Кашлицата претставува физиолошки рефлексен одговор на респираторниот тракт, со цел отстранување и елиминација на иританси, секрет или туѓи тела од дишните патишта.
Според прим. д-р Емилија Манасиевски, специјалист по педијатрија, не постои дете кое ниту еднаш немало кашлица во текот на животот. Кашлицата како симптом се јавува кај речиси 70% од дечињата, најчесто во тек на акутни респираторни инфекции.
„Кај околу 50 % од децата кашлицата може да се јави како симптом и во отсуство на инфективно заболување. Токму затоа кашлицата, како еден од најчестите симптоми во детската возраст, често предизвикува загриженост кај родителите и претставува една од главните причини за посета на педијатриските амбуланти“, вели д-р Манасиевски.
Кога кашлицата кај децата е повеќе од обична настинка?
Постојат повеќе параметри врз основа на кои се проценуваат сериозноста и тежината на кашлицата како симптом кај децата.
„Од особена важност се времетраењето и интензитетот на кашлицата, нејзиниот карактер и звук, како и тоа дали е придружена со отежнато дишење и свирење во градите. Исто така, важно е дали станува збор за сува или влажна кашлица со секрет, во кој период од денот се јавува и кога е најинтензивна, како и дали е постојана, повремена или пароксизмална како во напади итн.“, објаснува д-р Манасиевски.
Кога се потребни дополнителни испитувања?
Врз основа на детално земена анамнеза, добра клиничка проценка и аускултација на белите дробови, се поставува иницијална диференцијална дијагноза за етиологијата и потенцијалната сериозност за кашлицата како симптом и потребата од понатамошни иследувања кај децата.
Според д-р Манасиевски, во најголем дел од случаите, особено при акутни вирусни инфекции без компликации не се потребни иследувања. Иницијално диференцијална крвна слика е сосема доволна за проценка на етиологијата на заболувањето.
Кои дополнителни дијагностички методи се потребни при евалуација на кашлицата?
Биохемиските анализи како што се крвна слика и CRP се најчестата појдовна точка во дијагностиката. Во зависност од потребите на пациентот, на располагање се и други методи како што се:
· микробиолошка дијагностика (вирусолошка и бактериолошка анализа на причинителот), која претставува микробиолошки метод достапен во нашата болница за брза и егзактна дијагноза на причинителот на заболувањето
· радиолошки имиџинг-методи како што се ЕХО, РТГ или КТ на бели дробови, кои се резервирани за потешките случаи со настанати компликации на долните дишни патишта како на пр. бронхопневмонија, плеврален излив, ателектаза итн.
· алерголошки испитувања, кои се индицирани при сомнение за алергиска етиологија на кашлицата, така што тука спаѓаат серолошка анализа на тотален и специфичен имуноглобулин Е, кутани прик- тестирања за инхалаторни и нутритивни алергени итн.
· функционални белодробни тестирања, како што се: спирометрија, бронходилататорен тест, ФЕНО и сл., кои се индицирани за состојби каде што постои сомнение за хроницитет на тегобите и диференцијална дијагноза на астма.
Кашлицата како симптом претставува едно големо ѕвездено небо под кое можат да се кријат бројни состојби, но ние како лекари сме во функција да го толкуваме и идентификуваме соѕвездието кај секое наше пациентче.

