ОДМОР ЗА ТЕЛОТО, ОДМОР И ЗА УМОТ

odmor za teloto odmor za umot

Летото, одморот и нашето ментално здравје

Летото најчесто го поврзуваме со сонце, патувања и безгрижност. Но, дали доаѓањето на летниот период и промената на секојдневната рутина се доволни за да се чувствуваме подобро?

М-р д-р Верица Малинкова Димовска, специјалист по психијатрија, објаснува дека одморот може да ни помогне да ги обновиме енергијата и психофизичката рамнотежа, но не може сам по себе да ги реши проблемите што подолго време ги носиме во себе.

На мозокот му е потребно време за адаптација

„На мозокот му е потребно време за да се ‘исклучи’ од постојаниот стрес. Понекогаш првите денови од одморот не се период на релаксација, туку на адаптација- момент кога конечно почнуваме да го чувствуваме заморот што сме го потиснувале во текот на годината.

Вистинскиот одмор не подразбира совршена дестинација, исполнет распоред и најубави фотографии. Понекогаш најголема вредност имаат едноставните моменти: квалитетен сон, прошетка, разговор со блиските и време во кое не мора постојано да брзаме“, објаснува д-р Малинкова Димовска.

Грижата за менталното здравје не е луксуз

Грижата за менталното здравје е важен дел од грижата за целокупното здравје.

„Важно е да се потсетиме дека социјалните мрежи најчесто ја прикажуваат само најубавата страна од животот. Не треба да го споредуваме сопствениот реален ден со нечии внимателно избрани моменти.

Понекогаш ниту одморот ниту убавите моменти не носат олеснување. Доколку подолго време се присутни анксиозност, тага, губење интерес или исцрпеност, можеби ни е потребно повеќе од само пауза.

Повеќе моменти на мир и поврзаност

Препораката е да создадеме лето во кое нема само да се стремиме да „издржиме“ до одморот, туку ќе пронаоѓаме повеќе моменти на мир, присутност и поврзаност- со себе и со луѓето што ги сакаме.

Одморот не мора да биде совршен за да биде корисен. Понекогаш е доволно да си дозволиме да забавиме, да се одмориме без чувство на вина и навреме да препознаеме кога ни е потребна дополнителна стручна поддршка.

Доколку подолго време чувствувате анксиозност, тага, исцрпеност или губење интерес, разговарајте со стручно лице и побарајте навремена поддршка.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!