневризми што зафаќаат дел од аортата во градниот и абдоминалниот предел, како и патологиите на лакот на аортата. Во овие ситуации е неопходно да се зачува протокот на крв кон бубрезите, цревата и другите органи, па затоа се користат специјални фенестрирани или гранчести стент-графтови. Тие се уреди со прецизно поставени отвори или гранки кои се усогласуваат со артериите на виталните органи, а често се поврзуваат со нив преку таканаречени мостовидни стентови, при што понекогаш е потребен пристап и преку артериите на раката. Во одредени ситуации, особено при итни случаи или кога анатомијата на пациентот е невообичаена, се користат и графтови модифицирани од лекар (PMEGs), при што хирургот на оперативната маса го приспособува готовиот уред со создавање на засилени отвори, за да се овозможат правилно поставување и зачувување на протокот на крв кон важните органи.

ГРАНИЦАТА Е КАЈ ЛАКОТ НА АОРТАТА
При поправките на лакот на аортата се користат ласерска или други типови ин ситу фенестрација (создавање отвори на графтот ретроградно преку ласерски или друг вид катетер) и стентови за лак со гранки, кои се користат самостојно или со хибридно хируршко дебранчирање, нудејќи ендоваскуларни опции за патологии во Зона 0 што порано бараше отворање на градната коска или градниот кош.
Успешниот третман бара прецизно усовршување на методите за снимање и анализа на аортата, добро познавање на достапните ендоваскуларни уреди, како и стручност во одлучувањето кога тие треба да се модифицираат или да се применат индивидуализирани решенија.
„Без разлика дали станува збор за едноставна инфраренална аневризма или за комплексна реконструкција на лакот на аортата, основната цел на третманот останува иста – да се исклучи патологијата, притоа зачувувајќи го протокот на крв со минимална агресија кон пациентот, со што се намалува оперативната траума, се овозможува побрзо закрепнување на пациентот и се постигнуваат подобри долгорочни резултати“, објаснува д-р Лазовски.
ЕНДОВАСКУЛАРНА И ВАСКУЛАРНА ХИРУРГИЈА ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“
Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се применуваат сите горенаведени ендоваскуларни техники, со цел ефикасен и безбеден третман на болестите на аортата. Неодамна во болницата беше успешно третиран 68-годишен пациент од Косово со таканаречена станфорд тип Б-дисекција на аортата (раслојување на ѕидот на аортата) со високоризични критериуми. Според д-р Лазовски, анатомските карактеристики кај пациентот не дозволувале друг пристап освен покривање на поголем дел од лакот на аортата со стент-графт.
„Анатомијата на пациентот не дозволуваше друг начин на третман освен покривање на значителен дел од лакот на аортата со стент. За да се зачува протокот на крв низ артериите, кои ги снабдуваат мозокот и левата рака, а кои излегуваат токму од тој сегмент на аортата, постоеше само една изводлива опција. Поради претходни операции и зрачење во пределот на вратот, не беше возможна хируршка бајпас-процедура. Затоа беше изведен целосен ендоваскуларен третман на овој дел од аортата заедно со виталните крвни садови, исклучиво преку стентирање“, објаснува д-р Лазовски.

За време на интервенцијата најпрво беше поставен главен аортен стент-графт (TEVAR) во лакот на аортата. Потоа, преку артеријата на левата рака беше направена фенестрација во главниот стент и поставен дополнителен стент за одржување на протокот кон левата рака. Дополнително, преку артеријата што го снабдува мозокот беше имплантиран уште еден стент покрај TEVAR-графтот, со цел да се обезбеди нормална циркулација кон мозокот. Интервенцијата беше успешно изведена, а пациентот беше во одлична состојба и отпуштен од болницата само два дена по процедурата. Пациентот Назми Хиколи од Косово ја изрази својата искрена благодарност до целиот медицински тим и персонал, кои беа вклучени во неговиот третман, истакнувајќи ги нивната професионалност, посветеност и грижата што ја добил за време на лекувањето.

