Нервозно црево е гастроинтестинално нарушување, кое се карактеризира со хронична стомачна болка, промена на цревно празнење и отсуство на органска болест. Тоа е најчесто дијагностицирана гастроинтестинална состојба и најчеста здравствена причина за консултација со гастроентеролог. Доктор Димитар Трајков, гастроентерохепатолог, истакнува дека застапеност на синдромот на нервозно црево во целата популација е приближно 15 %. Најчесто се среќава кај жените и кај лицата на возраст под 50 години.

Поделба
– Пациенти предоминантно со дијареја – пролив
– Пациенти со предоминантна опстипација – запек
– Комбинација од дијареја и опстипација
– Некалцифициран облик кој не ги задоволува критериумите на трите групи

Симптоми
– Хронична болка во стомак во облик на грчеви
– Проливни столици
– Запек
– Наизменично појавување на пролив и запек
– Надуеност и гасови во стомакот

Причина
Причината за појава на оваа состојба е од непознато потекло. Познато е дека кај овие лица постои зголемена чувствителност на цревата и нарушена комуникација меѓу централниот нервен систем и дигестивниот систем. Симптомите може да се поизразени кога пациентот е под стрес, со анксиозност, при недоволен сон, консумирање на одредени видови храна, инфекции и нарушување на цревната флора.

Исхрана

Симптомите може да се поизразени по консумирање:

  • масна и пржена храна
  • храна што создава повеќе гасови
  • газирани пијалаци
  • алкохол
  • кафе
  • одредени млечни производи.

Важно е да се знае дека не постои „забранета листа“ за сите пациенти. Секој пациент има различни предизвикувачи, па затоа е корисно да се води дневник за исхраната и симптомите.

Како се поставува дијагнозата?

Дијагнозата ја поставува лекар врз основа на клиничките симптоми и со исклучување на други заболувања. „Доколку има појава на крв во столицата, необјаснето слабеење, слабокрвност или симптоми што започнале во подоцнежна возраст над 45 години, потребни се дополнителни испитувања“, објаснува д-р Трајков.

Терапија

Лековите можат да ги намалат симптомите. Ниту еден третман нема комплетно да ја излечи оваа состојба. Не постои единствен лек што целосно го отстранува иритабилниот колон, но симптомите успешно можат да се контролираат.

 Третманот најчесто вклучува:

  • промени во исхраната,
  • редовна физичка активност,
  • намалување на стресот,
  • медикаменти – лекови што ја намалуваат дијарејата, запекот, лекови што намалуваат стомачни грчеви, антидепресиви.

Многу пациенти забележуваат значително подобрување со редовно движење, балансирана исхрана и подобра контрола на стресот.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!