Во светот на современата акушерска медицина, постојат интервенции за кои ретко се зборува, но кои во одредени ситуации можат да бидат пресудни за текот на бременоста. Амниоинфузијата е една од нив – постапка што денес се применува селективно и исклучиво по строги медицински индикации, но во специфични случаи може да биде од клучно значење за дијагностика или терапија.
Во разговор со д-р Гордана Петровска, специјалист по гинекологија и акушерство од Клиничка болница Аџибадем Систина, откриваме што точно претставува оваа интервенција, кога се применува и колку е безбедна за мајката и плодот.
Амниоинфузијата е инвазивна метода при која со исклучително тенка, атрауматска игла под ултразвучна контрола се влегува во амнионската празнина и се вбризгува стерилен раствор, најчесто физиолошки, загреан на соодветна температура. Иако историски методата има различни фази на примена – од предизвикување абортус во 60-тите години, преку употреба при породување во 80-тите – денес таа има сосема поинаква, строго дефинирана улога.
Во современата пракса, амниоинфузијата најчесто се користи кога постои сериозно намалена или целосно отсутна плодова вода (олигохидрамнион), со цел да се постави точна дијагноза или, во одредени случаи, да се подобри состојбата доколку причината е плацентарна инсуфициенција. Недостатокот на околуплодова вода може да биде поврзан со аномалии на бубрезите кај плодот, прснат воденик што мајката не го забележала или нарушена функција на постелката – состојби што бараат прецизна проценка и внимателно следење.
Иако самата процедура трае неколку минути и се изведува амбулантски, без потреба од анестезија и хоспитализација, ризици постојат. Можни се инфекција, крвавење, прснување на воденикот, па дури и предвремено породување. Токму затоа, како што потенцира д-р Петровска, одлуката за интервенција се носи внимателно и секогаш по темелен разговор со пациентката.
Ова интервју напраевно за Женски Магазин отвора важна тема за сите трудници – колку се значајни редовните контроли, ултразвучното следење и довербата кон лекарот што ја води бременоста. Амниоинфузијата не е рутинска постапка, но кога е правилно индицирана и стручно изведена, може да помогне во навремено дијагностицирање и управување со ризични состојби, со една единствена цел – заштита на здравјето на мајката и бебето.
ЖМ: Што точно претставува амниоинфузијата и кога првпат се воведе како медицинска постапка во акушерството?
Д-р Петровска: Амниоинфузија е инвазивна метода со која со тенка атрауматска игла се влегува во амнионската течност на плодот и се вбризгува течност. Историјатот започнува уште во 1960 година кога првпат почнало да се употребува, меѓутоа цервикално, со вбризгување на концентриран раствор на солена течност, со цел да се предизвика абортус кај плодот. Поради бројни инфекции, компликации и крвавења, таа метода е напуштена во таа дијагностичка постапка. Понатаму свој подем развива околу 80-тите години и најчесто се користи исто така цервикално, во актот на породувањето кај пациентки каде што има меконијална плодова вода заради разбивање на мекониумот, за да се намали ризикот за бебето да аспирира меконијална плодова течност. Ја користеле кај пациенти кај кои имало знаци на притисок на папочната врвка врз плодот. Меѓутоа, со развојот на новите методи на следење на тие состојби, таа метода исто така е напуштена. Понатаму почнува да се користи кај пациентки кај кои имаме многу предвремено прскање на воденикот и тогаш првпат се започнува да се става течност со боцкање преку стомакот, односно трансабдоминално. Со ставање на игла, односно траен катетер за да струи вода постојано, се вбризгува еднаш на ден. Со ова сум имала искуство, се користеше кај пациентки што биле во 26-27. гестациска недела со лошо акушерско минато, со цел да се намали притисокот врз бебето и да достигнат некоја гестациска возраст со која ќе се зголемат квалитетот и можноста за преживување. Меѓутоа, денес исто така со развојот на интензивната неонатална нега, оваа метода се користи многу ретко, или јас веќе не сум сретнала дека се користи. Во денешно време амниоинфузијата се користи исклучиво кај пациентки што немаат плодова вода или имаат многу мала количина вода за поставување на дијагноза и евентуална терапија.
ЖМ: Во кои ситуации најчесто се препорачува амниоинфузија кај трудници?
Д-р Петровска: Како што рековме, во денешно време, кај пациентки со отсутна плодова вода, за детектирање на евентуални аномалии, односно за да се најде причината за отсуство на околуплодовата вода и доколку станува збор за плацентарна инсуфициенција, се прави обид да се помогне во подобрување на нејзината функција.
ЖМ: Дали оваа интервенција се изведува само во одреден период од бременоста или и за време на породувањето?
Д-р Петровска: За време на породувањето оваа практика е напуштена, а во бременост во првиот триместар не се користи, се користи во вториот и третиот триместар.
ЖМ: Колку е сериозен проблемот со намалената плодова вода и како тој може да влијае врз бебето?
Д-р Петровска: Сè зависи од причината поради која дошло до намалување на околуплодовата вода. Кога не знаеме што е причината, ставаме течност, тоа е најчесто физиолошки раствор, претходно загреан, бидејќи е најблизок до составот на плодовата вода за да ја најдеме причината. Може да е аномалија на бубрези или други бројни аномалии поврзани со отсуство на плодова вода. Кога нема да најдеме ултразвучно детектибилни аномалии, најчеста причина е плацентарната инсуфициенција.
ЖМ: Во кои случаи амниоинфузијата може да биде клучна за подобрување на состојбата на плодот?
Д-р Петровска: Само во случаи во кои причината за намалена плодова вода е плацентарна инсуфициенција, само тогаш би имале бенефит од амниоинфузијата во терапевтски цели.
ЖМ: Дали постојат ситуации кога амниоинфузијата не се препорачува?
Д-р Петровска: Апсолутно. Таму каде што имаме веќе податок дека станува збор за прснат воденик, каде што имаме инфекција, хориоамнонит или покачена телесна температура се ситуации каде што е контраиндицирано ставање на амнионска течност.
ЖМ: Како практично изгледа самата процедура – дали е болна и колку трае?
Д-р Петровска: Самата процедура не е болна, односно се чувствува само убодот, бидејќи се работи со атрауматски игли кои се екстремно тенки и се работи под контрола на ултразвук. Трае неколку минути, во зависност од тоа каде се наоѓа просторот, за колку време ќе се најде соодветниот простор и колкава количина течност треба да се инфундира во амнионската течност.
ЖМ: Дали трудницата мора да биде хоспитализирана и колку долго трае закрепнувањето?
Д-р Петровска: Не, нема потреба од хоспитализација. Оваа процедура се работи амбулантски, без анестезија и нема никаква потреба од хоспитализација на пациентката, ниту, пак, од период на закрепнување. Истиот ден се препорачува мирување, а после во зависност од ситуацијата се назначуваат редовни контроли.
ЖМ: Кои се можните ризици и компликации поврзани со амниоинфузијата?
Д-р Петровска: Прскање на плодовата вода и инфекција се најчести компликации, како и крвавење, меѓутоа како најтешка е угинување на плодот.
ЖМ: Колку бргу се забележуваат позитивни ефекти по извршената амниоинфузија?
Д-р Петровска: Зависи за што ја користиме. Може да ја користиме во случаи каде што треба да детектираме дека намалената плодова вода, односно отсуството на плодова вода е поради прскање на воденикот, кој мајката не го забележала. Можно е да течело по малку, па таа да мисли дека станува збор за вагинален секрет. По вбризгувањето на течност, пациентката веднаш ќе ни даде податок дека ѝ тече вода вагинално. Со тоа веќе поставуваме дијаноза на прснат воденик. Доколку воденикот не е прснат, веднаш по вбризгувањето на течноста, забележуваме зголемување на плодовата вода и продолжуваме со постапките, барање на причината што довела до намалување на плодовата вода.
ЖМ: Дали оваа постапка секогаш го решава проблемот со намалената плодова вода или понекогаш е потребно повторување?
Д-р Петровска: Не го решава секогаш, како што напоменав и претходно, зависи од причината. Малку сме внимателни за да не направиме прекумерно вбризгување на плодова вода. Обично ставаме помала количина, па ја закажуваме пациентката за недела до две. Ако не е повторно редуцирана целата вода и имаме потреба од уште поголема количина вода, тогаш ја повторуваме постапката за недела до две.
ЖМ: Како се следи состојбата на бебето по интервенцијата?
Д-р Петровска: Оваа интервенција се прави под контрола на ултразвук со помош на ултразвучен апарат и кардиолошко следење на плодот, односно со помош на доплер ги надгледуваме крвните садови затоа што е многу битно безбедно да влеземе во простор во кој нема да го загрозиме плодот. Овие игли се обележани по целата нивна должина, така што секогаш ја следиме местоположбата на иглата и со помош на доплер ги следиме крвните садови на плодот, како и срцевиот ритам, срцевата фреквенција.
ЖМ: Со какви најчести стравови и прашања доаѓаат трудниците кога им се предлага амниоинфузија?
Д-р Петровска: Пациентките не знаат дали ќе им се предложи амниоинфузија, бидејќи тоа, за жал, многу ретко се прави кај нас. Кога ќе се постави индикација за таква интервенција, нормално е да прашаат дали процедурата е болна, дали е безбедна, како се изведува, колку долго трае, колку време ѝ е потреба рехабилитација.
ЖМ: Што би им порачале на жените што се двоумат дали да ја прифатат оваа интервенција?
Д-р Петровска: Кога имаат таков проблем, на пациентките им препорачувам да одберат доктор што има строга супспецијалност за патолошка и високоризична бременост, за да може соодветно да им ги објасни придобивките и ризиците од самата интервенција. По заеднички разговор и договор, пациентките даваат согласност за интервенцијата по претходно нивно информирање за сите придобивки и ризици.
ЖМ: Дали постои ризик амниоинфузијата да предизвика предвремено породување?
Д-р Петровска: Да, постои.
ЖМ: Како трудниците можат навреме да препознаат дека имаат проблем со намалена плодова вода?
Д-р Петровска: Најчесто првите знаци ги забележува докторот што ја води бременоста, а знаци што може да ги забележи трудницата се намалени фетални движења.
ЖМ: Дали постојат превентивни мерки или животни навики што можат да помогнат во одржување на нормално количество амнионска течност?
Д-р Петровска: Пациентките обично се во заблуда дека со пиење на поголема количина течност – вода ќе ја зголемат плодовата вода. Прекумерниот внес на јаглехидрати, зголемената телесна тежина, покачениот крвен притисок, како и консумацијата на алкохол и никотин, влијаат врз функцијата на постелката, а со тоа индиректно на плодовата вода.
ЖМ: Колку се важни редовната контрола и ултразвучното следење во вакви случаи?
Д-р Петровска: Во сите случаи на бременост, редовната контрола е клучна за одредено докажување на одредени проблеми и нивно успешно решавање, така што контролите се препорачуваат да бидат еднаш месечно, кај нормални бремености.
ЖМ: Кога би требало да се бара второ мислење?
Д-р Петровска: Секоја пациентка, кога ќе има проблем, има право да си побара второ, трето, шесто мислење.
ЖМ: Која е Вашата најважна порака до трудниците кога станува збор за амниоинфузијата и грижата за здравјето на мајката и бебето?
Д-р Петровска: Пациентките знаат дека треба добро да се распрашаат на кој доктор ќе му ја дадат довербата за следење на својата бременост. Потребно е да постои заемна доверба, да ги слушаат советите на својот доктор, така што секогаш ќе имаат навремена информација за сите состојби и евентуални процедури кои треба да се прават во интерес на мајката и бебето.



